Додека македонската влада од Брисел очекува чист безусловен датум за почеток на преговори со Унијата налето, со оглед на постигнатиот договор со Грција за решавање на спорот за името и пофалбите за чекорите што се презедоа во земјава за напорите за враќање на брзиот пат кон ЕУ, сегашната состојба во Унијата сепак не овозможува прием на нови членки во задоволувачки услови. Вакви разочарувачки тонови на наша адреса во однос на европската интеграција пристигнаа деновиве, и тоа од една од највлијателните земји во европскиот сојуз – Франција. Имено, министерката за европски прашања на Франција, Натали Лоазо, која деновиве треба да го посети регионот, вклучувајќи го и Скопје, меѓу другото вели дека Европската Унија најпрво ќе треба да ги реализира неопходните реформи за нејзино реформирање пред да се случи какво било ново проширување во скоро време.
– Сегашната состојба во Европската Унија не дозволува нови придружувања во задоволителни услови, како за Европската Унија, така и за новите држави што би ѝ се придружиле. Треба да ја реформираме Европската Унија и да го ревидираме нејзиното функционирање – изјави Лоазо во интервју за српскиот весник „Политика“.
Таа оценува дека единствено Црна Гора е меѓу земјите што најмногу напредувале на тој пат, отворајќи 16 од 35 поглавја. Министерката за ЕУ, Лоазо, од друга страна, за домашните медиуми вели дека земјава мора да продолжи со реформите во секторот на економијата, зајакнувањето на правната држава и борбата против корупцијата.
Според Французинката, Македонија е на добар пат, но треба да се фокусира на департизација на администрацијата и мобилизирање на граѓанското општество.
Ваквите предупредувачки сигнали, кои во последниот период сѐ повеќе пристигнуваат на наша адреса, а кои се однесуваат на критериумите што треба да се постигнат преку реформскиот процес, сѐ со цел да се добие датум за преговори со ЕУ налето, во домашната јавност наметнува дилема дали Македонија, и покрај постигнатиот договор со Грција, но и почнувањето на процесот за реформирање за приспособување кон европските стандарди, сепак може да се случи и ова лето да не добие датум за почеток на преговори со Брисел? Експертите имаат поделено мислење на оваа тема.
Некои експерти велат дека присуството на високите европски претставници во Преспа на потпишувањето на договорот со Грција и поддршката што пристигнува од меѓународната заедница се јасен показател дека е извесна одлуката за почнување преговори налето. Други, пак, објаснуваат дека земјава нема доволно капацитети и кадар за имплементација на ЕУ-стандардите и применување на забелешките на Прибе.
Професорот Нано Ружин вели дека Македонија сепак ќе ја добие поканата за почнување на преговорите поради решавањето на спорот со Грција, кој беше пречка за добивање покана за преговори. Ружин е убеден дека Унијата е една од најтранспарентните институции и својата посветеност кон земјите-аспиранти ја покажала преку давање финансиски поддршки за развој и преку постојани ангажмани, кои говорат дека таа, сепак, сака да го види регионот во границите на Унијата. Сепак, тој додава дека европските избори што се очекуваат оваа пролет ќе имаат големо влијание врз политиката за проширување.
– Ако ја следите стратегијата на Емануел Макрон, исто така и на француската опозиција, има постојаност за разлика од претходно на Макрон, во пресрет на европските избори не говори за проширувањето на ЕУ. Тоа е така бидејќи таму има размислување дека последното проширување на ЕУ е несоодветно направено. Ваквиот однос не е новина. Тие работи треба да ни се јасни и да ги имаме предвид – вели Ружин.
Професорот додава дека во Европа постои еден вид резерва кон тоа што ќе се случи по изборите. Во тој контекст, според Ружин, ние државите што сме аспиранти сме практично закочени.
– Би било убаво Македонија да биде наградена поради договорот со Грција, но сѐ уште е неизвесно дали ќе се случи тоа. Мислам дека сепак ќе го добиеме датумот за преговори, но европските лидери не сакаат да зборуваат за тоа сега, во моменти кога се случува брегзит и кога постојат одредени размислувања на Макрон, кој се наметнува како најзначаен субјект на ЕУ и кој инсистира на реформи најпрво на ЕУ, а потоа нови членки – вели Ружин.
Професорот додава дека шансите на Македонија во јуни да добие датум за преговори се 51 отсто наспроти 49 дека нема да добие, иако во исто време критиките кон нас за реформите се огромни.
Од друга страна, политикологот Милан Стефановски објаснува дека ако се продолжи да се работи со интензитетот со кој почнаа работните групи за реформите, многу тешко ќе се реализира сè што е договорено во однос на имплементацијата на тоа што е поврзано со забелешките на Прибе, а од што зависи датумот за преговори со ЕУ.
– Македонија е заинтересирана за спроведување реформи, и тоа важи за сите влади со години. Тоа е принципиелно прашање, на кое работат сите, ама резултатите се слаби. Тоа е резултат и на капацитетите на власта да ги спроведе реформите, ама и на капацитети на општеството да ги прифати. Реформите се долгорочен процес, кој мора многу внимателно да се спроведува и на таа основа може да се очекуваат резултати. Не треба да бидеме нереални, бидејќи состојбите во општеството се такви што не можат да се променат со волшебно стапче. Критиките и пофалбите на Прибе се приватно и лично чувство, а неговиот извештај, кој се смета како некаков прирачник, беше заложба на владата и е само една оцена на ЕУ, која доби нагласено значење. Да не забораваме дека реформите се наш интерес и во тоа име треба пред сѐ да се спроведуваат – констатира Стефановски.
Тој додава дека сѐ почестите критички сигнали што пристигнуваат на наша адреса од влијателни земји членки на ЕУ, како Франција, Холандија и Германија, сѐ поизвесно навестуваат дека е можно да не добиеме чист датум за почнување пристапни преговори со Унијата во јуни.