Забраната за продажба на книгата на Стојан Андов, тргањето од репертоар на стендап-настапот „Северно од Македонија“ на Сашо Тасевски, „Северно од Македонија“, цензурата на филмот „Ругање со Исус“… се само некои од поновите примери на пресметка на власта со уметници и автори што обработуваат контроверзни теми. Во претходните години цел на цензура биле уметниците Ирена Паскали, Игор Тошевски, уметничката група ОПА, Атанас Ботев, скулпторот Томе Аџиевски со својот Прометеј и уште многу други
Уметниците и авторите што продуцираат дела што критично ги разгледуваат доминантните општествени норми и политичката средина отсекогаш биле ефективно замолчувани преку директна цензура или преку автоцензура. Во сите македонски системи и власти на цел биле особено уметничките дела што ги разгледуваат државниот идентитет, историските настани, сексуалната ориентација, патријархалните општества, православието, па дури и прашањата поврзани со политичкото управување. Оттука, сметаат некои критичари, овие теми полека но сигурно исчезнуваат од уметноста.
Забраната за продажба на книгата на Стојан Андов, со наслов „До атентатот и по него“, бидејќи во него се имплицирала вмешаност во атентатот на Киро Глигоров на Љубомир Фрчкоски, повторно го актуализира прашањето за постоење на цензура. Според авторот на книгата, самата идеја за забрана на книга од ваков карактер, која зборува за важни периоди од историјата на нашата земја, е лош потег.
Тој додаде дека ќе ги искористи сите правни средства оваа одлука да се укине.
Актерот Сашо Тасевски реагираше на забраната на книгата на Андов.
– Ова е невидено. Наместо да се истражат тврдењата на Андов за вмешаноста на Фрчко во атентатот на Киро, судот ја забрани книгата. Како мислите ја забрани? А слобода на мислата, 21 век, демократија? – напиша тој на социјалните мрежи.
Претходно неговиот стендап „Северно од Македонија“ беше тргнат од репертоарот на Прилепскиот театар, иако веќе беа продадени двесте билети. Претставата требаше да се игра на 31 март, во домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп. Слично се случи и со филмот „Ругање со Исус“, дебито на македонскиот режисер Јани Бојаџи, кој потоа доби награда на филмскиот фестивал во Монтреал. Филмот беше актуелен по реакциите од Министерството за култура Асаф Адеми и од директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, кои, иако рекоа дека не го гледале филмот, туку само трејлерот, го оценија како скандалозен, без уметничка вредност и оти ги навредува чувствата на Албанците.
И премиерот Зоран Заев побара со закон да се спречи говорот на омраза во филмот „Ругање со Христос“.
Но ова не се ни први ни единствени случаи на цензура во уметноста и културата во нашето опкружување. И во времето на претходната власт имаше голем број примери на враќање на сцена на старите идеолошки практики, оние по 1946 година, кога се забранувале театарски претстави, книги, песни, раскази, есеи, студии, весници, списанија… Македонските уметници што обработуваат контроверзни теми што не наидуваат на одобрување од страна на властите отсекогаш биле замолчувани преку директна цензура или барем преку автоцензура.
Кога во 2014 година уметницата Ирена Паскали направи билборд-постер со кој го постави прашањето зошто толку многу Македонци избраа да плаќаат двапати за комуналии наместо да приговорат што двојно им е наплатено, таа не ја доби реакцијата што ја очекуваше. Нејзиниот билборд требаше да биде дел од изложбата „Уметност на билборд“, но, на изненадување на Паскали, организаторите на изложбата не можеа да најдат македонска печатница што сака да го испечати билбордот, кој таа го нарече: „За секое семејство дупло – за доброто на Македонија“. Овој случај беше индикатор дека, доколку уметничкото дело не ги поддржува политиките на владата, постои голема шанса тоа да биде цензурирано.
Во 2013 година инсталацијата наречена „Сета убавина мора да умре“ на Велимир Жерновски стана предмет на напади, наводно од навредени македонски граѓани. Поставено во центарот на Скопје, на Денот на независноста, делото содржеше серија тврдења и прашања со розови букви што ги предизвикуваа сексизмот и прашањата на македонскиот идентитет. Жерновски ги опиша нападите, објавени во медиумите, како „пропагандна машина… што работи толку ревносно што се чини дека државата е под воена опасност“.
