Фото: Игор Бансколиев

Кај активистите што се залагаат за задржување на старото уставно име на државата – Република Македонија, како и кај движењето „Бојкотирам“, предизвикува сомнеж тоа што на веб-страницата на ООН, но и на онаа на македонското МНР, сѐ уште не е објавена содржината од текстот на вербалната нота со која ОН се информираат за промената на името на државата

Според обврските преземени со Преспанскиот договор, Министерството за надворешни работи ги достави вербалните ноти до Обединетите нации (ОН) со кои информира за настанатите промени за името на земјава. Испратени се три вербални ноти од Постојаната мисија до Протоколот на ОН, до земјите-членки и земјите-набљудувачи на ОН, како и вербална нота од Министерството за надворешни работи до сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, со кои се информира за настанатите промени. За пристигнувањето на вербалните нотите во ОН, има потврда и од официјални лица на организацијата, но и од генералниот секретар, Антонио Гутереш. И покрај известувањето на македонската јавност од страна на Министерството за надворешни работи и потврдата од Њујорк, сепак на веб-страницата на ООН (до петок попладне, 15.2.2019) земјава сѐ уште беше регистрирана според старото име под кое Македонија е примена во организацијата, односно привремената референца – ПЈР Македонија.

Кај активистите на социјалните мрежи, кои се залагаат за задржување на старото уставно име на државата – Република Македонија, како и кај движењето „Бојкотирам“, предизвикува сомнеж тоа што на веб-страницата на ООН, но и на онаа на македонското МНР, сѐ уште не е објавена содржината од текстот на вербалната нота.

Од „Бојкотирам“ речиси обвинуваат дека содржината на нотата не се објавува зашто во неа македонската страна се откажува и од правото за користење на придавката – македонско (македонска, македонски)/Мацедониан (на англиски). Правото за користење на придавката „македонско“, во контекст на државјанство, се истакнува како една од главните придобивки за македонската страна од Преспанскиот договор.

Од македонското МНР велат дека вербалната нота е документ од јавен карактер и дека треба да биде достапна на веб-страницата на ООН за брзо време, но не можат да претпостават кога. Истиот одговор го добивме и во однос на прашањето за објавувањето на содржината на нотата на веб-страницата на МНР, но истакнуваат дека се работи за техничко и временско усогласување. Иако е кратко времето од официјалното испраќање на нотата до ООН (на 14 февруари, доцна попладне по македонско време), сепак недостапноста на содржината предизвика реакции и сомнежи во јавноста.

– Што се однесува до содржината на вербалната нота од македонското МНР, нема никаква потреба во официјален извештај до генералниот секретар на ОН да се наведуваат детали околу користењето на придавката „македонско-(а) (и)“. Ако постои такво нешто тоа би претставувало срамно попуштање и целосно откажување од македонизмот, од наша страна. Извештајот до генералниот секретар на ОН е поврзан со резолуциите на Советот за безбедност на ОН 817/93 и 845/93, со кои се третира проблемот за името на нашата земја. Што се однесува, пак, до карактерот на вербалната нота, таа е апсолутно јавен документ, кој во ООН веднаш е проследен до сите земји-членки. Но треба да се спомене и фактот дека во многу меѓународни договори постојат и тајни анекси, кои не се објавуваат. Сепак, најверојатно тоа не е случај со Преспанскиот договор. Покрај тоа, постојат и усни договори, кои исто така обврзуваат, што е многу можно да постојат во случајот на Преспанскиот договор – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.


Предлог и за контраписмо

Професорот Игор Јанев, кој многу години се ангажира и предлага начини за решавање на проблемот за името на државата Македонија во ООН, го повикува претседателот на Република Македонија итно да реагира со контраписмо до ООН во кое ќе извести дека името не е легално променето и дека нашето име за надворешна употреба е сѐ уште Република Македонија односно во ООН (за потребите на ОН) поранешна југословенска Република Македонија.
Во апелот, Јанев предлага претседателот на Република Македонија да изјави дека промена на името не е извршена во согласност со предвидените услови од Уставот на Македонија, според кој е потребен потпис на претседателот на Македонија и при склучувањето на Преспанскиот договор, но и по ратификацијата на истиот тој. Со контраписмото би се повикувале сите држави-членки на ООН и самата ООН да не се изврши оваа нелегална и нелегитимна промена на државното име и привремено обраќање во ООН. Јанев советува писмото на Владата да претставува нота што треба да биде игнорирана.
Од кабинетот на претседателот Иванов нема реакција за предлогот на професорот Игор Јанев.