Во изминатите два дена во шест училишта се вакцинирани стотина деца. Во неколку училишта се уште имаме отпор од родителите и реакции од училиштата во однос на тоа како треба да се спроведува вакцинацијата. Работевме на тој проблем и во координација со Министерството за здравство, директорите на школите и локалната самоуправа и изнадовме решение, што ни овозможи во училиштата каде не беше дозволен пристап на вакциналните тимови, а тоа е во ОУ „Кочо Рацин“ и во ОУ „Владо Тасевски“ в петок да организираме вакцинирање на терен за децата од школска возраст. Проблемот во ОУ „Ѓоргија Пулевски“ ќе го решиме во наредниот период.
Ова денеска го изјави директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ, кој рече дека ниту едно дете без согласност на родителот нема да биде вакцинирано. Посочи дека вакцинацијата не се спроведува првпат и затоа пристапиле кон ваков начин на решавање на проблемот во врска со невакцинираните деца.
– Дадовме изјави до сите диспанзерски тимови кои треба да им ги дадат на родителите кои ќе бидат присутни на лице место да ги потпишат дека се согласни да им биде вакцинирано нивното дете, а оние деца кои ќе бидат без родители треба да донесат писмена изјава од родител дека е согласен тоа да биде вакцинирано – истакна Мехмедовиќ.
Според списоците кои имаат за невакцинирани деца во училиштата, посочи, вкупната бројка е 3.700, а само во ОУ „Кочо Рацин“ има 98 кои се потенцијално изложени на ризик да бидат инфицирани од морбили сега кога се наоѓаме сред епидемија.
– Вакцинацијата се одвива во условите какви што ги има по школите, се одвива согласно позитивната медицинска пракса, значи се користат секогаш стерилни сетови за вакцинација, се користат ракавици, се создаваат стерилни услови на самото место каде треба да се аплицира вакцината, така што децата се безбедни од тој аспект – рече Мехмедовиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање, појасни дека се уште не ја добиле одлуката од Министерството за здравство за вакцинација на бебиња над шестмесечна возраст.
– Се уште вакцинираме согласно правилникот за имунизација кој значи дека од девет месеци нагоре поточно од 12 месеци се прима првата вакцина за морбили – нагласи Мехмедовиќ.
Тој рече дека во текот на целата епидемија ниту еднаш не биле доведени во ситуација да има недостиг на вакцини со оглед на тоа што имаше одредени проблеми со неточни декларации на одредени вакцини.
– Контролата и системот на контролирање во изминатиот период е подигнат на повисоко ниво и процесот на примање на вакцините од добавувачите преку Министерството за здравство, кој е главен добавувач, е исто така е уредено со внатрешен протокол, што ние го имаме пропишано. Чекаме да добиеме надворешен протокол од Министерството, кој ќе го аплицираме после тоа – додаде Мехмедовиќ.