Веста што беше пренесена од повеќе медиуми за тоа дека „српскиот претседател Александар Вучиќ е подготвен да го признае Косово ако Србија добие нешто за возврат“ е повлечена поради погрешна интерпретација и грешка во преводот, објави вчера „Дојче веле“.
– Не можеме да го признаеме Косово, а за возврат да не добиеме ништо од другата страна – беше одговорот на Александар Вучиќ во интервјуто за италијанската агенција АНСА, што завчера го пренесе белградската агенција „Бета“.
Ваквата формулација може лесно да се протолкува како Вучиќ да „не исклучува можност за евентуално признавање на независноста на Косово“. Така, на своите сервиси на германски и на англиски јазик, пренесе и една од најголемите светски агенции „Франс прес“ (АФП) и таквата верзија сега се најде на низа влијателни светски портали.
По објавувањето на веста на АФП (во понеделникот вечерта) италијанска АНСА, а потоа и српска „Бета“, ја коригираа првобитната верзија.
– Имаше проблем во интерпретацијата, како што често се случува со странските јазици. Во координација со кабинетот на претседателот одлучивме да ја исправиме веста – изјави за „Дојче веле“ Франко Квинтано, дописник на АНСА од Белград.
Во коригираната верзија останаа помалку или повеќе општи места за кои Вучиќ порано зборуваше „ако не биде постигнат компромисен договор за Косово, тоа ќе биде катастрофа“. Претседателот на Србија е уверен дека може да се дојде до решение со помош на европски пријатели и со поддршка на Русија, Америка, Кина и други земји.
Изјавата на Вучиќ предизвика реакции кај другите политички партии во Србија, за тоа дека српскиот претседател остава можност за признавање на независноста на Косово.
Од Демократската партија на Србија го предупредија Вучиќ да се придржува на Уставот и Резолуцијата на ОН кога зборува за прашањето за Косово.
– Неговата често повторувана фраза за неопходноста од постигнување на компромисот со Приштина престана да биде празна флоскула и добив свое право и единствено значење: дека тој е подготвен да ја признае сецесијата на Косово – соопштија од ДПС.