Пред Филозофскиот факултет во Белград синоќа започна десетиот протест „Еден од пет милиони-почнато е“. На почетокот на протестот говореше писателот Марко Видојковиќ, по што колона на граѓани ја започна протестната прошетка по веќе познатата маршута низ централните белградски улици, до зградата на Радио телевизија Србија (РТС) каде беше изведен перфоманс и Теразија каде беше одржан завршен говор.
На протестот се придружија студентите од Факултетот за политички науки, Факултетот за организациски науки,Сообраќајниот и Фармацевтскиот факултет, Електротехничкиот факултет, Високата школа за електротехниката и информатиката и од Правниот факултет, кои под паролата „Разбудете се студенти-Еден од пет милиони” организирано дојдоа на протестот од студентскиот дом „4 април“ на Вождовец.
Како што најавија организаторите, повеќе од 700 професори, доценти, асисенти и стручни соработници од сите универзитетски факултети во Србија потпишаа петиција за поддршка на граѓанските протести. По изјавата на српскиот министер за образование Младен Шарчевиќ, дека тие не претставуваат веродостојна моќ со зборовите: „Па, тоа е малку бре. Немате тука сериозни имиња “, уште 300 професори и универзитетски кадар во Србија, како и адвокати и културни работници потпишаа поддршка за протестите.
Првиот протест против насилството насловен „Стоп на крвавите кошули” се одржа во Крушевац на 30 ноември 2018 година, поради напад на еден од лидерите на Сојузот за Србија Борко Стефановиќ и уште двајца други активисти во градот.
Од 8-ми декември протестите се организираат секоја сабота во Белград.
На почетокот од организирањето на протестите, граѓаните побараа власта да престане со насилството врз неистомислениците и да се пронајдат лицата одговорни за нападот врз Борко Стефановиќ.
Барањата потоа се дополнуваа, побарана е оставка од министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ и генералниот директор на РТС, Драган Бујошевиќ. Од РТС побарано е за протестите да посвети пет минути во информативните програми, како и наоѓање на организаторите на убиството на Оливер Ивановиќ и нападите врз новинарот Милан Јовановиќ.
Главното барање на протестите е оставка на Александар Вучиќ, претседателот на Србија и на владејачката Српска напредна партија, како и слободни и фер избори. Граѓаните упатија повик за постигнување на договор и барање до опозицијата да изнесе конкретен план за промена на системот на владеење во Србија.
Пред три дена, српската опозиција, одговарајќи на повикот на организаторите на протестите „1 од 5 милиони”, го усвои текстот на Договорот со народот од седум точки, како предлог на збир на мерки за обезбедување на правични избори и враќање на демократските принципи и владеење на правото по победата над режимот на Александар Вучиќ.
Опозицијата, исто така, се обврза дека ќе ги бојкотира изборите, а кога ќе се воспостават услови за слободни избори, ќе работат на формирање на една заедничка листа, на која покрај партиските кандидати, ќе бидат и претставници на синдикатите, професионални и граѓански здруженија, студенти, професори, академици и јавни личности.
Тие најавија и дека по изборите ќе биде формирана експертска Влада која ќе има рок од една година да воведе дефинирани системски мерки, по што ќе бидат распишани слободни избори.
Во текот на изминатите десет недели, граѓанските протести од Белград се проширија на повеќе од 40 градови во Србија. Меѓу другите, тие се одржуваат во Нови Сад, Ниш, Крушевац, Чачак, Смедерево, Шабац, Суботица, Ужице, Врање, Зајечар, Вршац Куршумлија и на Косово.