СВЕТИ КОНСТАНТИН-КИРИЛ ФИЛОЗОФ (2)

По повод 1.150 години од блаженото упокојување на св. Константин-Кирил (†869 – 2019), „Нова Македонија“ во три продолженија објавува текст за животниот пат, значењето и мисијата на еден од најголемите сесловенски просветители

Проф. д-р Илија Велев

Воопшто во мисионерско-просветителската дејност на св. Константин Филозоф со брата си св. Методиј клучно обележје имала Моравската мисија, чија реализација се одвивала во три историско-политички фази: чисто византиска во периодот меѓу 863 и 867 година, римопапска во периодот меѓу 867 и 869 година и третата христијанско-екуменска меѓу 869 и 885 година – што требало да ги балансира односите меѓу православниот Исток и римопапскиот Запад. Тој бил предводник и активен актер во двата историско-политички периоди од одвивањето на словенското мисионерство, во византискиот и во римскиот кај папата. Неговата прерана смрт во 869 година судбински го оддалечила од натамошниот влог за афирмација на словенската цивилизација и култура, но ги поставил темелите врз кои св. Методиј и нивните словенски ученици ја надградувале идната архитектура на европското и на словенското цивилизациско опстојување при т.н. трета историско-идеолошка фаза од одвивањето на Моравската мисија.

Прифаќањето од Византија на словенскиот карактер на мисијата меѓу Западните Словени во Моравија било осмислена стратегија на вселенскиот патријарх Фотиј и на воениот стратег кесарот Варда, зашто само преку поддршката за самостојноста на словенската богослужба и писменост можела да се привлече паствата кон духовниот протекторат на Источната црква и да се неутрализира римолатинското влијание од папата во Рим. Затоа се определиле византиски мисионери со форматите на светите Константин Филозоф и Методиј, а не биле земени предвид учени луѓе од словенскиот род. Токму во нивниот роден град Солун, кој бил втор по влијание византиски административен центар по Константинопол, св. Константин имал идеални услови да ги спроведува подготовките за активирање на словенското просветителство, но и успешно да ги воспоставува контактите и консултациите со најголемите византиски авторитети. На самиот терен од околината на Солун можел изворно да ги користи словенски говорни искуства, за врз основа на тие словеномакедонски гласовни карактеристики да ја устрои првата официјална фонетски структуирана словенска азбука – глаголицата. Врз основата и на овие јужномакедонски словенски говори тој го стандардизирал општиот словенски богослужбен и книжевен јазик – старословенскиот.

Секако не треба да се исклучува и можноста дека во ваквиот филолошки процес тој ангажирал и свои учени соработници од словенскиот род, кои добро го познавале мајчиниот словенски јазик и во голема мера помогнале при диференцијацијата на одделни словенски гласови. Веројатно тие станале и идните Кирилометодиеви ученици и следбеници што заминале и во Моравија, а тоа оди и во прилог на претпоставката дека едни од нив би можело да се и св. Климент и Наум. Со тоа се создале услови за да се почне со преведувањето на нужните црковни богослужбени книги од византискогрчки на старословенски јазик, но и да се организира свештенство за словенско богослужење и за учители што ќе го организираат словенското просветителство меѓу западнословенското население во Велика Моравија.

