Сите забелешки од извештаите за Македонија, кои ги изработуваат релевантни меѓународни фактори, треба да им бидат императив за работа на оние што ја раководат земјата, бидејќи без анулирање на посочените пропусти нема да може да сметаме на поддршката во меѓународната заедница, велат експертите
Остварувањето на стратегиската цел за зачленувањето во ЕУ и во НАТО е главен приоритет за Македонија. Токму затоа е разбирливо зошто се посветува големо внимание на извештаите на САД и на ЕУ во кои се анализира напредокот на земјата во исполнување на оваа цел, иако тие, во принцип, од година на година, се повторуваат. Токму неделава беше публикуван и годишниот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент, кој редовно се објавува од 1976 година и кој претставува основа врз која потоа се креира американската надворешна политика. Во заклучоците на делот посветен на нашата држава се истакнува дека властите во САД забележале одредени подобрувања, но и стагнирање во некои области што, според експертите, треба да се сфати како сериозно укажување во кои насоки треба да се работи.
Имено, универзитетскиот професор Атанас Козарев смета дека информациите што се наоѓаат во редовните годишни извештаи на Вашингтон и на Брисел се патоказ, кој државата треба да го следи доколку навистина сака стабилност и просперитет. Според него, сите забелешки што се внесени во овие документи или извештаи за Македонија треба да им бидат имератив за работа на оние што ја раководат земјата, бидејќи без анулирање на посочените пропусти нема да може да сметаме на поддршката во меѓународната заедница.
Инаку, во извештајот на Стејт департментот, меѓу другото, се вели дека во земјата цивилните власти одржуваат ефективна контрола врз безбедносните органи, постои високо ниво на корупција, подобрување на состојбата на медиумите, но и истовремено се преземени активности за спроведување истраги, обвиненија и казни врз официјални лица и државници што направиле злоупотреби.
Натаму во извештајот се забележува дека властите во Вашингтон заклучиле оти државните затвори и притвори не успеале да ги имплементираат меѓународните стандарди, а во некои случаи, во согласност со извештајот за превенција од тортура на Советот на Европа од октомври 2017 година, условите би можеле да се опишат како сурови, нехуамни и деградирачки. Освен тоа, затворите во нивното дејствување и натаму се соочуваат со недостиг од финансии, несоодветна обука на полициски офицери и корупција.
Во извештајот се посочува и дека народниот правобранител открил оти истрагите на државните органи се неефикасни, а судовите, во повеќето случаи, се придржуваат до законите и до процедурите за притворање.
– Оваа година бројот на наредби за притворање опаднал значајно во споредба со минатите години. Во повеќето случаи, по барање и од јавното и од специјалното обвинителство, судот одредил превентивни мерки наместо притвор за осомничените – стои во годишниот извештај.
Според документот, властите во Македонија, во 2018 година, покажале поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.
– Ограничената независност на судството, политизацијата на судскиот надзорен орган и недоволните финансии се понатамошна пречка за работата и ефикасноста на судовите, но судството генерално го почитува правото за фер судење – оценува Стејт департментот.
Според извештајот, Владата направила прогрес во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување, поради што се создала клима за отворање на поголеми политички дебати и за критичко медиумско известување.
Сепак, во извештајот се заклучува дека и натаму во овој дел од општеството постојат проблеми како поларизирани медиуми по политичка, етничка и јазична линија и дека медиумите во целина се далеку од независно дејствување и се подложни на политичко влијание, а во земјата сѐ уште се регистрираат случаи на насилство и заплашување новинари.
Извештајот на Стејт департментот дојде во време кога во земјава се засилува дебатата околу очекувањата од претстојниот годишен извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот кон Унијата и најавата за можно добивање датум за почнување преговори за членство во Европската Унија веќе за неколку месеци.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, неделава во своето гостување на национална телевизија изрази разочараност од реформските процеси во Македонија и истакна дека сосема е возможно Македонија и годинава да не добие датум за почнување преговори со ЕУ во јуни.
Тој истакна дека минатата година се славеше добивањето датум за почнување преговори, а потоа се виде дека тоа не се случило и дека, како што рече, сѐ било лага на власта. Поради тоа, според него, возможно е и оваа година да се повтори истото сценарио.
Една недела претходно вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, на брифингот со претставниците на Работната група при Советот на Европската унија за Западен Балкан во Брисел, изразил очекување дека напредокот ќе резултира со потврда на одлуката на Советот на ЕУ, за почеток на преговори со нашата држава во јуни.