Фото: Дарко Андоновски

Долго време ве чекавме да ни се приклучите во семејството. Веќе придонесувате за нашата заедничка сигурност. НАТО обединува речиси милијарда граѓани во Европа и во Северна Америка. Со тоа што ќе се приклучите кон НАТО, ќе има триесет земји што ќе се грижат за меѓусебна заштита, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Амбасадорите на 29-те земји-членки на Северноатлантската алијанса вчера во седиштето на организацијата во Брисел го потпишаа Протоколот за членството на Македонија во НАТО. На церемонијата присуствуваше министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој допатува во Брисел директно од Вашингтон, додека во Владата на Република Македонија во живо се следеше потпишувањето на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на почетокот изјави дека „ова е историски момент за земјата“ за веднаш по потпишувањето да му го подари на Димитров пенкалото со кое сите земји-членки го потпишаа пристапниот протокол.

– Тоа беше тежок пат, исполнет со компромиси. Долго време ве чекавме да ни се приклучите во семејството. Веќе придонесувате за нашата заедничка сигурност. Придонесувате кон нашата мисија во Авганистан, за промовирање на регионалната соработка во Југоисточна Европа, а исто така, спроведувате значајни реформи. НАТО обединува речиси милијарда граѓани во Европа и во Северна Америка. Со тоа што ќе се приклучите кон НАТО, ќе има триесет земји што ќе се грижат за меѓусебна заштита.

По потпишувањето следува процесот на ратификација и не се сомневаме дека ќе биде ратификуван во сите држави-членки – изјави Столтенберг.

Тој истакна дека од денеска македонски претставник ќе биде на масата на НАТО.
– Откако сите сојузници ќе го ратификуваат протоколот, Скопје ќе стане 30-от член на Алијансата. Членството ќе ви даде седиште во Северноатлантскиот совет. Ќе имате еднаков глас во обликувањето на одлуките што ги носиме како сојузници. Од денес, вашата земја ќе учествува на состаноците на НАТО – нагласи генералниот секретар на Алијансата.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека „ова бил долг пат што пред многу години сме го почнале со уште девет земји“.

– Македонија наскоро, со стапувањето во сила на уставните измени, ќе стане Северна Македонија. Со ова ја исполнуваме стратегиската цел – членство во НАТО. Ова е резултат на работа на многу генерации и должност на нашата генерација. За нас членството во НАТО е преминување на страната на сигурноста, тоа е прашање на сигурност, стабилност, вредности и граѓански слободи – рече Димитров.

На крајот, Димитров објасни дека „патот што го изминавме нѐ направи позрели“.
– Ги решивме сите проблеми со соседите и тоа во регион што сѐ уште се соочува со одредени несигурности. Патот не е завршен, но сакаме да го одиме заедно.

Македонија ќе ги исполни реформите што ги вети. Од денеска мојата земја станува навистина силна, истакна Димитров и им се заблагодари на сите амбасадори на земјите-членки што ставија потпис на протоколот.

Благодарност за остварување на стратегиската цел пристигна и од Владата на Република Македонија и таа беше упатена до граѓаните, медиумите и политичките субјекти по потпишувањето на протоколот за НАТО.

– Вашата мудрост и трпеливост да не ги прифатите повиците за конфликт и поделби и да изберете политики што носат економски просперитет, безбедност и заедништво го донесоа првиот голем резултат – изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Од Владата упатија благодарност и до медиумите за нивната суштинска улога во исполнувањето на основните стратегиски цели на државата, како и до сите поранешни политички субјекти на кои членството во Алијансата им бил врвен приоритет.

По потпишувањето следува ратификација на Пристапниот договор од страна на Грција, а во истиот момент измените на уставните амандмани стапуваат во сила и Владата, која од тој момент станува Влада на Република Северна Македонија, ќе ги започне мерките и активностите за целосна имплементација на договорот од Преспа.

– Заедно, ние и Грција ќе испратиме писмо до генералниот секретар на Организацијата на Обединетите нации, како и до сите други меѓународни организации и ќе ги информираме дека спорот за името е надминат и оти новото уставно име на нашата земја е Република Северна Македонија – појасни Бошњаковски.

Веднаш по потпишување на протоколот почнаа да пристигнуваат и првите честитки од домашни и од странски политичари.

– Ви честитам што му ставивте крај на еден процес со овој протокол за пристапување кон НАТО. Сега очекуваме овој процес за реализација на протоколот да протече беспрекорно, а Канцеларијата на НАТО е тука за да ве советува, да ве поддржува до крајниот момент, кога ќе станете членка на Алијансата, што ќе биде еден малку подолг интегративен процес – изјави шефот на канцеларијата на НАТО во Македонија Зоран Јанковиќ.

Сега се очекува Грција прва да го ратификува протоколот што е во согласност со договорот од Преспа. Процесот за ратификација во парламентите на сите земји-членки на НАТО вообичаено трае околу една година, по што НАТО ќе треба да упати покана до земјата-кандидат за нејзино приклучување кон Алијансата.

Во оптимални околности, се очекува Македонија да стане полноправна членка на НАТО во првиот квартал на 2020 година. 


Се јави и Груевски од Будимпешта

И додека во Брисел се потпишуваше протоколот за наше членство во НАТО, со нов статус на Фејсбук, посветен на промената на името и членството во НАТО, од Будимпешта се јави поранешниот премиер Никола Груевски.
„Нова парадигма. За името“, е насловот што го напиша бегалецот Груевски на својот статус во кој прави преглед на историјата.
Тој вели дека ако нема парламентарни избори веќе следната година до пролет ќе бидеме членка на НАТО, а во ЕУ можеме да влеземе за шест до осум години, а смета и оти тоа што го ветуваат многумина, дека ќе го променат договорот сега ако дојдат на власт, е тешко остварливо.
– Следните 6-8 години треба да сме многу внимателни, да не останеме и без име и без ЕУ. Кога веќе сме доведени во ваква тешка ситуација од оваа марионетска власт, кога веќе ги изгубивме името и националноста, треба прво ЕУ па по добро подготвен терен и обезбедени сојузници корекција на настаната штета, што воопшто нема да биде лесна операција – пишува Груевски.
Тој смета и оти на референдумот народот го кажал својот став за договорот од Преспа, но нагласува и оти потриумфално ќе било ако наместо бојкот се излегло и гласало против.


Заев: Обезбедивме трајна стабилност за нашата земја

Ова е голем, историски ден за сите наши граѓани. Денес, најголемиот безбедносен сојуз на светот, НАТО, ни кажа добредојде. Денес седнавме рамо до рамо со нашите сојузници, на иста маса, во иста Алијанса, напиша на својот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев по потпишувањето на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во Брисел.
– Среќни сме, и треба да бидеме, бидејќи обезбедивме трајна стабилност за нашата земја. Обезбедивме сигурност, безбедност и мир. Прогресот и развојот сега се незапирливи. Нашите генерации и децата на нашите генерации ќе живеат подобро, во земја и во регион што зрачат со надеж. Нека ни е честито, да бидеме горди – стои понатаму во статусот на премиерот Заев.