Уште со самото доаѓање во Велеград, престолнината на Моравија, почнало словенојазичното спроведување на богослужбената, проповедната и на просветителската дејност меѓу тамошното словенско население. Со проповедите на словенски јазик се просветувале христијаните да ги напуштаат остатоците од паганството, но и посредно ја афирмирале теолошката доктрина блиска на источното црковно предание. Иако словенските просветители биле под директна политичка поддршка на великоморавскиот кнез Ростислав (по чие барање и дошле во тие средини), сепак црковната поддршка била мошне кревка зашто словенското мисионерство директно ја загрозувала духовната доминација на таму присутното франечко духовништво – но посредно и на самиот папа во Рим. Следствено доаѓале и непријателските настроенија кон примената на старословенскиот јазик во богослужбата и во писменоста. Св. Константин-Кирил бил обвинет дека ги нарушува светите позиции на традиционалната духовна и писмена цивилизација во христијанскиот свет да се богослужбува, проповеда и да се пишува само на трите јазици: класичноеврејски, римолатински и на византискогрчки. Всушност, словенската просветителска дејност на светите браќа била спротивставена на т.н. тријазична идеја во христијанството, што била афирмирана уште од Исидор Севилски (570-636) – повикувајќи се дека Пилат заповедал на тие три јазици да се напише натписот на крстот на кој бил распнат синот господов Исус Христос. Пред мисионерскиот предизвик на св. Константин-Кирил се нашла потребата да се демистифицира оваа тријазична доктрина, што подоцна тоа и официјално успеал да го постигне кај папата во Рим како резултат на успешната полемичка расправа со тријазичниците во Венеција. Тој го сметал тријазичното учење за нехумано и за лажно од Бога удоволено, притоа проектирајќи го новиот хуманизам во духовниот и во културниот однос за рамноправноста на јазиците и за еднаквоста на народите.

Византискиот карактер на мисијата со словенското просветителство во Моравија имала свој тек до 867 година, кога од јавната воено-политичка и црковна сцена во Византија биле симнати главните иницијатори и архитекти за нејзиното спроведување: биле убиени императорот Михаил III и неговиот воен стратег Варда, а вселенскиот патријарх Фотиј бил симнат од светителскиот престол во Константинопол.

Новооснованата Василиева македонска династија во управувањето со Византија ги променила политичката и духовната стратегија кон папата во Рим, при што и мисионерството на светите браќа станало нефункционално. Се појавила нужност за нивно враќање назад кон Византија, па со еден дел од поистакнатите свои ученици продолжиле да го шират словенското просветителство во повратните дестинации – првенствено во Панонското кнежество на Коцељ, но и по јадранското крајбрежје каде што настанале и првите контакти со словенската писменост и со глаголицата на ученици по род Словенци и Хрвати, а самите просветителски идеи проникнале уште во босанските и во црногорските средини. Сепак клучен бил нивниот престој во Венеција, каде што св. Константин-Кирил доминантно ги порекнал идеите на тријазичното учење поради што го заинтересирал и папата Николај I да ги покани во Рим. Веројатно на папата му била позната актуелната состојба во која биле словенските просветители поради новите политички и црковни настани во Византија, па сметал дека може да ги придобие за да го зацврсти духовното влијание меѓу западнословенските христијани.

Во Рим ги пречекал лично новоизбраниот папа Адријан II, кој им приредил голема свеченост зашто со себе ги носеле претходно откриените во Херсон мошти на светиот папа Климент Римски (починал меѓу 97 и 101 година). Како веќе испробана доктрина од Константинопол за активирање на словенскиот фактор, папата ја приспособил идејата кон сопствените политички намери западнословенските христијани да го прифатат суверенитетот на апостолската литургиска традиција. Притоа ги благословил словенските преведени книги што со себе ги носеле словенските просветители, канонски ја официјализирал словенската богослужба, а на некои од Кирилиметодиевите ученици им доделил и свештенички чинови. Престојот во Рим траел повеќе од една година, кога св. Константин-Кирил бил мошне активен контактирајќи со најобразованите личности што го опкружувале папата и со нив ги споделувал своите филозофски и теолошки знаења. Неговото присуство во влијателниот римолатински центар придонел да се актуализира мисионерската идеја за ново проникнување на христијанската екумена, која ќе ги сообрази источната византиска литургија со римолатинската миса. Но откако се разболел и ја претчувствувал смртта го примил монашкиот образ, добивајќи го името Кирил. Според житиеписните сведоштва, претсмртно му оставил аманет на брата си Методиј, да го продолжи нивното учење за сесловенско просветителство и за христијанската екумена – „оти со него можеш да бидеш спасен“. Св. Константин-Кирил починал на 14 февруари по стариот црковен календар, или на 27 февруари по македонското православно сметање на времето. На тој ден од неговото упокојување се слават верскиот спомен и неговата слава како светител.

(продолжува)