Во 100 грама јачмен има 354 калории. Изобилува со незаситени масни киселини. Ги содржи витамините А, Д, Е и поголемо количество витамин Б12 (што е инаку ретко во растенија). Богат е со минерали, како калиум, магнезиум, цинк, железо, фосфор, кобалт, флуор и јод. Јачменот е богат и со пантотенска киселина (витамин Б5), која има клучна улога во создавањето на црвените крвни зрнца и полови хормони.
– Го стимулира варењето на храната и го чисти телото
Јачменот е лесно сварлив и содржи многу растворливи растителни влакна. Го подобрува варењето на храната и го одржува балансот на цревната флора. Познат е како храна што го грее телото за време на зимскиот период, но исто така помага во неговото чистење напролет.
– Го намалува холестеролот
Холандските научници откриле дека јачменот содржи до 35 отсто незаситени масни киселини што го намалуваат холестеролот во крвта – повеќе од која било друга житна култура. Американската агенција за храна и лекови и официјално го одобрила како храна богата со растворливи влакна, која го намалува ризикот од срцеви заболувања. Богат извор на нијацин, кој дополнително ги штити срцето и крвните садови.
– Штити од рак на дојка и на простата
Германските истражувачи откриле дека јачменот го намалува ризикот од рак, благодарение на фитонутриентите наречени лигнани. Резултатите од истражувањето покажале дека жените што пред менопауза јаделе храна богата со лигнани го намалиле ризикот од добивање рак на дојка за неверојатни 62 проценти. Од јачменот корист имаат и мажите – редовно консумирање храна богата со лигнани го намалува ризикот од добивање рак на простата за 82 отсто, покажале истражувањата.
– Јачменовата вода – универзален лек за сите видови воспаленија
Јачменовата вода е познат народен лек за сите видови воспаленија. Таа може да се консумира при воспаление на респираторниот, дигестивниот и уринарниот тракт. Исто така е познато средство за ублажување мачнини и повраќање. Една лажичка исчистен јачмен (без лушпа) ставете во еден литар ладна вода. Оставете да зоврие и оставете го на силен оган уште десет минути. Исцедете со помош на газа и пијте го топло, двапати на ден. Јачменовата слуз што останува по готвењето е важна диетална храна, која помага при проблеми на варењето и стомачни болки. За да се ослободите од болки во грлото, на топлата јачменова вода исто така може да ѝ додадете едно лажиче мед и сок од еден лимон.
– Ги намалува брчките
Од јачмен може да се направи здрава, природна маска за брчките на лицето. Во еден литар вода се вари 20 грама јачменово зрно, сѐ додека не омекне. Потоа тоа се пасира и добро се истиснува преку газа. Добиената каша се користи како маска за лице. Држете ја на лицето околу 20 минути. Потоа отстранете ја и на лицето ставете облоги од исцедената течност да стојат 10 минути. Во исто време напијте се една чаша топол чај од јачмен (течноста што ќе остане). За идеални резултати, повторете ја оваа постапка трипати неделно.
Лавров лист: го спасува срцето, лекува уринарни инфекции, ја смирува психата
Од лавровиот лист има повеќе корист од само ставање во тенџере за да му даде арома на јадењето. Тој го забавува стареењето, смирува, помага во борбата против бактерии, ги лекува дишните патишта…
Лавровиот лист е чудотворна билка и штета е да го користиме само како додаток на јадење.
Експерти велат дека се работи за многу моќна билка, која го забавува стареењето, го поправа расположението, го чисти телото, решава респираторни проблеми и слично.
Лавровиот лист е полн со витамини и минерали. Најмногу има витамин А и витамин Ц, а од минералите најмногу има железо, манган, калциум, калиум и магнезиум. Мирисот на лавровиот лист има инсектицидни особини, тој ги оддалечува бубачките и затоа се користи и како средство против молци. Порано се верувало дека тој предизвикува абортус, но тоа воопшто не е медицински докажано и се смета за неточно. Одличен е во намалување на шеќерот во крвта, но најдобар е во уништувањето на инфективните жаришта. Затоа лавровиот лист се смета за растение што го штити организмот од инфекции.
Лавровиот лист е одличен против мигрена, тоа е едно од ретките растенија што имаат силно аналгетско дејство. Маслото, пак, од лавров лист е вистински лек против модринки и други лузни на кожата. Лавровиот лист исто така има и проверено добро дејство врз варењето, помага за правилна дигестија на храната во целиот дигестивен тракт. Многу шампони и мелеми се на база на лавров лист, бидејќи тој има силно дејство против првут.