Секогаш кога илустрирам постер, во заднина ми оди саундтракот од филмот на кој работам, вели Марко Манев
Марко Манев е илустратор и графички дизајнер, кој соработувал со звучни компании како „Марвел“, „Дизни“, „20 сенчри фокс“, „Лукасфилм“, „Стар ворс“, „Визардс од д кост“, „Виард магазин“, „Њујоркер“, „Варајати“… Неговата биографија е полна со илустрации, како и со постери за филмови, ТВ-емисии, игри… Вели дека сѐ може да се постигне со страст, напорна работа и со упорност. Во почетокот создавал постери за свое задоволство и ги постирал онлајн преку разните социјални мрежи, а потоа почнал да добива понуди и од големи студија.
Што најчесто бара пазарот и дали тој го диригира вашето работно секојдневие?
– Ако станува збор за постер каде што директно студиото е клиентот, тогаш работам според тоа што ќе го побара од мене арт-директорот, режисерот или продуцентот. Но ако зборуваме за постери на постојни филмови, кои ќе се продаваат преку галерија за одреден настан или конвенција, тогаш со кураторот се договараме и го избираме тоа што сметаме дека е најсоодветно, но и по мој вкус. Никогаш не работам на наслов што ми нема значење. Најпопуларните наслови се најбарани и тоа често диригира на што би се нафатил. Носталгичните наслови од 1980-тите па во последно време и 1990-тите се многу барани. Пред сѐ постерите што ги создаваме се од обожаватели за обожаватели и тоа колекционерите го препознаваат и го бараат.
Како е да се работи за големи имиња?
– Понекогаш ми треба пауза за да се свестам дека работам за имиња што ми биле страст од детството. Инаку зачудувачки, многу е лесна соработката. Најчесто ме оставаат јас да им предложам концепт. Секако дека секое студио си има свои правила што треба да ги следиш, но по некое време учиш кој што бара и очекува и работата е поедноставна. Како најголем проблем би ги издвоил актерите и нивните менаџери, затоа што ако на постерот го има ликот на актерот тоа прво мора да биде одобрено од нив и ако сметаат дека не се претставени во најдобро светло, проектот не може да продолжи додека не се среди тоа.
На каков начин функционира, како се одвива продажбата на постерите?
– Најголем процент преку галерии. Но кога веќе ќе се стекнеш со обожаватели можеш и сам да ги продаваш онлајн или на конвенции. Честопати се случува да се соберат група обожаватели/колекционери да ме најмат за да им илустрирам постер за конкретен филм или бенд. Инаку постерите на кои работам се во лимитиран број и кога ќе се продадат, тоа е тоа, нема репечатење.
Дали работата како слободен уметник отвора поголеми перспективи?
– Па да. Секој месец е нова авантура на некој начин. Никогаш не знаеш на што ќе работиш наредните неколку месеци. Сам си го диригираш работното време и можеш да работиш во пижами. Ова последново не го препорачувам. Затоа што по некое време ако немаш ред и се изгубат границите помеѓу домашната и работната атмосфера страда продуктивноста. Работењето како слободен уметник е одлично, но дефинитивно знае да е стресно и не е за секого. Покрај тоа што треба да си креативен, треба да имаш и чувство за финансии, комуникација, промоција и планирање. Некои месеци едноставно не знаеш како ќе постигнеш, од што има работа, други па се толку празни што е просто невозможно да не почнеш да паничиш.
Кои дела ги сметате за ваше најголемо достигнување?
– Секако најголемо достигнување ми се оние наслови со кои сум израснал како „Стар ворс“, „Марвел“ или некоја конкретна видеоигра. Минатата година бев позитивно изненаден кога ме исконтактираа од „Плејстејшн“ за да илустрирам постер за римејкот на „Shadow of the Colossus“, една од моите омилените видеоигри.
Што треба да содржи еден постер за да се постигне посакуваната цел?
– Зависи која е целта. Ако зборуваме за промоција на нов филм, кој допрва треба да излезе, тогаш најважно е да биде впечатлив и лесно да ја пренесува идејата. Ако е постер за веќе постоен наслов, тогаш има простор за повеќе креативност концептуалност и артистичка слобода. Како и да е, и во двата случаја сметам дека е најважно да се пренесат чувството и амбиентот на филмот. Затоа секогаш кога илустрирам постер, во заднина ми оди саундтракот од филмот на кој работам. За да одредам дали сум на вистинскиот пат, често го паузирам саундтракот и додека го анализирам делото продолжувам да ја „слушам“ музиката во глава, тогаш сметам дека сум ја постигнал целта.