Илустрација: Игор Јовчевски

Од денеска, ексклузивно во „Колибри“, почнуваме со објавување на серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: А

Приказнарот:
А!!! Ако ја напишеш А голема како бандера, може да падне и да те удри по глава. На еден алваџија му ја изеле алвата, ама не се налутил, туку рекол само: Ако! На А почнуваат многу приказни, има точно 135. Јас ќе ви ја раскажам… Која? Најубавата! Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата А да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме.
Приказната е стокмена за еден Ацо и за еден Алексо. Си биле арни и умни деца, поарни и поумни здравје. Ацо како Ацо, многу бил по цртаните филмови, а Алексо… Тој да ти бил голем авантурист, а најмногу сакал да се шегува и да измислува разни работи.

Еден голем есенски ден, кога облаците се надвиснале над нивната населба, над познатата населба Аеродром во Скопје, Алексо како да потскокнал малку, божем се сетил на нешто и му подвикнал на Ацо…
– Се сетив! Гледај, ќе направам авионче од хартија. Сакаш и ти едно.
Ацо не рекол ништо, само се поднасмеал, а тоа значело дека и тој сака авионче.
– Дојди на балкон! Гледај како се фрлаат авиончиња. Ај, моево летна – се вознемирил Алексо. Ајде, фрли го и твоето!
И Ацо го фрлил.

Балконот на Ацо бил на четвртиот кат и бидејќи било височко, авиончињата летале, летале, де лево, де десно, направиле и по едно крукче и…, оп, двете авиончиња ѝ слетале на главата на една жена што се враќала од пазар. Во едната рака држела ќеса со јаболка, во другата ќеса со патлиџани. Толку многу се исплашила, та ѝ паднале ќесите на асфалтот, а јаболката и патлиџаните почнале да се тркалаат… Кога виделе што станало, Ацо и Алексо почнале да се смеат. Гласно да се смеат.

Зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата А, ги отклучуваме: Ацо, Алексо, алваџија, алва, ако, арно, Аеродром, авион, асфалт, авантурист…

И жената кога видела дека се исплашила од обични хартиени авиончиња, и таа почнала да се смее. Смеењето било толку заразно, како да ви објаснам… почнала цела населба, цел Аеродром да се смее. Леле мори мајко, не само што се смееле туку од смеењето им потекле солзи, од солзите булеварот Јане Сандански станал како река, реката почнала да ги носи јаболката и патлиџаните… Се појавиле и полицајците од блиската полициска станица, но и нив ги фатило смеа… Ќе заборавев, дури и децата од блиската градинка почнале да се смеат, но кога виделе како водата ги носи јаболката се стрчале, грабнале по едно и колку што сакале да го гризнат… смеењето завршило, реката се исушила, светнале семафорите… Аааа, ама не завршува тука приказната. Горе, на балконот кај Ацо, смеењето не престанало. Се пододмориле малку и повторно почнале гласно да се смеат. И сѐ почнало одново. Жителите на скопската населба се смееле со солзи, булеварот повторно станал река… Едно време Алексо се подзакашлал…

– Ацо, мене ми се излегува надвор, ама ми е страв од водата. Гледај, булеварот стана голема река. Јас не знам да пливам, а ти?
Ацо како Ацо, не рекол ништо. Ја зел хартијата и од неа за неколку минути направил голем речен брод.
– Доаѓај со мене, бродот од хартија е готов – рекол Ацо и тука приказнарот ѝ ставил точка на приказната.
Дали бродот бил доволно голем за да ги собере сите жители на населбата Аеродром во Скопје, не знам, но ќе се обидам да дознаам.
Ако ми верувате арно, ако не уште поарно.
За крај, зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата А, ги отклучуваме: Ацо, Алексо, алваџија, алва, ако, арно, Аеродром, авион, асфалт, авантурист…

Владо Димовски


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и возрасни, автор на радиодрами, сценарист на телевизиски играни серии… Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско, на 1 октомври 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука, извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а минатиот број заврши неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.

Владо Димовски