Повеќето грчки медиуми се обидуваат, со различна успешност, да се приспособат на новонастанатата реалност, и тоа не им оди лесно, пишува грчкиот весник што се печати во Австралија, „Неос космос“.
Повеќе од 25 години, Грците го нарекуваа северниот сосед според името на главниот град – Скопје. Замислете Нов Зеланд да ја нарекува Австралија „Канбера“ и ќе видите колку тоа е бесмислено. Повеќето организации што ги почитуваат правилата на новинарнарството беа воздржани во поглед на користењето на официјалното име Поранешна Југословенска Република Македонија, кое беше признаено и од Австралија, меѓу другите држави.
Затоа, постапивме исправно кога пишувавме „ФИРОМ го смени името“. БЈРМ поставуваше нови табли со новото име Северна Македонија. Со цел да се приспособат на новата реалност, одредени грчки медиуми го пишуваа новото име „Северна Македонија“ во наводници, како да претставува алијас или прекар, а не решение на билатерален договор помеѓу две суверени држави, обврзано од меѓународното право, односно како да не е името што државата го користи во документите, на зградите на јавните установи и кое ќе биде употребувано од сите други држави.
Невообичаената ситуација доведе и до објавување на лажни вести во одредени медиуми, додека написите во респектабилните „Вашингтон пост“ и „Асошиејтед прес“ добро ја опишаа ситуацијата. Според нив, Македонија, државата која САД ја признаа под тоа име, официјално е преименувана во Северна Македонија. Сите држави што ја признаа Македонија под тоа име, но и под ФИРОМ, треба да го користат новото име.
Од Википедија до Би-би-си, преку ОН до говорот на Ангела Меркел која неодамна зборуваше за Северна Македонија, новото име почна да се применува. Но, постои разлика меѓу институциите и поединците. Институциите се обврзани според меѓународното законодавство. Поединците можат да прават што сакаат. Националистите ќе продолжат да се однесуваат исто. Македонците во Австралија се незадоволни и ги истакнуваат обележјата со сонцето од Вергина, слично како што Грците печатат карти кои го покажуваат „Константинопол“ како главен град на Грција, односно како што Грците одбиваат да кажат зборот Истанбул.
На Интернет се појавија и луѓе кои се обидуваат да ги збунат медиумите што известуваат за промената на името, по што „Дојче веле“ објави вест користејќи го името Скопје, со што се чини дека им удоволи.
Многумина Грци ќе продолжат да го користат терминот Скопје, исто како што македонската дијаспора го истакнува сонцето од Вергина. Ќе биде потребно време, но ќе се навикнеме.
– Ќе најдеме начин да коегзистираме. На крајот на краиштата, тоа го правиме со векови, како земјаци Балканци на натопениот со крв полуостров кој претставува спој на различни култури во југоисточна Европа – се наведува во заклучокот на весникот.