Кон крајот на јануари 1959 година, група од десетмина студенти се упатила на кампување на планината Урал во Русија. Групата ја сочинувале осум момчиња и две девојки, кои за 16 дена требало да поминат 300 километри.
Еден од нив се разболел и се вратил дома, додека останатите никогаш не се вратиле. Сите членови на експедицијата биле студенти и искусни скијачи, а кампот го поставиле на падините на Колат Сјакла.
Целта им била да се искачат на Отортен, еден од најопасните врвови на Урал. Ги предводел Игор Дјатлов.
По една недела, никој од деветте преостанати членови на експедицијата не се јавил на своите родители, па тие побарале да се организира спасувачка акција.
По исчезнатите планинари трагала и полицијата и војската. По шестдневна потрага биле пронајдени искинати шатори и во нив исполнетите дневници на исчезнатите студенти. Безживотните тела на петмина планинари биле пронајдени во шумата, без облека, додека по преостанатите четворица се трагаше уште цели два месеца.
Нивните повреди биле стравотни. Од комбинацијата на студот и течната вода под купиштата снег, некои ги загубиле очите, усните и големи делови од лицето, покажала обдукцијата.
Местото каде што студентите загинале е наречено Дјатовлев премин во чест на водачот на експедицијата Игор Дјатлов.
Како што јавува американската телевизиска мрежа Си-ен-ен, Русија по 60 години повторно започна истрага за тој случај. Андреј Курјаков, претставник на регионалното обвинителство, на прес конференција изјави дека истражителите се потпираат на помошта на пријателите и семејствата на покојните, како и на современата технологија. При тоа, приложи повеќе од 400 страници материјал поврзан со истрагата.
Безброј новински текстови, книги и документарци се обидуваа да објаснат што точно се случувало тие денови во руските планини.
Се разбира, низ годините се појавија многу теории на заговор, а Си-ен-ен пишува дека ги има дури 75. Една од првите вакви теории била дека планинарите биле нападнати од домородното племе Манси, но форензичарите кои работеле на случајот утврдиле дека такви повреди на телата на планинарите не можел да нанесе човек.
Прашање е дали вистината некогаш ќе биде откриена. Резултатите од истрагата се прогласени за тајна уште од 1959 година, а помал дел од нив беа објавени во 90-сеттите години на минатиот век.