Кога ќе се спомене името на Антонио Вивалди (1678 – 1741) првата асоцијација секогаш се „Годишните времиња“. Да, циклусот од четири концерти („Пролет“, „Лето“, „Есен“ и „Зима“) за виолина, камерен оркестар и чембало од 1720 година е секако неговото најпознато дело. Веројатно и најубавото, па затоа и станало најпознато. Но Вивалди е многу повеќе од „Четирите годишни времиња“, зашто неговиот опус е грандиозен и по бројот на делата и по иновативноста во компонирањето, па штета е да не се знае колку бил голем неговиот придонес во историјата на музиката. Вивалди напишал повеќе од 400 концерти, од нив околу 230 за „својот“ инструмент – виолината. Бил врвен виолинист, модерен виртуоз, ја восхитувал публиката со својата техничка снага и, иако не бил прв што компонирал солистички композиции за виолина, вовел иновативен пристап кон солистичката делница. Бил првиот што особено ја истакнал виолината над придружбата и првиот што во своите дела ги искористил до крајни граници сите дотогаш познати можности на инструментот. И во вокалната музика бил иноватор – напишал „женски“ ораториум, „Јудита триумфанс“, во кој сите улоги (и машките) ги пееле девојчиња од сиропиталиштето во кое работел.
Напишал и геј-опера, „Арсилда, кралицата на Понто“, која ја опишува љубовта меѓу Арсилда и Лисеа, која се преправала дека е маж. Операта, се разбира, најпрвин била цензурирана, но подоцна сепак била изведена. Освен оваа, напишал вкупно 94 опери, но зачувани се само мал дел од нив (според едни извори 22, според други 50). До 1926 година, голем дел од композициите на Вивалди биле изгубени. Но кога торинскиот музиколог Алберто Џентили пронашол (или добил) кутија од нецелосни, несортирани страници од стотици композиции на Вивалди, започнал да ги бара и да ги пронаоѓа преостанатите страници и да ги стави во нивниот оригинален ред. Десет години му биле потребни да дојде до крајниот резултат: 319 комплетни композиции на Антонио Вивалди, кои биле изгубени во светот речиси два века. Зошто оваа приказна се вика „Црвениот Свештеник“? Вивалди бил ракоположен во Католичката црква на возраст од 25 години, многу години работел во сиропиталиштето во Венеција, каде што, меѓу другото, ги подучувал децата на музика. Се повлекол од верските должности поради лошото здравје, кога се свртел кон компонирањето, но ја задржал титулата свештеник во текот на својот живот. Бидејќи неговата коса била црвена, го добил прекарот Црвениот Свештеник.
Лада Шоптрајанова Петровска