Квалификациите се од март до ноември 2019-та, a 55 селекции од земјите-членки на УЕФА се поделени во 10 групи

Следните неколку дена фудбалска Европа ќе биде во знакот на квалификациските натпревари за Европското првенство (ЕП) во 2020 година, чија завршница ќе се одржува од 12 јуни до 12 јули, во 12 града, во Даблин, Лондон, Глазгов, Билбао, Минхен, Амстердам, Рим, Копенхаген, Санкт Петербург, Будимпешта, Букурешт и Баку. Завршницата, двата полуфинални меча, како и финалето, ќе биде на стадионот „Вембли“ во Лондон.
Овие квалификации по многу нешта се чудни. Прво ќе траат многу кратко, само осум месеци, од март до ноември 2019-та (порано по две години) и првпат, во дополнителните квалификации, нема да разигруваат селекции од квалификациите, туку од Лигата на нациите (ЛН).

Сите 55 селекции од земјите-членки на УЕФА се поделени во 10 групи, од кои во една половина има по пет, а во втората половина по шест селекции. Во групите со по пет се репрезентациите што во јуни ќе играат на финалниот турнир за победник во првото издание на ЛН. Тоа се домаќинот Португалија, Швајцарија, Англија и Холандија. Теоретски е можно, иако практично нереално, овие четири селекции во март следната година повторно да разигруваат за пласман на ЕП, доколку низ регуларните квалификации не бидат прво или второпласирани во групите и не обезбедат пласман во завршницата.

На финалниот турнир на ЕП 2020 ќе се најдат по две првопласирани репрезентации од 10-те групи, вкупно 20. Преостанатите четири ќе се добијат по разигрувањето во ЛН, од 26 до 31 март следната година (меѓу нив и е и Македонија, како првопласирана во групата Д, Лига Ц). Повторно теорија, односно доколку Македонија се пласира на ЕП 2020 преку квалификациите, местото во разигрувањето во ЛН, во март следната година ќе го заземе Ерменија.

Ваквата комплицирана шема е шанса за т.н аутсајдери да се најдат на завршниот турнир. Конкретно, од најслаборангираната Лига Д, каде што победници во групите беа Македонија, Белорусија, Грузија и Косово, најмалку една од тие репрезентации ќе игра на ЕП 2020. Можеби и повеќе, под услов тоа да го сторат преку регуларните квалификации, што реално е тешко остварливо.
Надвор од комплицираниот квалификациски систем, како фаворитите за триумф на ЕП 2020 (иако има уште многу време дотогаш) се издвојуваат неколку репрезентации. Пред сите, тоа е Франција, актуелниот светски првак од Русија 2018 и европскиот вицепрвак од 2016-та, предводени од Килијан Мбапе, Антоан Гризман, Пол Погба, кои се клучни играчи во тимот на „триколорите“. Шанси ѝ се даваат и на Хрватска, второпласираната селекција на СП 2018, но треба да се има на ум дека кај „коцкестите“ се случува смена на генерациите и во моментов го нема речиси половината тим од лани. Но искуството и квалитетите на Лука Модриќ, Иван Ракитиќ, Иван Перишиќ и на Домагој Вида, поткрепени со младоста и еланот на оние што ќе добијат поголема минутажа во квалификациите, се за респект.

Од другите селекции од кои се очекува да стигнат барем до полуфиналето на ЕП 2020, се Белгија, Шпанија и Англија, како и Германија, светскиот првак од 2014-та, која ќе сака да се рехабилитира за дебаклот и елиминацијата уште во групната фаза на СП 2018. И секако, Португалија со Кристијано Роналдо, која ќе ја брани титулата во 2016 година. Се разбира, како и секогаш, не се исклучени и изненадувања. 


За шампионот максимални 34 милиони евра

Репрезентациите (вкупно 24) што ќе се квалификуваат во завршницата на ЕП 2020 меѓу себе ќе поделат рекордни 371 милион евра, што е зголемување за 23 отсто во споредба со минатото ЕП 2016 во Франција.
Секоја репрезентација ќе добие по 9,25 милиони евра за пласман во завршницата на ЕП, плус 1,5 милион за победа, односно по 750.000 евра за нерешено во групната фаза.

Натаму следуваат нови пари за пласман во секоја наредна фаза од нокаут-рундата, по два милиона за пласман во осминафиналето, по 3,25 милиони за четвртфиналистите, по пет милиони за полуфиналистите, седум за вицепрвакот и 10 милиони евра за победникот. Тоа значи дека новиот европски шампион би можел да заработи максимални 34 милиони евра (ако победи и на трите меча во групната фаза), седум повеќе во споредба со 27-те милиони евра на Португалија во 2016 година.


Групата Г може да биде најнеизвесна!

Според некои предвидувања, прогнози, па и анализи, групата Г во која е Македонија, заедно со Полска, Австрија, Израел, Словенија и Летонија, би можела да биде најизрамнетата и најнеизвесна.
Полска ќе бара рехабилитација за лошото издание на СП 2018 година и за испаѓањето од лигата А, во ЛН. Адути на Полјаците се напаѓачкото трио Роберт Левандовски, Кшиштоф Пјатек и Аркадиуш Милик, кои можат да ѝ дадат гол на секоја одбрана. Австрија има силен среден ред, со талентирани фудбалери што играат во Бундес-лигата, предводени од Давид Алаба во одбраната и од Марко Арнаутовиќ во нападот. Македонија се пласира во ранг погоре, во лигата Ц во ЛН, а го има искусниот Горан Пандев, потоа Илија Несторовски и Александар Трајковски, кои играат во Италија, Езџан Алиоски во Англија, Енис Барди во Шпанија и други. Израел и Словенија секогаш се незгодни, а и Летонија не е за потценување.