Аналитичарите коментираат дека популизмот не е новина на домашната политичка сцена. Политичарите најчесто го користат овој термин како навредлива атака кон своите противници, неосновано и нереално. Тие со него крајно емотивно и емпатично се обраќаат кон јавноста заради обликување на јавната свест по моделот што тие (политичарот или партијата) го замислиле. Некои од аналитичарите прават дистинкција помеѓу популистички мерки и популистичка влада, додека дел од нив говори за предизборни мерки. Дали ваквите политички ориентации се легитимни?
Плановите на власта да прости 110 милиони евра сметки за струја непосредно пред претстојните претседателски избори, беа различно протолкувани од политичките аналитичари. И социјалните медиуми не мируваа, па и јавноста двострано се раслои по ова прашање. Додека едната страна од граѓаните, директно инволвирана во случајот поради своите финансиски обврски по оваа основа, со воодушевување го поздрави овој потег, другиот дел на граѓанството се почувствува оштетен. Се разбира, диоптијата низ која тие ја гледаат и ја анализираат најавата за овој потег главно е граѓанска, од социјален и финансиски аспект. Но оние што подлабоко ги следат општествените процеси, изјавуваат дека не можат да се оттргнат од впечатокот дека најавата на ваквите мерки „имаат силен импакт и референци на политичките процеси во земјава“. Особено ако тие мерки не се гледаат издвоено од претстојната „мобилизација на граѓанството во врска со претстојните претседателски избори“, истакнуваат политичките аналитичари.
Во секој случај, сѐ почесто повторно во медиумите и во јавноста се појавува терминот популизам. Иако како политичка ориентација популизмот неминовно не е со негативен предзнак, бидејќи тоа како сфаќање се однесува на интересот на целокупното (или во лавовскиот дел) граѓанство, нешто како колективна свест, но вперен против сѐ уште актуелните статускво-позиции, па и ретроградни.
Аналитичарите коментираат дека популизмот не е новина на домашната политичка сцена. Политичарите најчесто го користат овој термин како навредлива атака кон своите противници, неосновано и нереално. Тие со него крајно емотивно и емпатично се обраќаат кон јавноста заради обликување на јавната свест по моделот што тие (политичарот или партијата) го замислиле. Токму како таков белег, популизмот беше препознатлив во Македонија од осамостојувањето до денес. Минатата власт беше жестоко критикувана од опозицијата за популизам. Дали се сега улогите променети? Кој е никулецот на политиката на популизмот и зошто таа е толку вкоренета и кај нас? Колку таа им е од корист на политичарите, а колку може да им нанесе штета на граѓаните ако се знае дека ако се пласира како неоснована и нереална, разочарувањето на граѓаните ќе биде уште поголемо и може да се одрази на политичката сцена.
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека треба да се направи јасна дистинкција помеѓу популистички методи и популистичка влада.
– Дека ова се популистички методи нема дилема. Сепак сакам реално да направам дистинкција од популистички мерки и популистичка влада. Ова влада не е популистичка во никој случај поаѓајќи од самиот факт дека таа влезе во решавање на тешки политички ситуации. Дека овие мерки се популистички – може да се каже. Сметам дека се направи и еден преседан од страна на минатата влада со нејзиното владеење и се вметнаа некои долгови кај граѓаните, кои сега гледаме оваа власт сака да помогне односно сакаат преку овие мерки да се исправи неправда од минатото. Ова е уште еден доказ дека колку длабоко сме навлезени во сиромаштија и колку навистина се потребни вонредни мерки за искоренување на сиромаштијата. Мерката иако можеби изгледа како популистичка во исто време е и социјална и треба да се гледа и од таа страна – оценува Муслиу. Во вакви услови мерката, според него, е оправдана. Сепак тој на крајот вели дека се сомнева во моментот на најавата на овие мерки.
Сосема различно од него размислува политичкиот аналитичар Александар Пандов. Според него, овие мерки без исклучок се популистички, а власта се обидува неоправдано пред избори да ги стави рацете во буџетот и да се обиде да придобие одредена група граѓани.
– Мислам дека апсолутно се работи за предизборни мерки со кои се обидува да се опфати што поголем дел од населението и на тој начин да се добијат што поголем број симпатии на наредните избори. Тоа е еден пакет на предизборни мерки во една полураспадната држава. Дали тоа оди на црвено светло во буџетот никој не се занимава. Ако до пред некое време СДСМ ги користеше фондовите на Сорос и на УСАИД сега гледаме дека кога се на власт трајно недомаќински си ги ставаат рацете во буџетот и директно со народни пари го корумпираат населението. Не можеме а да не се сетиме дека истите тие измислија и Фонд за иновации и на партиските членови им се делеа државни пари. Повеќе од јасно е дека вакви мерки не смеат да се донесуваат особено пред избори, но, за жал, сега нема кој да ги оспори. Ако сака навистина Владата да им помогне на сиромашните нека ја одложи мерката за по изборите, а не да прават реклама на нивен грб. Ваквите тенденции и кај нас предизвикуваат сѐ поголемо разочарување и постојано намалување во вербата за подобро општество и држава – вели Пандов.
Инаку, социјалните мрежи буквално зовреа од коментари. Некои од нив предупредуваат дека во контекст на предизборието простувањето долгови не е праведна мерка и не гарантира фискална дисциплина.