Издавачката куќа „Паблишер“ го објави романот „Езеро“ од Бјанка Белова, во превод од чешки јазик на Донка Роус. „Езеро“ е роман за духовниот развој и за потрагата по вистинската смисла на животот. Според самата авторка, романот е „пример за тоа што ќе се случи кога човек ја зема во свои раце историјата на светот и ја приспособува кон своите потреби“. Тој ја следи приказната на момчето Нами од едно рибарско село на крајот од светот. Загаденото езеро полека пресушува и се повлекува од бреговите.
Мажите пијат вотка, жените се грижат за нив додека ловат риби среде бурите, а децата ја имаат само својата егзема. Ова е приказна стара колку и самиот човек. Нејзиниот јунак тргнува на патување само со својата храброст и палтото што некогаш му припаѓало на дедо му – за да ја најде мајка си. Но за да ја реши мистеријата, мора да заплови и да го заобиколи езерото, а најпосле, да се спушти до неговото дно во потрага по своите корени.
За овој роман авторката се закити со највисоката чешка литературна награда „Магнезија литера“ за книга на годината, а исто така ја доби и Наградата за литература на Европската Унија во 2016 година. Бјанка Белова се смета за една од најзначајните современи чешки автори. По својата прва книга „Сентиментален роман“ од 2009 година, ги објави новелите „Мртов маж“ во 2011 година и „Цел ден ништо не се случува“ во 2013 година.
Романот „Езеро“ е дел од едицијата „Калеидоскоп“, поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.