По шести пат во Домот на АРМ ќе се одржат изложба и натпревар на макети, диорами и минијатури
Макетарскиот клуб „Мајор Михајло Ивановски Микс“ од 1 до 3 март ќе ја одржи шестата изложба на макети, диорами и минијатури во Домот на АРМ.
Како што најавува организаторот на изложбата Драган Цветиќ, на годинешната изложба ќе може да се видат многу нови макети на воени и цивилни воздухоплови, тенкови и други оклопни возила, хеликоптери, автомобили и фигури. Како и секоја година, на изложбата ќе учествуваат претставници на клубови од Македонија, но и речиси од сите држави во регионот и пошироко, односно своето присуство го потврдија макетарски клуб „Олуј“ од Београд, ИПМС од Нови Сад, „Свет в малем“ од Крањ, Словенија, макетарскиот клуб „Стендов моделизам“ од Бугарија, „Спинер“ од Краљево, „Наредник Михајло Петровиќ“ од Ниш, „Доктор Владимир Алексиќ“ од Панчево, „Панон“ од Панчево, „Кастел“ од Бања Лука, „ИПМС Алба Јулија“ од Романија, макетарски клуб од Римавска Собота, Словачка, како и повеќе макетарски екипи и поединци од Грција, Србија и од Русија.
Сите изложени предмети на изложбата всушност се минијатури. Макета е секое дело изработено како егзактна реплика на даден субјект во размер. Диорама е склоп од неколку макети поставени на терен што претставува сцена од даден момент во историјата. На пример, авиони на еден воен аеродром или депо каде што се чуваат и ремонтираат тенкови. Кај нас најмногу се прават макети на борбени авиони.
– Сѐ уште е потребна огромна работа за да се издигне ова хоби на некое повисоко ниво. Ние како клуб и поединци се трудиме колку што можеме и даваме сѐ од себе за да го направиме тоа. Работите одат на подобро. Еден од показателите за такво нешто е што нашиот клуб речиси секоја недела добива прашања од поединци од разни градови во нашата држава што се интересираат за ова хоби. Сакаат да набават материјал за макети и прибор и да почнат да се занимаваат со пластично макетарство – вели Драган Цветиќ.
За да се развие ова хоби, потребно е да се одржува континуитет.
– Ако немаме луѓе што се занимаваат со ова хоби, тогаш и самото макетарство како дисциплина ќе замре. Нормално, ние не отстапуваме од нашите намери. Секоја година за време на првиот викенд од март настојуваме да одржиме годишна изложба и натпревар, кои од година на година прераснуваат во вистински настан од интернационален карактер – вели тој.
Најголемата пречка во нашата земја е тоа што нема каде да се купат макети, прибор и потребен материјал за работа.
– Тоа ги одвраќа 99 отсто од новите заинтересирани луѓе со кои сме имале контакт во последниве години откога постои нашиот клуб – додава Цветиќ.
Во иднина тие се фокусирани на одржување годишни изложби и натпревари, претставување и промоција на ова хоби како во државата, така и надвор од неа.
– Секако, работиме и на проширување на макетарската популација во нашата држава и создавање здрава сцена сочинета од нови и млади луѓе што би се занимавале со ова хоби – рече Цветиќ.