Совпаѓањето на терминот за средбата меѓу премиерот и претседател на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со верскиот празник Прочка и со одржувањето на карневалско-маскенбалските традиции, во јавноста се доживеа и со некаква двојна симболика. Едната е дека лидерите ќе си простат меѓу себе, а другата е дека ваквите лидерски средби се, всушност, маската или другото лице на парламентарната демократија
Форматот наречен лидерски средби, како еден вид вонинституционално договарање на политичките елити за одредени прашања од исклучително политичко значење, се чини дека во македонското општество се наметнаа како вообичаена и сосема прифатлива практика, иако од аналитичарите, па и од политичарите, постојано се критикува честото прибегнување кон таквиот параинституционален начин за решавање на проблемите. За синоќа закажаната лидерска средба меѓу премиерот и претседател на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во медиумите се најавуваше како средба што требаше да се одржи „по долго време“, односно по „дури“ осум месеци.
Совпаѓањето на терминот за лидерската средба со верскиот празник Прочка и одржувањето на карневалско-маскенбалските традиции, во јавноста, пак, се доживеа и со некаква двојна симболика. Едната е дека лидерите ќе си простат меѓу себе, а другата е дека ваквите лидерски средби се, всушност, маската или другото лице на парламентарната демократија.
Временски гледано, осум месеци не се некој долг период, но со оглед на пресвртните политички процеси и промени што се случија во меѓувреме, одредени политички аналитичари сметаат дека се потребни соочување и договор очи в очи за понатамошните чекори во евроинтегративниот процес, токму меѓу двајцата лидери на најголемите политички партии. Сепак, се нагласува дека оваа средба е по барање од лидерот на опозицијата.
Според најавите на премиерот Заев, темите за кои требало да се разговара на средбата се: претстојните претседателски избори, реформските закони и сѐ што е во интерес на државата… Претходно, Заев, меѓу другото, нагласи дека за оваа средба немало потреба од формат на кој ќе присуствуваат претставници од повеќе политички партии.
– Да направиме сѐ што можеме во јуни да го добиеме конечно датумот за отворање на преговорите со ЕУ. Тоа се важни работи – истакна Заев.
Во јавноста, пак, најгласни беа претпоставките дека главниот фокус на оваа лидерска средба е насочен кон договарање на парламентарната поддршка за реформите на правосудниот систем, односно за интеграцијата на СЈО во рамките на редовното Јавно обвинителство, но и понатаму да биде задржан „специјалниот статус“. Од ДУИ веќе изјавија дека ќе го поддржат новиот закон за јавно обвинителство, со кој се регулира и понатамошното функционирање на СЈО, па се претпоставува дека затоа не ни било потребно нивното присуство на лидерската средба.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски веќе изјавуваше дека „проектот Катица Јанева е завршена приказна затоа што СЈО не ги исполни очекувањата за тоа што беше формирано и целосно ги разочара граѓаните“. За средбата што претходно ја имал со Јанева, рече дека бил разочаран.
– Не само што не успеа да ме убеди во нејзините капацитети како човек и нејзината стручност е на ниско и дискутабилно ниво и ја пропушти својата шанса да биде специјален јавен обвинител, кој ќе биде заштитник на правото и правдината. Таа се претстави во едно лошо светло и не ја заслужуваат поддршката ниту таа ниту тој тим – рече Мицкоски, во едно телевизиско интервју.
Без оглед на исходот од лидерската средба, останува впечатокот дека таа нема да биде последна и дека и понатаму во македонскиот политички живот оваа форма ќе се употребува како „неформален“ начин за усогласување на ставовите за решавање одредени проблеми, надвор од редовните политички институции.
– Очигледно е дека не постои друго решение за усогласување на ставовите или политичко договарање околу предизвиците што се појавуваат во функционирањето на државата. Лидерските средби се некаква сурогат-форма на парламентарната демократија, но во овој миг од развојот на македонското општество се чини дека се неопходни. За да нема лидерски средби, односно политичките прашања да се решаваат парламентарно, потребно е прво Собранието да си го врати својот кредибилитет. Со овој парламентарен состав мислам дека тоа е речиси невозможно – вели политикологот Владимир Божиновски.
Надраснувањето на практиката на лидерски средби за прашања од исклучително значење за општеството, како што истакна Божиновски, ќе се случи тогаш кога ќе имаме парламентраци со интегритет и кредибилитет, кои ќе имаат изградено сопствени ставови и ќе ги докажуваат од парламентарната говорница, а нема да бидат само партиска гласачка машина. Освен во првиот парламентарен состав, во македонското собрание, според него, немало критична маса на пратеници со личен кредибилитет и интегритет.