Кандидатите за претседател на Македонија и партиите што ги поддржаа, иако официјално не е започната изборната трка, веќе ја започнаа промотивната кампања. Истовремено, некои од политичките партии веќе почнаа да излегуваат со промоции и политички пораки што изобилуваат и со омаловажувачки тонови. Аналитичарите, иако засега позитивно го оценија првичниот период пред официјалниот почеток на изборната кампања за шеф на државата, сепак, сметаат дека подоцна ќе се „расипе“ и вокабуларот и ќе се интензивираат меѓусебните напади. Тие коментираат дека во земјава, за жал, не постои критериум за чиста изборна кампања, независно дали е за претседателски или парламентарни избори, а тоа во ист момент нѐ оддалечува од европските вредности, но и кампањи што се одржуваат на Запад.
Политикологот Милан Стефановски посочува дека кампањата е започната од поодамна. Лажните вести, меѓусебните политички обвинувања и сеењето непотребен страв во пораките беа главна пропагандна техника каде што рационалното кај граѓаните се потиснуваше на сметка на емотивното, а со тоа публиката стануваше лесен плен на какви било манипулации од различните информациски центри во пресрет на референдумот, но ваквиот приод нема да се исклучи и овој пат во предизборието. Според Стефановски, се очекува агресивна и валкана изборна кампања како што ќе одминува времето.
– Несомнено е дека кампањата ќе биде валкана. Не исклучуваме можност да има тензии што би можеле да преминат во различни облици на посериозно или помалку сериозно насилство особено на социјалните мрежи. Од она што можам да го кажам е дека ќе ни бидат потребни сериозни набљудувачи на овој процес за да се ловат сите важни аспекти – вели Стефановски.
Според политикологот, нејасно е какви ефекти ќе имаат кампањите на партиите во периодот што следува, но јасно е дека земјава тешко ќе може да ги достигне европските, но и светските нивоа на демократски одржани изборни кампањи.
Од друга страна, професорот Атанас Козарев вели дека, за разлика од претходните избори, атмосферата сега е многу помирна, па, според него, постојат солидни предуслови за да имаме фер и регуларни избори. Во однос на кампањата, нѐ очекуваат големи изненадувања во настапите и стратегиите на политичките партии, односно претседателските кандидати.
– Клучниот дел околу програмските определби на кандидатите ќе биде поврзан со надворешната политика, договорот од Преспа, како и со подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во земјава. Секако дека политичките противници имаат подготвено и позитивна кампања, која би ги промовирала нив лично, како и негативна кампања, која би ги истакнала негативните ефекти и последици што ги произвеле нивните противкандидати во минатото – оценува Козарев.
Засега нема истражувања дали негативните кампањи имаат успех во Македонија, но оправдано е прашањето зошто партиите најмногу користат таков тип кампања и дали им е добар изборот. Козарев тврди дека партиите на тој начин сè уште успеваат да мобилизираат максимум од своето избирачко тело.
– Сериозен проблем во земјава е што повеќе се води таа негативна кампања, отколку оној позитивистички пристап што се прави во развиените демократии. Тоа веројатно е така бидејќи овде партиите пресметале дека тоа им носи поголемо гласачко тело отколку позитивна кампања и со претставување пред граѓаните, со што тие може да придонесат за општеството и државата – завршува Козарев.