Последните информации од Институтот за јавно здравје на Република Македонија покажуваат дека двојно е зголемен бројот на заболени од морбили. Станува збор за регистрирани 58 новозаболени во периодот од 2-ри февруари до денес, од кои 54 се од Скопје. Надлежните нагласија дека од почетокот на епидемијата во државава се вакцинирани вкупно 8.434 лица. Според нив се очекува натамошен развој на епидемијата бидејќи таа сè уште не го достигнала својот врв, оти само на територијата на главниот град има 50 отсто вакцинирани граѓани.
Во соседна Србија, од почетокот на октомври 2017 година до крајот на јануари годинава, регистрирани се вкупно 5.784 случаи на мали сипаници, што покажува дека Македонија не е единствена земја која се соочува појавата на овој вирус.
Но, повторното појавување на морбилите не е карактеристично само за Македонија и за Балканот. Американскиот весник „Вашингтон пост“ пишува за дневно зголемување на број на заболени од мали сипаници во сојузните државни Вашингтон и Орегон, каде здравствените власти предупредуваат дека родителите кои не ги вакцинираат своите деца се незаинтересирани за нивното здравје, и ги изложуваат на ризик од вирус кој потенцијално е смртоносен. Над 50 случаи се регистрирани во овие две сојузни земји од почетокот на 2019 година.
На глобално ниво, истражувачите од Светската здравствена организација (СЗО) проценуваат дека имало околу 6,7 милиони луѓе кои заболеле од морбили во 2017 година, со што поголемиот дел на заболени се појавуват во посиромашните земји. Во периодот меѓу 2016 и 2017 година, бројката на пријавени случаи се зголемила за 30 отсто, вклучувајќи некои региони во светот за кои тоа е необично.
Минатата година во Европа се регистрирани 15 пати повеќе случаи отколку во 2016 година, и нови епидемии се забележани во Јужна Америка и делови од Азија. Властите на Филипините неделава објавија дека и во нивната земја се забележани повеќе од 1.800 заболени, што претставува голем ризик за здравјето на милиони деца. Вакцинирањето од морбили во земјите во источна Азија е намалено на 60 отсто, што е 15 отсто помалку од минатата година.
Западниот Пацифик, кој ги вклучува Кина, Австралија, пацифичките острови и поголемиот дел од југоисточна Азија е едниствениот дел од светот каде што имунизацијата против морбили е во пораст, што е во спротивност на глобалниот тренд. Во голем дел од овие места, зголемувањето на вакцинираните лица се должи на претходни епидемии на овој вирус кои ги „предупредило“ родителите и населението од ризиците од заболувањето.
Но, во побогатите земји, родителите не ги земаат сериозно ризиците од мобрилите и веруваат на заговори и дезинформации на антивакциналните кампањи, па затоа вирусот повторно се враќа и епидемиите се реалност во светски рамки, пишува „Вашингтон пост“.
Во некои места, незаинтересираноста на населението е проследена и со целосно отфрлање на научните докази кои покажуваат оти вакцините за морбили спасиле повеќе од 21 милион животи од 2000 година, според СЗО. Неоснованите теории на заговор за наводните негативни страни на вакцинацијата, без разлика дали конкретно за вакцините за морбили или во поширок контекст, се проширија во јавноста, како во САД и Европа, така и на други места во светот.
– Вакцинацијата против морбили е едниствената превентивна мерка, затоа што со вакцинацијата се штитат децата, не само од малите сипаници, туку и од компликации кои можат да имаат фатален исход – констатираат епидемиолозите. П.С.