Во 2012 година билбордот на уметничката група ОПА, кој е сатира на тврдењата дека црковна фреска магично се исчистила самата, беше искинат неколку часа по поставувањето, наводно од страна на религиозни граѓани. Потоа скулптурата на митскиот јунак Прометеј од Томе Аџиевски беше делумно покриена со бронза откако една организација за правата на жените се пожали дека гениталиите на статуата биле премногу видливи.
Во 2009 година градските власти на Скопје го избришаа џиновскиот жолт крст нацртан на главниот плоштад од страна на уметникот Игор Тошевски, и покрај тоа што тој претходно добил одобрување од градот за тоа дело. Крстот се наоѓаше на планираната локација за изградба на нова православна црква и беше интерпретиран како критика за користењето на јавен простор за религиозни цели.
Во 2008 година билборд на уметникот Атанас Ботев, користен за промоција на неговата изложба што се однесува на жестоко оспоруваните настани поврзани со масовното прогонување на Македонците од Егејска Македонија, беше отстранет. Делото содржеше грчко знаме што се претвора во свастика, алудирајќи на нацистичка Германија.
Десет држави што ја цензурираа уметноста
Онлајн-списанието „Хипералергик“ во 2017 година направи список на десет држави од светот во кои се забележани случаи на цензура во уметноста. На списокот се најде и соседна Србија со приведувањето на уметниците Владан Јеремиќ и Урош Јовановиќ поради два перформанса што ги изведоа одделно на отворањето на Музејот на современата уметност во Белград, во октомври 2017 година. Затворањето на уметниците предизвика бурни реакции на домашната и на меѓународната уметничка сцена. На списокот држави со случаи на цензура се најдоа и Бразил, Кина, Унгарија, Полска, Русија, Турција, Уганда, Обединетите Арапски Емирати и САД.
Причината што Бразил се најде на списокот е затворањето на изложбата „Квирмузеум“ од ултрадесничарска група што оценила дека станува збор за богохулење и промовирање педофилија. Во Кина беа цензурирани делата на уметникот Жао Банди – имиграциските власти не му дозволиле да ги внесе во Кина делата што укажуваат на огромните размери на масовниот надзор и орвеловската атмосфера. Во Виена, само неколку часа пред отворањето на изложбата, било отстрането делото на авторите Лила Лоринц и Јанос Борсос, кое го прикажувало унгарското знаме, со процена дека е политичко и дека би можело да претставува навреда за националните симболи. Полска се најде на списокот поради случајот на смена на Магдалена Срока од местото директорка на Полскиот филмски институт, поради што протестираа и водечките европски филмски автори и продуценти. Русија е на списокот на држави со случаи на цензура во уметноста пред сè поради апсењето и притворањето на театарскиот режисер Кирил Серебреников, директор на театарот „Гогољ“ во Москва, кој под негова управа стана место на многу либерални и прогресивни проекти.
Во Турција цензурата е вообичаена појава на уметничките сцени, но во 2017 година власта отиде чекор подалеку и ги забрани сите културни геј-настани. Уганда е на списокот поради бруталниот прекин на Квир-филмскиот фестивал во Кампала што се одржуваше во декември. Цензурата во Обединетите Арапски Емирати, исто така, не е редок случај, а во декември на нишан беше сликата од саудискиот уметник Абдулнашер Гарем, која беше отстранета од Саемот на уметност во Абу Даби поради наводно предизвикување верска поделба.
Македонски индекс на забранети дела
Во Македонија, во периодот од 1946 година до 1993 година постоел македонски индекс на забранети дела. Такви примери се песната „Без наслов“ на Димитар Јоновски од 1974-та, случај за кој е поведен судски процес, на списанието „Луч“ и други, но најмногу за забрани на театарски претстави. Меѓу нив се „За родниот кат“ во 1946 година и „Гоце“ во 1953-та, по текст на Венко Марковски, во 1951 година претставата „Задруга“ на Коле Чашуле, „Немирна рудина“ на Симон Дракул во 1956 година, „Свадбата на Мара“ на Љубиша Георгиевски во 1980-тите години, за која имало и судење, а потоа била донесена пресуда да се дозволи изведбата. Ваквите примери продолжиле и по осамостојувањето на земјата. Претставата „Евангелие по Јуда“ на Југослав Петровски во 1993 година се соочи со обиди за цензура по силните реакции од страна на МПЦ. Со политички „дилеми“ се соочи и претставата „Тито, сигурни дијаграми на копнежот“ во 2007 година.