Најинтригантно дело од светската книжевност што 26 години останало скриено во библиотека е „Автобиографијата на Џакомо Казанова“, а никогаш непозајмен е епот „Одисеја“. Долго непрочитани се и „Кандид во земјата на чудата“ на Венко Андоновски и романот „Вкусот на праските“ на Влада Урошевиќ
Неодамнешната посета на еден ученик на Градската библиотека во Валандово и неговата констатација дека книгата во неговите раце е тажна, бидејќи одамна не е допрена, била поттик за директорката на установата Лилјана Нанова и за Станка Бајлозова, вработена како лице задолжено за литературно-драмска и издавачка дејност во домот на културата „25 Мај“ во овој град, да организираат еден необичен настан, „Изложба на одамна, недопрени, заборавени и тажни книги“ што ја разбранува јавноста со својата оригиналност.
Изложбата е дополнета со постери на кои можат да се прочитаат пораките: „Сакам да излезам од моето досегашно скривалиште“, „Допри ме, тажна сум“, „Чувствувам тежина од долгогодишниот наталожен прав врз мојот тврд повез“, „Помирисај ги моите страници, кои со децении не почувствувале допир од човечка дланка“…
– Со „Изложбата на одамна, недопрени, заборавени и тажни книги“, која беше отворена на 28 јануари, се обидовме книгите што повеќе да ги доближиме до читателите. Иако Валандово е мало место, имавме голема посетеност на граѓани од повеќе генерации, што ни потврди дека доколку малку се подотворат вратите на културните установи интересот за нив ќе биде многу поголем – ни рече Станка Бајлозова.
Оваа млада, амбициозна девојка несомнено е голема љубителка на книгите. Дипломирала на Филолошкиот факултет – група книжевност, како еден од подобрите студенти на УКИМ, со просек над 9, а ја објавила и книгата „Студентски портрет“, со рецензија на професорката Весна Мојсова Чепишевска. Таа, заедно со вработените во библиотеката, го направи изборот на дваесетина книги што со години, па дури и со децении останале заборавени на библиотечните полици.
– Сакавме да ги оживееме овие заборавени книжевни вредности. Токму затоа и самите покани за изложбата беа направени како некролози, бидејќи на книгите им се наметнува заканата да станат мртва вредност во нашата општина – вели таа.
Градската библиотека во Валандово располага со фонд од околу 40.000 книги, а некои од нив, за разлика од изложените, поминале низ рацете на голем број корисници.
– Тоа што овие книги веќе подолг временски период не го доживуваат процесот за сопствена актуализација од страна на нашите општински корисници не ја намалува нивната вредност во однос на другите. Напротив, во оваа заборавена колекција наидовме на книжевни вредности со висок квалитет. За одговорот на прашањето зошто кај нас овие книги заостанале во нашата библиотека, постојат неколку причини.
Денеска корисниците на нашата библиотека многу повеќе практикуваат да читаат една многу полесна литература за восприемање т.н. бестселери и вака малку од книжевнички прагматички аспект онаа вистинска, онаа вредна литература што ги отвора хоризонтите и ја подига интелигенцијата ни е малку ставена настрана. Можеби и недоволната информираност ги затворила хоризонтите на овие книжевни вредности, кои останале во една затскриена заднина. Како и да е со овој проект-изложба ние ги редефиниравме овие наши заборавени книги – посочи Бајлозова.
Меѓу насловите се дела на македонски, автори од регионот и дела на познати светски писатели.
– „Вештица“, „Папокот на светот“, „Ќерката на математичарот“, „Словенечки ковчег“, „Бунт во домот за старци“, „Адска машина“, се доста читани дела на извонредниот македонски писател Венко Андоновски во нашата библиотека. Покрај нив, имаме уште две негови книги што не остварија контакт со нашите читатели: „Азбука за непослушните“ и „Кандид во земјата на чудата“. Би сакала да навлеземе и низ тие страници и да не дозволиме да заминат во заборав на оваа наша општина, бидејќи тоа се дела на една префинета, современа, македонска, раскажувачка проза – објасни Бајлозова на отворањето на изложбата, кога кажа по нешто за секоја од издвоените книги.
Покрај Венко Андоновски, од македонската постмодерна долго непрочитани се и романот „Вкусот на праските“ и збирката фантастични хорор раскази – „Воз за Кочабамба“ на Влада Урошевиќ.
– И во двете дела е присутно патувањето низ просторот и низ времето или она што кај Урошевиќ теоретичарите го нарекуваат хронотоп на патот. Читателите што се љубители на фантастичното и патувањата од еден во друг хронотоп ќе бидат дел од едни извонредни и истовремено адреналински авантури во овие текстови на Урошевиќ – вели Бајлозова.
Како најпикантно и најинтригантно дело од рамките на светската книжевност што подолго време останало скриено во библиотека таа ја посочи „Автобиографијата на Џакомо Казанова“, книга заборавена цели 26 години.
– Станува збор за дело што денес се смета за едно од најрелевантните книжевни сведоштва на културната историја на 18 век. Тука се и „Враќањето на Филип Латиновиќ“ од Мирослав Крлежа и „Златото на златарот“ на Аугуст Шеноа и едно книжевно дело од Оноре де Балзак, романот „Селани“, последен пат позајмен во 1999 година. Раритет е тоа што епот „Одисеја“, кардинално дело на античката литература, никогаш не бил изнајмена од читателите. Најверојатно бидејќи како литературна творба бара многу повеќе внимание и посветеност од самиот читател за разлика од романот. Од опусот заборавени книги тука се и „Височка хроника“ од словенечкиот автор Иван Тавчар и книги на поетите од јужнословенската сцена: Отон Жупанчич, Ѓура Јакшиќ, Лаза Костиќ и Бранко Радичевиќ – објаснува Станка Бајлозова.
Изложените книги, заедно со другиот библиотечен фонд, и во иднина ќе стојат на рафтовите и ќе може да се позајмуваат доколку некој покаже интерес за нив, велат од Градската библиотека во Валандово.