Откако ЕК завчера се огласи во однос на заканите со тужби кон македонските новинари од страна на некои државни функционери, повторно се актуелни прашањата дали може да се поправи нешто во однос на почитувањето на слободата на говор наместо, како досега, на секоја владејачка гарнитура да ѝ се пишуваат негативни поени од страна на ЕУ и на сите релевантни меѓународни организации и институции
Има ли Македонија сериозни проблеми со демократијата, слободата и правдата што ги промовира ЕУ? Колку политичките актери и институции тежнеат да ги почитуваат слободата на медиумите и на новинарите и воопшто слободата на говорот во земјава, кога речиси во сите меѓународни извештаи во кои се споменува Македонија се нижат забелешки токму во делот за човековите права и слободи, а државава се категоризира како делумно слободна? Може ли нешто да се поправи во однос на почитувањето на овие вредности наместо, како досега, на секоја владејачка гарнитура да ѝ се пишуваат негативни поени од страна на ЕУ и на сите релевантни меѓународни организации и институции? Ова се некои од дилемите што се наметнаа откако ЕК завчера се огласи во однос на заканите со тужби кон македонските новинари од страна на некои државни функционери.
Имено, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, повторно мораше да ги потсети политичките актери во Македонија дека слободата на медиумите и на новинарите е од посебна важност за ЕУ. Конкретно, Коцијанчич реагираше на изјавите на вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, во кои тој се закани кон медиумите дека ќе повлече правни механизми за два случаи во кои новинарите, според него, погрешно ја известиле јавноста за неговото работење. Коцијанчич потоа посочи дека Европската комисија редовно ги следи настаните во земјата во пресрет на одлуката за почеток на преговорите со Македонија, потсетувајќи дека ЕУ ѐ придава посебна важност на слободата на медиумите.
– Нашиот извештај во 2018-та истакна дека иако постои подобрување на медиумската клима, нулта толеранција треба да има за физичко и вербално вознемирување, како и за закани кон новинарите – изјави Коцијанчич. Портпаролката додаде дека за Европската Унија е многу важно новинарите да можат да си ја извршуваат задачата во атмосфера што им овозможува непречено да работат.
Состојбата со слободата на говор беше една од причините и за забетонираната позиција на Македонија како „делумно слободна“ во неодамнешниот извештај на „Фридом хаус“, а забелешки за оваа област имаше и во последниот годишен извештај за напредокот на Македонија на патот кон Унијата што го подготвува Европската комисија.
По сето тоа, причината за проблемот, експертите ја гледаат во недостигот од демократски капацитет во земјава. Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска вели дека проблемот е што законите се само на хартија, бидејќи не се спроведуваат и почитуваат во практика.
– Декларативно, да, слободна земја сме! Се повикуваме на декларација на ОНН, ЕУ и на безброј документи и декларација на човекови права. Меѓутоа кај нас секоја партија, без оглед која е, кога е во опозиција, а сака да дојде на власт, точно ги цитира одредбите на овие повелби за слободи и права. Но кога ќе дојде на власт, воопшто не сака да се погледне во огледалото и да си го види грдото лице. Секоја власт има добри и лоши работи, но оној момент кога ќе дојде на надмоќна позиција не сака да ги прифати критиките кога некој ќе ѝ ги посочи слабостите, во овој случај, медиумите и новинарите – вели Кафеџиска.
Очигледно, според неа, е не постои доволно политичка волја за вистинска демократија во оваа сфера.
– Да не зборуваме за облици на истражувачко новинарство или анализи, кои кај нас сѐ уште ги немаме во споредба со Европа. Овде никој не сака слободата на говор да ја сфати како коректив и секоја власт, која и да е, ваквиот начин на работа го доживува како личен напад врз нејзината работа и сѐ сфаќа лично. Од тие причини веќе кај новинарите и општо кај луѓето што работат во медиумите се создаде појава на автоцензура. Сумирано, накратко се повикуваме на слобода на говорот и на човековите права, но практично тие се доживуваат како директна атака, од што општеството само по себе почна само да се цензурира – завршува професорката Кафеџиска и додава дека медиумите треба да се издигнат како нов критериум од страна на ЕУ за земјите-членки слични на Македонија.
Инаку, владиниот портпарол Миле Бошњаковски неодамна изјави дека Република Македонија, во однос на слободата на изразување, континуирано бележи напредок, кој, според него, е повеќе од очигледен.
– И последниот извештај на „Фридом хаус“ укажува на тоа дека политиките што ги спроведува оваа влада придонесуваат за подобрување на состојбата и за зголемување на слободата на изразување и на говорење. Имено, во извештајот Република Македонија е во групата земји што го подобриле својот ранг. Кон крајот на минатата година со Здружението на новинари на Македонија е потпишан меморандум за заемна соработка во насока на креирање протокол за известување од настани со висок ризик, а договорена е и постојана комуникација меѓу Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари на Македонија за да се овозможи безбедно вршење на работата на медиумските работници – рече Бошњаковски.