Изложбата, хронолошки поставена на стотина квадратни метри, дава увид во животот и работата на великанот на психоанализата, а го прикажува како медицинар, психоаналитичар и колекционер, рекла на отворањето на изложбата директорката на музејот, Моника Песлер
Изложбата „Мувинг Фројд музеум“, посветена на животот и работата на основачот на психоанализата Сигмунд Фројд, кој речиси 80 години живеел во Виена, е отворена во понеделникот во Виена, во новоотворениот изложбен простор „Бергасе 13“, во близината на музејот на Фројд, кој се обновува.
– Изложбата, хронолошки поставена на стотина квадратни метри, дава увид во животот и работата на великанот на психоанализата, а го прикажува како медицинар, психоаналитичар и колекционер – рекла на отворањето на изложбата директорката на музејот, Моника Песлер.
Изложбата опфаќа стотина експонати: текстови од психоанализата, сексуалната теорија, негови писма, фотографии, публикации и книги, како и првото издание на книгата „Толкување на соништата“, а изложена е и неговата патна торба со иницијали С.Ф. и несесер. Во посебна просторија е претставен и оригиналниот мебел од чекалницата во ординацијата во Бергасе 19, кој беше дел од изложбата на Музејот на Фројд во Лондон, а кој потоа неговата ќерка Ана му го подари на виенскиот музеј.
Фројд бил голем колекционер на антички предмети од различни култури, од стар Египет, Рим, Грција, Месопотамија, од кинеската и јужноамериканската култура, а на изложбата може да се разгледаат триесетина такви експонати. Поставката е поделена на неколку целини: школување, приватен живот, медицина, хипноза, колекционарска активност, емиграција и Лондон.
– Фројд го напуштил семејството во Виена во 1938 година, пред националсоцијалистите. На заминување морал писмено да потврди дека е загрозен, но во Лондон пишувал дека до крајот на животот ќе живее во слобода и надеж – рекла кустоската Даниела Фионцл и додала дека при селидбата понел сѐ со себе, но починал по една година во Лондон.
Според директорката на Фројдовиот музеј во Виена, обновата на музејот ќе трае тринаесет месеци, а по реконструкцијата ќе се добие повеќе изложбен простор. Музејот годишно го посетуваат околу 110 илјади посетители, главно од странство. Проектот на обновата ќе чини четири милиони евра, а по обновата музејот ќе биде отворен во 2020 година.