Реџеп Таип Ердоган дојде на власт во 2003 година, нудејќи стабилно водство, нов поттик кон членството во Европската Унија (ЕУ) и погоден пристап за бизнис. Во изминатите неколку години Ердоган се отуѓи од западните сојузници, прифаќајќи дискутабилен пристап кон економијата. Изборот за купување на руска воена опрема претставува дополнителна причина за загриженост. Но, Ердоган има вистинска шанса за промена на курсот и за обновување на врската која е еднакво важна за Турција, како и за Европа и за САД, пишува „Фајненшл тајмс“.
Односите на Турција и Западот се дополнително влошени по несогласувањата со Австралија и со Нов Зеланд предизвикани од коментарите на Ердоган, во кои турскиот претседател го поврзува напаѓачот од Крајстчрч со битката на Галиполе од Првата светска војна, во која беа вклучени војници од трите споменати држави. Австралискиот премиер Скот Морисон го повика турскиот амбасадор во Австралија на консултации, додека премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн најави дека министерот за надворешни работи ќе отпатува во Турција за да се „соочи“ со ситуацијата.
Според американските власти, проблем претставува и инсталацијата на рускиот одбранбен систем С-400 во Турција, што ја доведува во прашање испораката на американските авиони Ф-35, предвидена за ноември. Американските закани вклучуваат санкции и запирање на испораката на авионите. Очигледното наклонување на Турција кон Истокот е пренагласено. Односите помеѓу Русија и Турција се значително подобрени во однос на 2015 година кога руски воен авион беше срушен од турските сили. Нивниот однос е делумно создаден од нужност, воден од руската вклученост во Сирија. Турција има граница долга 910 километри со државата зафатена од војна и прими повеќе од 3,5 милиони бегалци. Дипломатијата со Москва е витална за Турција.
Недовербата кон Западот е уште една пречка. Одлуката на САД да ги обучуваат курдските борци во Сирија предизвика анимозитет кај Турција поради блиската поврзаност помеѓу борците и Курдската работничка партија (ПКК), која е сметана за терористичка организација од страна на Турција и од САД. Одговорот на САД по повод апсењето на американскиот пастор Ендру Брансон во Турција, исто така, придонесе кон подривање на довербата на Анкара кон Западот. Американските царински тарифи ја турнаа Турција кон рецесија во втората половина на минатата година.
Но Западот, на Ердоган, му нуди најдобра прилика за заздравување на економијата, и покрај несогласувањата. За време на минатогодишната економска криза Турција се обрати кон Катар, Кина и Русија за помош, со скромни резултати. ЕУ и натаму останува најголем трговски партнер на Турција.
– По 31 март, Ердоган ќе има четиригодишен период без избори. Ваквата ситуација нуди време да ги ресетира дипломатските и економските односи. Тој нема да стане реформатор, но има прилика да го обнови односот на неговата држава со Западот. Како членка на НАТО што се граничи со Иран, Ирак и со Сирија, Турција е стратешки значаен партнер за САД, како и за ЕУ. И Вашингтон и властите во Европа покажаа волја да прогледаат преку падот на демократијата и да се фокусираат кон соработката во трговијата, во справувањето со бегалците и во борбата против тероризмот. Ердоган има моќ да ги спаси и обнови односите за доброто на сите вклучени страни – се наведува во анализата на „Фајненшл тајмс“.
Останува да се види како Турција и Западот ќе постапат понатаму и дали ќе дојде до промена на односите во осетливиот период што претстои.