Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ова покажува дека проектите што вистински се реферираат во широкиот јавен интерес, имаат импакт скоро на целокупното население, на напредокот и просперитетот на идните млади генерации и се препознаени во јавноста во вистинска граѓанска смисла. Секако, како трансмитер на вака препознаените идеи и проекти се појавуваат и медиумите чија уникатна мисија е да имаат одговорност кон граѓаните. Така и овој пат, нашиот весник, кој единствен ја отвори и сериозно во повеќе наврати ја третираше оваа тема, ја препозна квалитетната иницијатива на Факултетот за физичка култура, која понатаму беше поддржана од надлежните државни институции. Во наредниот период, се очекува споменатиот проект од стана на МОН да биде предложен како законско решение и да се воведат системски приод и практика

Револуционерниот пилот-проект воведен на часовите по физичко образование, каде што освен одделенскиот наставник, задолжително часовите ќе ги држи и наставникот по физичко образование, ќе влезе во закон, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми за „Нова Македонија“, по серијата написи на весникот за потребата за создавање здрави генерации и потребата за правилен раст и развој на децата во клучниот период од нивната возраст. Ова значи дека државните институции, по иницијатива од Факултетот за физичка култура, го препознаа јавниот интерес, а посебен придонес во процесот има токму нашиот весник, кој во серија написи пишуваше за нужната потреба од оваа новина, која е голема општествена придобивка.

– Ќе се промени членот 52 од Законот за основно образование, во кој ќе стои дека освен одделенскиот наставник, часот по физичко образование ќе го одржува и предметен наставник по тој предмет. Интересот за создавање деца без деформитети е интерес на државата – рече Адеми.

Проф. д-р Ленче Алексовска Величковска, деканката на Факултетот за физичка култура, која го иницира овој проект што засега се реализира во пет училишта во Скопје, вели дека со оваа одлука на министерството, Македонија се приближува до европските програми по физичко образование.

– Со ова што сега функционира во рамките на проект, со тандем наставниците, се доближуваме до европските програми по физичко образование. Кога цела Европа промовира физичка активност, ние не смееме тоа да го игнорираме, а користа се здрави деца и здрава држава. Освен што децата правилно физички ќе се развиваат, ќе се развиваат и ментално, ќе имаат поголема самодоверба и ќе бидат поздрави. Овие часови ќе го поттикнуваат когнитивниот развој, ќе ја поттикнуваат социјализацијата, ова е најдобар начин за стекнување спортски навики. Сево ова од децата ќе направи подобри личности. Ова е револуционерен чекор во образовниот процес – изјави Алексовска Величковска.


Создавање здрава младина

„Нова Македонија“ неодамна беше на час по физичко образование во училиштето „Тефејуз“, едно од петте училишта во кои на физичко се работи во тандем и објави репортажа за настанот. Првите впечатоци се дека децата со одушевување го прифаќаат новиот концепт и сите прават вежби за загревање и координација. Во периодот од прво до петто одделение, детето ги развива моторичките способности. Томислав Христов, магистер по ракомет, еден од основачите на школите на „Металург“, како и тренер во ракометната школа, која работи во училиштето „Љубен Лапе“, вели дека во таа возраст, кај детето се развива духот за натпреварување и се спречува деформитет. На овој начин би имале физички здрава младина, тврдат нашите соговорници.