Тензиите помеѓу двете земји, околу корпоративните спојувања, политиката кон Либија и изложбата на делата на Леонардо да Винчи, тлеат уште откако популистичката „влада на промени“ лани во јуни дојде на власт во Рим. Најновиот конфликт ги доведе односите на најниско ниво во поблиската историја, а тешко е да се види како може да се подобрат во блиска иднина, оценува магазинот „Кварц“

Франција и Италија се наоѓаат во дипломатска криза, испровоцирана од неодамнешната средба на италијанскиот вицепремиер Луиџи ди Мајо, со претставниците на француското протестно движење „Жолти елеци“. Но потегот на Ди Мајо беше капката што ја прелеа чашата. Тензиите помеѓу двете земји, околу корпоративните спојувања, политиката кон Либија и изложбата на делата на Леонардо да Винчи, тлеат уште откако популистичката „влада на промени“ лани во јуни дојде на власт во Рим. Најновиот конфликт ги доведе односите на најниско ниво во поблиската историја, а тешко е да се види како може да се подобрат во блиска иднина, оценува магазинот „Кварц“.

Поддршката на Ди Мајо за „Жолтите елеци“ доаѓа во период кога движењето се подготвува да излезе со свои кандидати на претстојните избори за Европскиот парламент. Сето ова предизвика толкави проблеми за францускиот претседател Емануел Макрон, поради што француската влада го повлече својот амбасадор од Рим, обвинувајќи ја италијанската влада за вербални напади „без преседан уште од Втората светска војна“.

Двете „завојувани“ влади мора да им дадат некаков кредибилитет на нивните спротивставени визии, бидејќи изборите за Европарламентот веќе се на повидок. Тие им дадоа на гласачите некаква претстава за претстојната кампања, која ќе ги истакне поделбите што постојат низ Европа за основната природа, цел и архитектура на ЕУ.

Честите напади против француската влада од италијанската влада се индиректни напади против бившата агенда за европска интеграција, како и против самата Унија.

Популистичките партии во италијанската влада ќе се натпреваруваат помеѓу себе на различни платформи во текот на европските избори. Лигата веќе е член на десничарската парламентарна група Европа на нациите и слободата, во чиј состав се наоѓа и Националниот фронт. Но движењето „Пет ѕвезди“ допрва треба да најде соодветен политички дом. Поради тоа се обидува да ги охрабри движењата во странство, како што се „Жолтите елеци“, кои содржат популистички елементи и од левицата и од десницата.

Овие заострени односи кон ЕУ имаат директно влијание и на домашната политика. Обидот на францускиот претседател да ја зајакне Европа создаде конфликт со „Жолтите елеци“, додека, пак, напорите на италијанската влада да ја задоволи својата гласачка база креираат конфликт со Европа. Макрон се обидува да имплементира многу амбициозна програма на економски реформи. Поголемиот дел промени се конзистентни со либералната програма за структурно нагодување, што значи решавање на проблемите со невработеноста и подобрување на конкурентноста на француската економија, а истовремено и одржување цврста фискална рамнотежа. Брисел ги поздрави реформите, но тие се контроверзни дома. Макрон беше успешен во реформите на образованието, пазарот на трудот и пензиите, но се мачи за прашањата каде што противењето на реформите е поделено помеѓу либералната урбана „елита“ и националистичкото конзервативно рурално „население“.

Движењето „Жолти елеци“ првично настана од противењето за данокот на гориво, претежно помеѓу луѓето во руралните средини, кои за живот зависат од своите автомобили. Но сега веќе се претвори во протестно движење, составено од различни фракции на левицата и на десницата во француското општество. За да ги задоволи нивните барања за подобрување на животниот стандард, Макрон вети надоместоци и даночни олеснувања за пензионерите и за работниците со низок приход, загрозувајќи ги на тој начин владините финансии.

Од друга страна, италијанската влада, особено движењето „Пет ѕвезди“, имаат сосема спротивен пристап кон економската политика. Таа ветува поголема социјална заштита и го прави тоа и покрај тоа што со години се соочува со економска стагнација и високо ниво на буџетски дефицит и јавен долг. Овие работи се вистинска анатема за ЕУ по кризата во еврозоната. Како резултат на тоа, италијанската влада е во отворен конфликт со Брисел поради нејзиниот буџет, кој мораше да го менува неколкупати за да ги задоволи критериумите на ЕУ за фискална стабилност.

Истовремено, во однос на прашањето за миграциската политика, кое е особено болно во Италија, Италијанците чувствуваат дека се оставени сами да се справуваат со бегалскиот бран. Бидејќи ЕУ е голема и тромава организација, беше многу бавна во договарањето заеднички пристап и да ѝ ја даде на земјата помошта што ѝ е потребна. Па така, Владата во Рим одбива да им дозволи влез во италијанските пристаништа на бродовите што носат имигранти, префрлајќи ѝ го проблемот на соседната француска влада. Од друга страна, француската влада, соочувајќи се дома со популистичката опозиција, исто така се двоуми да се ангажира за прашањето за миграцијата.


Судирот е одраз на големите европски поделби

Многу е невообичаено како Италија и Франција, две земји-основачки на ЕУ, имаат толку отворен конфликт. Но исто така е невообичаено Италија да има влада што е толку отворено непријателски расположена кон Унијата. Тоа ни укажува дека зад оваа криза лежи подлабоката поделба во Европа.
Движењето на Макрон, „Ла републик“, е ново на француската политичка сцена, но сепак го претставува главниот, проевропски либерален центар. Макрон успеа да ги привлече луѓето од умерената левица и десница, за да ја формира својата нова влада. Во Франција, силите од популистичката левица и десница се наоѓаат во опозиција. Но во Италија, популистичките движења се наоѓаа во Владата. Па, така, во Италија големиот проевропски центар се наоѓа во опозиција.
Поради тоа, француската и италијанската влада сега имаат многу различни визии за ЕУ. Макрон има амбиции за подлабока соработка за надворешните, воените и економските работи. Спротивно на тоа, италијанските „Пет ѕвезди“ и Лигата се наклонуваат кон пријателските популистички влади во Австрија, Полска и во Унгарија, кои или промовираат европскептични ставови или се во отворен конфликт со Брисел.


Сорос: ЕУ ќе се распадне како Советскиот Сојуз

Доколку Европската Унија не се разбуди и не ги препознае внатрешните и надворешните закани, ќе заврши како Советскиот Сојуз, предупреди милијардерот Џорџ Сорос, алудирајќи на распадот на советскиот блок во 1991 година.
– Европа месечари кон уништување, а народот на Европа мора да се разбуди пред да биде предоцна. ЕУ сега се наоѓа во револуционерен момент, а крајниот исход е сосема неизвесен. Најлошо од сѐ е фактот дека ниту европските лидери, ниту нивните граѓани се свесни за оваа ситуација. Сегашното раководство на Европа потсетува на советското политбиро, кога Сојузот се распадна, продолжувајќи да издава укази, како тие да се релевантни – порача Сорос.