Во првата половина од 1990-тите години се случија големи промени во фудбалот и она што го гледаме денес можеби е истата игра, но и сосема поинаков спорт. Па, така, офсајдот се редефинира во корист на нападот, голманите станаа и фудбалери, слободата на движење на играчите меѓу клубови се зголеми, напаѓачкиот фудбал „доби три бода“, тактичките иновации ги сменија играта и противиграта… На повидок се нови измени

Развојот и измените во фудбалските правила на теренот и надвор од него доведоа до тоа играчите денес да учествуваат во многу поинаков спорт од претходните генерации. Англичаните често велат дека фудбалот не е измислен во 1992 година, кога е формирана Премиер-лигата, но никој не негира дека во првата половина од 1990-тите години се случиле големи промени. Она што го гледаме денес можеби е истата игра, но и сосема поинаков спорт.
Англискиот фудбал беше предвесник на иновациите со воведувањето три бода за победа во 1981 година. Намалената бројка гледачи на трибините и негативната, дефанзивна игра имаа штетен ефект врз фудбалскиот производ и затоа беше решено да се охрабри напаѓачкиот фудбал. ФИФА трите бода за победа ги промовира на Светското првенство (СП) во 1994 година во САД, по што го презедоа и другите врвни лиги во Европа и во светот.

Второ, офсајдот отсекогаш постоел во една или во друга форма и со мали измени, но најголемата модификација ја претрпе во 1990 година. Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Извршното тело задолжено за правилата на фудбалската игра (ИФАБ) тогаш одлучија дека напаѓачот што е во линија со последниот дефанзивец не е во офсајд, како порано. Тоа беше мал, но значаен чекор напред. Понатамошен напредок следуваше во сезоната 1995/1996, со т.н. „пасивен офсајд“. Беше одлучено дека не е казниво да се биде во офсајд-позиција, односно казниво е само ако играчот е „активен“ во акцијата.

Трето, правилото за враќање на топката до голманот. До 1992 година на голманот му беше дозволено да ја фати вратената топка од соиграчот со раце. Декадентната игра, особено на СП 1990 во Италија, ја принуди ФИФА да стори сѐ што може за да се осигури дека тимовите ќе напаѓаат повеќе и ќе престанат да го трошат времето со враќањето на топката во секоја ситуација. Тоа беше голем „сеизмички“ потрес за голманите, од кои некои воопшто не можеа да ја исконтролираат или, пак, прописно да ја шутнат топката.

Во 1992 година се случи Премиер-лигата, на клубовите не им беше воопшто лесно да се приспособат, а воопшто не беше лесно и да се брендира лигата. Но премиерлигашите ја имаа слободата да почнат сопствени договори за ТВ-права, што беше почетокот на современиот англиски фудбал каков што го знаеме сега. Во 1992 година стариот Куп на европските шампиони (КЕШ) стана Лига на шампионите (ЛШ). Со тоа се избегна „трагедијата“ од 1987 година, кога Реал го елиминира Наполи во првата рунда во КЕШ и ја остави Италија, еден од најголемите телевизиски пазари, без единствениот тим во натпреварувањето. Оттогаш почнаа плановите за нешто поголемо и побезбедно и „големите земји“ да имаат свои претставници што подолго во ЛШ.

На тактички фудбалски план, во финалето на „Вембли“ во 1992 година, триумфира „тимот на соништата“, Барселона на Јохан Кројф, над Сампдорија (1-0), и го постави трендот за следните децении. Кројф рече дека победата му била многу важна за да го убеди скептичното клупско раководство дека неговите методи ќе функционираат.

Многу тактички трендови во изминатите 25 години се засноваа токму врз принципите на Кројф. Погледнете ја „идеолошката“ поделба помеѓу Пеп Гвардиола од една и Жозе Мурињо од друга страна. Тимовите или го копираа моделот на Кројф или се обидуваа да го победат.

Во следните години и децении ЛШ прерасна во најзначајно клупско натпреварување на планетата, милиони километри далеку од првичното нокаут-натпреварување. Што се однесува во последните новитети во фудбалските правила, в сабота во Абердин, Шкотска, треба да се расчисти дилемата за играњето со рака и попрецизно да се формулира што е казниво. 


Никој не може да го извади играчот од игра ако тој не сака!

Случајот со голманот на Челси, Кепа Аризабалага, кој одби да го напушти теренот на финалниот меч од фудбалскиот Карабао-куп против Манчестер сити, по барање од менаџерот Маурицио Сари, предизвика различни реакции. Епилогот (засега) е казната од еднонеделна плата (над 200.000 евра) што му ја изрече клубот. Но повеќето љубители на фудбалот го „открија“ правилото што вели дека судијата не може да го натера играчот да го напушти теренот ако тој не сака, без оглед дали на семафорот на помошникот покрај аут-линијата стои неговиот број. Единствено што му останува е да даде знак мечот да продолжи. Тоа упростено значи дека при замените фудбалерите се главни, а не нивните тренери.


Правилото „Босман“ ги раздвижи фудбалерите

Правилото „Босман“, или случката од 1995 година, во која беше вмешан Белгиецот Жан-Марк Босман, имаше големо влијание врз фудбалот. До тој момент клубот можеше да бара надомест за трансфер на играчот и по истекот на договорот. Босман го оспори тоа, го доби спорот на суд и обезбеди играчите во Европската унија (ЕУ) што се без договор да можат слободно да ги менуваат клубовите. И квотите за странски играчи во однос на државјаните на ЕУ беа укинати. Тоа целосно ја измени фудбалската игра. Дотогаш клубовите можеа да ангажираат најмногу по тројца странци во натпреварувањата на УЕФА. Тоа го „поплочи“ патот за тимовите да ангажираат и млади таленти од сите страни.