Епизодата од саемот за туризам во Берлин, во која македонската делегација со
извинување одговори на реакциите на грчката амбасада во Германија, практично претставува уште едно меѓународно соочување на Македонија со последиците од примената на Преспанскиот договор, на што предупредуваа аналитичарите. Како тргнало, во иднина од нас ќе се бара извинување и за најбанални работи
Претставувањето на македонскиот туризам на Саемот за туризам во Берлин, со „стара“ рекламна кампања наречена „Македонија вечна“, веднаш ги активира одредбите од Преспанскиот договор, па Амбасадата на Грција во Германија агилно реагираше за отстранување секаков рекламен материјал од штандот каде што се споменува Македонија без географска додавка. Грчкиот печат тоа уредно го пренесе, известувајќи дека „Скопје ја тргна ‘Македонија‘ од својот павилјон на меѓународниот туристички саем во Берлин“, наедно негодувајќи дека „Грција сега буквално е принудена да трча по Скопје секаде низ светот, за да ги превенира и коригира сличните инциденти и грешки“. Оваа епизода од саемот за туризам во Берлин, во која македонската делегација со извинување одговори на реакциите на грчката амбасада во Германија, претставува уште едно меѓународно практично соочување на Македонија со последиците од примената на Преспанскиот договор, на што предупредуваа аналитичарите уште пред таа да биде усвоена во македонскиот Устав.
Ако вака тргнало, уште колку пати и за што ли уште не ќе треба да се извинуваме во иднина на нашиот пат кон ЕУ и при секое споменување на зборовите Македонија, македонско, македонски итн.
И како што пренесуваат грчките медиуми, изгледа навистина отсега натаму „Грција буквално е принудена да трча по Скопје“ и притоа да бара извинувања за сѐ и сешто.
Сосема извесно, тоа е веројатно само почеток на извинувачката практика на секој меѓународен настап на земјава, па циничната забелешка дека по Преспа, секое претставување на Македонија можеби треба да започнува со извинување, како функционална потреба. Во тој контекст, маркетинг-експертите тоа најлесно можат да го изведат со подготвен беџ со текст „Однапред се извинуваме“, кој ќе го користи секоја македонска делегација при настапите надвор.
Ако досега се лепеа налепници со кратенката за новото име на државата, наменети за регистарските таблички на автомобилите од земјава за влез во Грција, можеби треба да се размисли и за изработка на беџови со извинувања. За секој случај и за не дај боже. Шегата настрана, но практиката на извинувања, без повод и причина, фрла лоша слика за државата генерално. Како тргнало, утре некој ќе побара да се извиниме што сме Македонци, или ако некој на веселба ја запее „Македонско девојче“ итн.
– Инцидентот во Берлин на саемот за туризам е само почеток на генералното бришење на сѝ што е македонско. Впрочем, како Македонија може да биде вечна (како во рекламниот слоган), кога со договорот со Грција се откажавме од неа? Да ги оставиме настрана цинизмот и иронијата, но реално е да се очекува дека ќе следуваат уште почувствителни интервенции против нашата земја кога ќе го споменуваме тоа што некогаш било, а веќе го нема, односно: Македонците како народ етаблиран на светската сцена и нивната држава – Македонија. Тоа особено ќе доаѓа до израз еден ден кога ќе ги започнеме преговорите за членство во ЕУ – вели дипломатот Ристо Никовски.
Всушност, практиката на извинувања од Македонија не започнува по Преспанскиот договор. Уште минатото лето, премиерот Зоран Заев ѝ се извинуваше на Бугарија (со која е потпишан договор за добрососедство и соработка) затоа што самиот изјави дека Илинденското востание е дел од историјата на македонскиот народ. Сепак, освен барање за извинување и деманти поврзани со почитувањето на соседските договори, македонската страна може да добие и пофалби и благодарност, кога ќе се откаже од уште некој елемент на својот идентитет. Имено, алтернативната министерка за надворешни работи на Република Грција, Атанасија Анагностопулу, рече дека сака да ја истакне изјавата на Никола Димитров дека македонскиот јазик што го зборуваат граѓаните на Северна Македонија нема никаква врска со јазикот на кој зборуваат грчките Македонци.
– Затоа ја поздравуваме изјавата на Димитров, бидејќи става крај на какво било заплашување за непостојни проблеми што наводно би создал јазикот што го признавме уште од 1977 година – рече Анагностопулу.
Токму признавањето на македонскиот јазик од страна на Грција беше посочувано од македонските потписници како една од главните придобивки на Преспанскиот договор, што по појаснувањето на министерот Димитров сега се става под знак прашалник.
– Ако до вчера мислевме дека сме се откажале од постоењето на македонско етничко малцинство во Грција, од вчера е сосема јасно дека позицијата на оваа држава е дека таму нема ниту јазичко малцинство! А поддржувачите на Преспанскиот договор од онаа страна на границата се надеваа дека сега ќе го подигнат статусот на своите јазични и културни права… Ние, пак, овде постоиме само како етничка заедница во сопствената држава, а надвор од неа ниту како такви… И така сѐ додека не се раселиме или изумреме како Мохиканците – пишува професорката Билјана Ванковска.
Дополнителното редуцирање на опсегот и дефиницијата на македонскиот јазик во изјавата на министерот Димитров го загрижува и поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
– Во споредба со извинувањето и повлекувањето на македонскиот рекламен туристички материјал во Берлин, многу пострашна е изјавата на Димитров (што ни ја пренесе грчката министерка за надворешни работи) дека македонскиот јазик што се зборува во Северна Македонија нема никаква врска со јазикот што го зборуваат грчките Македонци. Димитров јасно кажува дека Македонците се таму, а не овде, како досега – вели амбасадорот Никовски.