Ловот на кандидати за највисоката државна функција полека привршува. Моменталната претседателска понуда, засега, е сведена на три до четири официјални имиња од власта, но и од опозицијата. Но двајцата кандидати, кои беа претставени од најголемите партии СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, беа всушност репрезентирани како натпариски, непартиски, односно консензуални кандидати.
Во услови на висока партизираност на општеството од една страна, а во контекст на истовременото собирање на 10.000 граѓански потписи од друга страна, (организирано од страна на партиите), а сето тоа заради добивање атрибут „независен“, „граѓански“ односно кандидат на општа согласност (консензуален)?!
Професорот Љубомир Цуцуловски има многу интересна анализа околу овие атрибути, кои партиите би сакале да му ги „залепат“ на кандидатот што го протежираат. Имено, тој тврди дека не е ниту можен консензуален претседател, бидејќи ако се држиме до потеклото на зборот консензус (општа согласност), тоа всушност децидно би значело општа согласност на сите граѓани, односно дека сите граѓани во државава да гласаат за еден ист претседателски кандидат.
– Не станува тука збор за консензус во етничка или социјална смисла туку воопшто за граѓаните. Тоа е невозможно. Тоа е една празна фраза. Јас не знам како таа влезе во употреба. Такво нешто воопшто не е можно, ниту пак е можен, (зборувам за сегашните услови во кои се наоѓа Република Македонија) натпартиски претседател. Човек може навистина да не припаѓа на ниедна партија, но фактот дека некоја партија стои зад вас, а тоа значи ве поддржува, покажува симпатии, организира митинзи, предизборна кампања, а сето тоа чини, зборува друго… Не знам сѐ во детали во случајов како се финансира претседателска кампања, но не верувам дека човек што настапува независно, значи пред кого не стои одредена партија, да може да собере доволно средства за да има реклама во сите медиуми, почнувајќи од пишаните преку радиото па до телевизиите, да се организираат митинзи, да се прават настани… Изборите се сѐ повеќе и повеќе шоу-бизнис каде што е побитно како изгледаш, што ќе кажеш но најмалку што навистина мислиш. Мислам дека допрва ќе се види колку имаме и можеме да имаме навистина, во ваква ситуација, независен претседателски кандидат, а тоа значи и независен претседател, а притоа мора да се води сметка за уставните ограничености и можности на претседателот на републиката сеедно кој и да е – смета Цуцуловски.
Според размислувањата на аналитичарите и на хроничарите на општествените движења, партиите не ги интересираат ниту демократијата, ниту процедурите, туку единствено власта. Професорот Јове Кекеновски за оваа тема вели дека функцијата претседател сѐ потешко се дистанцира од голите интереси на одредената политичка партија. Имено, тој тврди дека без разлика дали кандидатот за време на кампањата ќе се декларира како натпартиски или независен, по добивањето на мандатот е силно изразено чувството на директно влијание од одреден партиски центар на моќ.
– Ова е најдолен вид лицемерство. Како од лидерите на партиите така и од самите кандидати за претседател. Сите се свесни дека овие што се декларираат како натпартиски или непартиски кандидати, доколку бидат избрани во иднина ќе имаат зададени услови од партиите што ќе требаат да ги испорачаат. Тоа е така бидејќи некои од кандидатите се поддржани од политички партии и не значи дека се натпартиски туку напротив, подоцна тие партии ќе им ја испорачаат сметката што овие кандидати ќе треба да ја платат – вели професорот.
Тој вели дека оваа забелешка не е на адреса на кандидатите, туку на партиите.
– Ова е едно безобразие на партиите кон народот со кое се обидуваат да добијат поени најпрво кај партиското членство, а потоа да се обидат на своја страна да ги придобијат симпатиите и од неопределените. Кратко составено, го изгнасија поимот натпартиски – вели професорот Кекеновски.
Тој додава дека доколку партиите сакале да изберат вистински натпартиски кадар за претседател, требало кандидатите претходно самостојно да соберат 10.000 потписи за својата кандидатура, па потоа да отидат и да побараат поддршка од партиите во пресрет на кампањата. Сегашната ситуација е сосема спротивна, вели професорот Кекеновски.
Професорот и политиколог Атанас Козарев, пак, се прашува, ако претседателските кандидати ни се натпартиски и непартиски, зошто тогаш навистина постојат партиите.
Тој вели дека е апсурдно да се говори за натпартиски кандидати кога влегуваме во време на уште една брутална меѓупартиска политичка кампања каде што најистурени ликови ќе бидат токму партиските војници и штабови.
– Следејќи ја логиката на нештата таа вели дека партиите се политички и идеолошки организации, кои ги застапуваат идеите и интересите на одредени општествени слоеви. Како нивни репрезенти и поддржани од овие слоеви, тие на избори се борат за власт, а потоа ги промовираат и ги реализираат идеите и интересите поради кои дошле на власт. Следствено на тоа сегашните кандидати што ги имаме барем оние што се актуелни во јавноста, тука мислам на ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ, најмалку можеме да ги доживуваме како натпартиски или непартиски лица. Иако можеби не поседуваат партиска книшка нивната номинација, собирањето потписи за нивната кандидатура пред ДИК јасно укажува оти кандидатите на својот грб ќе го носат партискиот товар, но и за време на нивниот мандат – вели Козарев.
Според професорот Козарев, партиите сакаат да си го задржат монополот врз извршната, но и врз законодавната власт по секоја цена.
На крајот на краиштата, ако непартијците и натпартијците се толку квалитетни експерти за водење и практикување на политиката и на политиките, зошто тогаш партиите не номинираат само непартиски луѓе на своите партиски листи за парламентарните избори. Можеме да претпоставиме колку тоа ќе ги релаксира состојбите во земјата и ќе ја смени сликата за партиски вработувања, ќе добиеме непартиски вработувања. Наместо партиски непотизам ќе имаме непартиски непотизам, наместо делење тендери по партиска основа, ќе имаме делење тендери по непартиска основа – заклучува Козарев.