Златко Ѓелески, автор и филмски проследувач
Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар (1986 г. Битола). Во 2010 година дипломира на Катедрата за општа и компаративна книжевност при факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Неодамна од печат излезе неговата збирка раскази „Понор“ во издание на „Бегемот“, чија промоција ќе се одржи на 21 февруари, во 19 часот, во џебното кино на МКЦ.
Во пресрет на промоцијата на „Понор“, кажете ни нешто повеќе за расказите од оваа збирка?
– Во „Понор“ ја проширувам топографијата на мојот пишан свет и на читателот му го откривам постоењето на чудесниот град Понор, во кој се ситуирани и меѓусебно поврзани дваесетина животни патишта. Станува збор за фантастични раскази во кои се запознаваме со протагонистите пред да се соочат со одлука што еднаш засекогаш ќе им ги промени животите. Градот се прехранува од нивната несреќа, а на читателот му ги обелоденувам сите непријатели на здравиот разум против кои делото се бори, како што се ароганцијата, суетата, зависта, користољубието, лицемерството и другите тумори на душата, кои толку лесно ги прифаќаме како составен дел од колоквијалното постоење што доведува до апсурд и искривоколчување на вредностите. Понор е негатив на Скопје што никогаш не постоело, град од некое друго вчера и денешно утре, до кое не смее да дојде.
Во претходните збирки раскази, „Морбидизам“ и „Колекционерот на смрт“, видливо се провлекува хоророт како жанр. Колку и да звучи како клише, сепак, секој би сакал да знае, што ве инспирира?
– За да се напише хорор-расказ, потребно е само да се поседува компјутер и некој од ликовите да умре. За да се напише квалитетен жанровски расказ, потребно е да се има сеопфатно познавање од сите постојни книжевни жанрови, стилски формации и правци. Активниот читател, кој ги има прочитано моите раскази, знае каде влијаеле Кинг и Баркер, а каде Кортасар, Кафка, Ман, Џејмс, Фокнер, Мамлеев, Достоевски и Булгаков ги замешале прстите и на кој начин доаѓа до израз мојот пишан збор. Така што во моите раскази има огромна доза елементи на мелодрама, комедија, трилер, криминалистика, научна фантастика, суров егзистенционализам и сомнабулен симболизам со психоаналитичка рефлексија на ликовите. Кога ќе се отстранат овие слоеви ќе се дојде до пораката на моето дело, која воопшто не сум лимитиран да ја пренесам со помош на елементи од сите тропи, кои сметам дека би му служеле на делото, кое е доволно постмодерно за да не дозволи да биде етикетирано само со еден прекар. Секогаш сум во дослух со потребите на расказите и секој елемент што е соодветен им го допуштам.
Ја организирате ревијата „Мрак-фест“, ги режиравте краткометражните филмови „Од другата страна“ и „Мемоари“…
– Повременото застанување зад камерата секогаш било мотивирано од потребата за визуализирање на дела што не би ги снимиле другите режисери. Филмот е скапа играчка и тимска работа, која одзема повеќе време во подготовки и преговори, отколку во снимање. Овие филмови мене ми беа тестирање на научената теорија во практика и можност за работење на адаптирано сценарио од сопствен расказ. Ги немам потребното внимание и време да ги посветам на овој начин на изразување, затоа што сум човек што доколку не може максимално да се посвети на еден подвиг, не го ни почнува. Не правам нешто колку да се рече. Така што, режирањето треба да го практикуваат луѓе што се комплетно посветени на професијата, а моја работа е да ги анализирам и да ги вреднувам нивните дела со критичките осврти.
Ја уредувате радиоемисијата „Дансе Макабре“ на Канал 103, каде што гостуваат познати музички и филмски имиња. Кој разговор ви оставил впечаток и на некој начин влијаел врз вас?
– Во „Дансе Макабре“ секој вторник гостуваат уметници што придонесуваат за создавање здрав ’рбетен столб за зачувување на високите естетски вредности на македонската уметност. Без разлика дали гостуваат режисери со по еден краткометражен филм или пет долгометражни филма, музичари со еден или пет студиски албуми, со еднаква посветеност и детална анализа ги разработувам нивните дела и се обидувам да ги истакнам на површина квалитетите што ги поседуваат. Не прифаќам наметнати интервјуа и благодарен сум им на гостите што ќе ми дозволат да фрлам поглед во нивниот начин на работа и ќе ми ја соопштат пораката што сакаат да ја испратат. Не бркам плиток сензационализам и приватниот живот на авторите не е од интерес за емисијата.
Од вашето досегашно искуство во филмската критика, каква е моменталната творечка клима во нашата земја?
– Недостигаат напорна и посветена работа, постојано надградување, непрекинато истражување и изучување на историјата на филмот. Многу е лесно да се киднапира филмската критика и да се чува како свој заложник за пропагандистички цели и за нејзино искористување за промовирање на сопствена идеологија. Во светски рамки настанува промена на генерации, возрасните не се заинтересирани за стриминг-еволуцијата, младите не ја чувствуваат потребата од посредништвото на видеотеките и дивидитеките, ниту пак одењето во кино го сметаат за церемонијал. Светската продукција е масовна и еден критичар не може да ги погледне сите филмови што треба да ги види. Тоа значи дека селекцијата мора да биде ригорозна. Домашната филмска продукција, колку и да е оскудна и неконкурентна, знае да создаде неколку исклучоци што ќе бидат амбасадори на нашата уметност во светски рамки.