Рокот за собирање потписи за независните претседателски кандидати завршува на 9 март, кандидатурите се доставуваат до ДИК најдоцна до 21 март, а предизборната кампања за првиот круг започнува на први април
Додека владејачките СДСМ и ДУИ уште се усогласуваат за тоа дали ќе имаат заеднички кандидат за претседател на државата или секој ќе оди со свој фаворит, што, според најавите од СДСМ, треба да биде објавено на трети март, на јавноста веќе ѝ се обелоденети имињата на четворицата потенцијални кандидати на СДСМ што се пријавија на јавниот оглас што беше отворен до 19 февруари. Тие се еден од основачите на Агенцијата за разузнавање, Тони Петровски, кој пред пет години беше пријавен и на огласот на ВМРО-ДПМНЕ, архитектот Божидар Ночев, поранешниот амбасадор Ѓорѓи Филипов и поетот Игор Поп Трајков. Во меѓувреме, и една од општинските организации на партијата што имаат право да испраќаат свои предлози, кумановската, објави дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е нејзиниот кандидат за претседател. Паралелно со постапката, како можни кандидати на партијата се споменуваа и министрите за надворешни работи и за одбрана Никола Димитров и Радмила Шеќеринска, како и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски. ДУИ, пак, откако го понуди поранешниот дипломат Денко Малески за консензуален кандидат, не излезе со друг предлог.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе го има избрано својот, натпартиски кандидат, професорката по Уставно право, Гордана Силјановска-Давкова. За таа цел, исто така, беше распишан оглас на кој беа пријавени вкупно девет кандидати. Целиот овој процес на кандидирања и самокандидирања го наметнува прашањето за рамноправноста на стартните позиции на кандидатите што сами се пријавиле на огласите или ги кандидирале општинските организации со оние што евентуално ќе бидат кандидирани по меѓупартиските договори.
– Колку што сфаќам, во тие договори за заеднички повеќепартиски кандидат не се истакнуваат имиња на одредени кандидати туку се одредува форматот, односно принципите според кои тој би бил предложен. Ако некој од пријавените кандидати на огласот на СДСМ одговара на договорениот формат, не е исклучено да биде земен предвид за консензуален кандидат. Во САД, на пример, имаат предизборни избори на кои се избира кандидат што би влегол во трката за претседател, но тоа мислам дека кај нас не е изводливо. Во секој случај, ситуацијата со избор на заеднички повеќепартиски кандидат за претседател кај нас е покомплексна. Тоа дополнително е нагласено, бидејќи ова е прво искуство за предизборно договарање. Досега, вообичаено, меѓупартиските договарања се случувале пред вториот круг – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.
Иако се очекува главната битка на претседателските избори да биде меѓу кандидатите на најголемите политички партии, сепак и пред овие избори се јавија личности што веруваат во концептот на независен претседателски кандидат. Тие треба да соберат по 10.000 потписи за да им биде прифатена претседателската кандидатура. Еден од нив е пензионираниот генерал-мајор на Генералштабот на АРМ, Димче Петровски.
– Излегуваме на терен каде што доминираат политичките партии, но токму тоа е еден од предизвиците во политичките води да влезе некој што сака да даде придонес во државата, а притоа да не се потпира на ниедна од партиите – вели Петровски.
Тој нагласува дека со својата кандидатура сака да ја поттикне и поддржи идејата за независна промоција во политиката.
– Моја заложба е да има што повеќе независни, без оглед дали се за претседател, за пратеници, градоначалници итн. Дури би рекол дека сме подготвени за смена на изборниот модел. Треба да им се даде можност на граѓаните сами непосредно да изберат личност, полека да се ослободуваме од партиските шеми, каде што народот нема влијание кој ќе биде избран – се залага Димче Петровски.
Во тој независен контекст на претстојните претседателски избори сѐ уште се споменува името на пратеникот Амди Барјам, како независен кандидат.
И долгогодишниот член на ВМРО-ДПМНЕ, кој исто така беше пријавен на партискиот оглас, Филип Петровски почнал да собира потписи за независна кандидатура, но се пожали на опструкции, бидејќи, како што изјавил, немал можност да собира потписи и од дијаспората.
Рокот за собирање потписи за независните претседателски кандидати завршува на 9 март, кандидатурите се доставуваат до ДИК најдоцна до 21 март, а предизборната кампања за првиот круг започнува на први април.