Со хранилка успешно се ловат рибите деверика, бабушка, крап, бојник, а може и грабливки како што се сом, смуѓ, штука и други

Риболовната техника фидер е една од најинтересните, која всушност ја потврдиле и многу светски признаени риболовци. Оваа техника е за оние риболовци што сакаат за краток временски период да фатат што повеќе риби, како помали така и поголеми. Тој просек може да биде од една риба на секои две минути, но и поголем. Со фидер успешно се ловат рибите деверика, бабушка, крап, бојник, а може и такви грабливки како што се сом, смуѓ, штука и други.

Фидер е техника на спортски риболов за која е својствена употребата на хранилката. Многу рибари, иако ловат со помош на хранилка, сепак, не знаат како во целост да го искористат ова моќно рибарско оружје, но го користат затоа што е многу интересно, поактивно и поинакво од стандардното и кое овозможува да се фатат повеќе риби во сите временски услови.

Рибарските стапови фидер се препознатливи по нивните изразено обоени врвови или што имаат повеќе различни бои, а се изработени од карбон или од фиберглас. Изборот на рибарскиот стап зависи од големината на рибата што се лови и од тежината на хранилката. За риболов на река е подобар малку појак стап, а за мирните води, како што се езерата, идеален е чувствителниот рибарски стап. Со фидер-стапот претежно се добиваат уште два дополнителни врва во боја и со друга цврстина.

Мрежестите хранилки се изработени од пластични или метални мрежи, со или без затегнување, а се користат за сите води и се идеални за храна со поситна гранулација. Затворените хранилки претежно се изработени од пластика, а користат мамки како што се црви, ларви и друго.

Методот на лов со хранилки претежно се користи за лов на крапот, оти има можност во неа да се стави храна со поголема гранулација, како што се парчиња пелети, но може да користи и храна со помала гранулација. Методот на хранилка е претежно направен од туба, низ која се провлекува конец, а може да носи и поголемо количество мамки.


Какво ловно оружје да се купи за почеток

Кога станува збор за набавка на ловно оружје првпат, треба да се напомене дека секој љубител на ловот има различен вкус по ова прашање. Во суштина, најбитно е ловџијата да одбере оружје по своја мера, за кое мисли дека најдобро ќе му одговара додека лови.

Секако дека тука играат улога и други фактори, како што се нивната цена, квалитетот, моќноста, калибарот, производителот, големината на ловџискиот фонд, неговиот квалитет и друго. Ако се суди по ловџискиот кодекс, кој вели дека пушката треба да им служи на три генерации од едно семејство, тогаш е неоспорно дека изборот при купувањето треба да падне на ново оружје. Но и користеното оружје, чии цени се многу подостапни, а квалитет исто така е добар, а кое претходниот сопственик редовно го одржувал, може добро да послужи како ново. Токму затоа можеби е добро при купувањето на првото ловно оружје тоа да биде користено, за ловџијата да се увери дали му одговара таков вид или не.

Во светот сѐ повеќе се користат пушки со една цевка. Постои и комбинирано оружје, кое се состои од повеќе цевки, кои можат да се наместат на главата на иста пушка. Тоа се мазни цевки за сачми со калибри од 12, 16, 20 мм и комбинирани цевки, кои се состојат од една мазна и една олучена цевка. Постојат и повеќе варијанти на цевки, на пример првата цевка да е мазна, а втората олучена и обратно.