Го објавуваме второто продолжение од прилогот на Драган Јањатов, поранешен македонски дипломат и публицист, посветен на историскиот развој, улога и значење на НАТО за зачувување на мирот и безбедноста во Европа и во светот, во пресрет на официјалното почнување на процедурата за прием на нашата земја во оваа меѓународна воено-политичка организација

Паралелно со зголемувањето на бројот на земјите-учеснички во НАТО и подемот на неговата улога во процесот на создавањето „европско општество“, во 1997 година беше создаден Постојаниот заеднички совет НАТО-Русија. Целта на неговото создавање беше воспоставувањето соработка и остварување консултации меѓу двата партнера во сферата на спречувањето конфликти, миротворни активности, безбедносна политика, како и соработка во други области од заемен интерес. Актот за заемни односи, соработка и безбедност меѓу НАТО и Руската Федерација е тврдо насочен кон засилување и на улогата на ОБСЕ, како на водечка паневропска организација, а исто така ги реафирмира ставовите од Завршниот хелсиншки документ за почитување на независноста и територијалниот интегритет на земјите и решавање на настанатите конфликти по мирен пат. Во истата 1997 година е склучена спогодба и со Украина, а исто така врз регуларна основа, е донесено решение за отворање дијалог за прашања на Средоземјето.

Учеството на НАТО во регулирањето на воените конфликти на територијата на бивша Југославија беше резултат на веќе потпишаната Дeјтонска спогодба во 1995 година и образец за новата улога на НАТО во решавањето кризни ситуации и зацврстување на стабилноста и безбедноста во Европа. Во исто време тие дејства во значителна мера придонесоа за зголемена одговорност во европските процеси, од една страна на Канада и САД, но и на Западноевропскиот сојуз од друга страна. Улогата на сојузот, исто така е определена со Договорот од Мастрихт, како „иден инструмент за одбрана на Европскиот сојуз, заедно со НАТО и ОБСЕ“.Само две години подоцна, во 1999 година, со таканареченото „четврто проширување на НАТО“ нејзини нови земји-членки станаа Унгарија, Полска, и Чешка, поранешни членки на Варшавскиот договор, а веќе во 2004 година истиот статус го стекнаа и другите земји од Источниот блок, Бугарија, Романија и Словачка во „петтото проширување“, кон кои набргу се приклучија и Литванија, Словенија и Естонија. Веќе немаше никакви сомневање дека новата стратегија на НАТО е заснована врз доктрината „проширување на Исток“, што последично во голема мера ќе ги редефинира односите меѓу НАТО и Руската Федерација, кои по завршувањето на Студената војна бележеа одреден, но краток детант.

Долгоочекуваниот самит на НАТО во Букурешт во април 2008 година, беше и големо разочарување за Република Македонија, бидејќи поради ставот на Грција околу името на земјата, високата македонска државна делегација во романскиот главен град мораше да се помири со условниот прием во Алијансата, „до наоѓање заемно прифатливо решение“ за долгогодишниот спор и решавање на постојниот проблем меѓу двете соседни земји. Во рамките на „шестото проширување“ беше донесено решение за вклучување во членство на Алијансата на Хрватска и на Албанија, исто така една од земјите на бившиот Варшавски договор. Следниот самит на НАТО, одржан во Стразбур, ќе остане запаметен по историското враќање на Франција во сите структури на НАТО, по скоро 50 години пауза. По самитот во Букурешт и состанокот на Северноатлантскиот сојуз во Лисабон, Португалија и усвојувањето на Стратегиската концепција на Алијансата настапи своевиден мораториум за приемот на нови земји-членки, иако својата кандидатура ја потврдија уште неколку земји од таканаречениот Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. „Седмото“ и последно проширување на НАТО се случи во 2017 година, кога како 29-та членка на Алијансата беше примена Црна Гора. Пред вратите на НАТО остануваат Босна и Херцеговина и Грузија, додека нашата земја со неодамнешното ратификување на Преспанската спогодба со Грција во парламентите на двете земји и промената на Уставот на Република Македонија за промена на името на земјата, е на прагот на влез во Алијансата, како 30-та по ред земја-членка, по скоро 30 години чекање. Основни фактори во организациската структура на НАТО се генералниот секретар и Советот на НАТО, во кој сите земји-членки се претставени на ниво на постојани претставници во ранг на амбасадори. Пет основни подразделенија на НАТО, кои најмногу ги одразуваат суштината и целите на организацијата, се: Одделот за политички прашања; Одделот за воено планирање и операции; Одделот за поддршка на безбедноста; Одделот за инфраструктура, воено-техничко обезбедување, планирање и користење на граѓанските структури во вонредни ситуации и Одделот за наука и човекова околина. Како независен елемент од организациската структура на НАТО е исто така и: Северноатлантската парламентарна асамблеја, на која се определуваат и расправаат основните насоки на дејноста на НАТО. Воената структура на НАТО, пак, ја предводи Воен комитет, во кој се застапени сите земји-членки на НАТО (освен Франција и Шпанија, кои имаат посматрачки статус). Овој комитет е првиот извор на воени иницијативи, кои му се доставуваат на генералниот секретар, а исто така ја сноси и одговорноста за нивно спроведување од почетокот до крајот на секоја воена операција на Алијансата пред Комитетот за воено планирање при Советот на НАТО и Групата за нуклеарно планирање. Штабот на врховниот командант на воените сили на НАТО во Европа (САЦЕУР) е сместен во Касто, Белгија, а штабот на врховниот командант на Атлантикот (САЦЛАНТ) во Норфолк, САД. Регионалната канадско-американска група за планирање (ЦУСРПГ) во Арлингтон, САД. Командантот на обединетите вооружени сили обезбедува исполнување на решенијата и наредбите на Воениот комитет на НАТО и обединува шест оддели: разузнавачки, за планирање и политика, оперативен оддел, оддел за материјално-техничко обезбедување и ресурси, системи и врски, како и оддел за соработка и регионална безбедност. Централата и Секретаријатот на НАТО се наоѓаат во Брисел, а Воената академија во Рим. Освен ова, во штабот на НАТО во Брисел се наоѓаат и дипломатските претставништва на организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО).

(Крај)