Печатените медиуми кои се занимаваат со економски теми, пред се со финансии, го намалуваат бројот на новинари и се почесто ангажираат роботи, кои не бараат зголемување на платата, не се жалат на прекувремена работа и се многу побрзи од нивните „човечки колеги“ кога треба да соопштат пад или пораст на цените, пишува американскиот весник „Њујорк тајмс“.
Се поголем е бројот на вести направени од роботи, така што речиси една третина од информациите што ги емитува агенцијата за економски вести „Блумберг“ се резултат на работата на роботи-новинари.
Системот што го користи овој робот („киборг“) може во најкраток рок да испорача информации кои се однесуваат на кварталните приходи на сите американски компании.
Роботот може да ги разложи податоците на сите барани елементи потребни за да се поднесе извештај за приходите и расходите на компаниите за секој квартал. Тие извештаи, инаку, меѓу новинарите кои следат финансии се многу непопуларни, бидејќи ги сметаат за досадни, а роботите никому не се жалат за тоа.
На „Блумберг“ роботот му помага на најдобар начин да се биде прв во трката меѓу конкуренцијата, пред се со „Ројтерс“, како најголем конкурент.
Роботите се неуморни и брзи да соопштат финансиски важни податоци, но и спортски резултати од училишните лиги или вести за земјотресите во Калифорнија.
Уредништвата на пишаните медиуми кои користат роботи тврдат дека тие нема да ги загрозат добрите новинари, туку ќе им овозможат да добијат повеќе време за да се занимаваат со пишување коментари, анализи, репортажи.