Лекарите нагласуваат дека децата и постарите лица се најранливи на загадениот воздух во Скопје. Властите почнаа да спроведуваат мерки, но многу жители сметаат дека тие се недоволни за да ги решат главните причини за проблемот што со години го мачи главниот град
Децата не одат во училиште, болниците немаат слободни кревети затоа што отровниот смог го задушува Скопје. Поради ова малиот македонски град ја доби неславната титула за најзагаден главен град во Европа, посочува новинската агенција АФП.
– Ова е нехумано веќе. Се роди како здраво бебе, сè беше во ред. Сега најверојатно цел живот ќе се бори со астма – вели Марина, мајката што мораше да земе два месеца неплатен одмор од работа за да биде во болница со своето 16-месечно бебе Давид, кое прима терапија за тежок облик на астма, која е дополнително влошена поради загадениот воздух.
Бебето е едно од над 100-те деца што се лекуваат на Институтот за белодробни заболувања во Скопје, малиот град, кој има околу 500.000 жители. Најмладиот пациент има само два месеца. Многу е тешко да се добијат податоци во државата за бројот на деца на кои им е потребна медицинска нега поради загадувањето за воздухот.
Но докторите велат дека децата и постарите лица се најранливи на загадениот воздух, поточно комбинацијата од чадот од греењето на домаќинствата, автомобилските емисии на штетни гасови и од индустриските погони што работат на јаглен. Географијата исто така е клучен фактор, затоа што Скопје е опколено со планини поради што смогот се задржува во котлината.
Два дена едноподруго минатата недела концентрацијата на ПМ 10 честички помали од 10 микрометри во дијаметар, се задржа над 188 микрограми на кубен метар, што е речиси четири пати над дозволената граница пропишана од страна на Светската здравствена организација (СЗО).
Како одговор на тоа, Владата го продолжи зимскиот распуст за два дена за децата да не бидат изложени на загадениот воздух. Властите привремено ги стопираа градежните работи и јавниот превоз беше бесплатен за да се избегне користењето на автомобилите.
Но многу жители сметаат дека ваквите слаби мерки не ги решаваат главните причини за проблемот што со години го мачи главниот град.
– Два дена отсуство од настава за време на три месеци екстремно загадување се смета за сериозна мерка само во друг универзум. Постојано контактираме со болниците и со наставниците во училиштата, а ова е најголем проблем во Македонија – изјави Драги Змијанац од граѓанската организација за детски права „Меѓаши“.
Во меѓувреме, во болниците се бара кревет повеќе поради напливот на пациенти, кои бараат помош поради респираторни проблеми, како што порача д-р Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија во главниот град.
– Состојбата не е добра. На клиниката повеќе нема слободни кревети, а некои пациенти што доаѓаат, се третираат во амбулантите – изјави тој за АФП од државната болница во Скопје.
Градот исто така се бори и со висока концентрација на ПМ 2,5 честичките, најмалите и најопасните честички во воздухот, кои можат да навлезат длабоко во белите дробови и дури и во крвотокот. Податоците на СЗО од 2018 година покажуваат дека годишното ниво на ПМ 2,5 честички во Скопје било четири пати над дозволената граница, односно просечно 40 микрограми на кубен метар.
Владата на Македонија ги обвинува домаќинствата дека се греат на дрва и на други материјали, сметајќи дека тоа е најголемата причина за смогот, што претставува најмалку една третина од вкупните отровни емисии.
Но критичарите велат дека зад овие бројки стојат лошото урбанистичко планирање и големата сиромаштија, бидејќи централното греење е достапно само во побогатите делови од градот.
Според испитување на Програмата за развој на ОН врз примерок од 5.044 домаќинства, над една третина од жителите во центарот на градот се греат на печки на дрва од кои повеќето се неефикасни и многу загадуваат. Другата третина изјавиле дека тие или нивните соседи понекогаш гореле опасни супстанции, кои ги набавувале од градежните објекти или од депониите, како што се автомобилските гуми или пластичниот отпад.
– Луѓето мислат дека затоа што се грееме на дрва во зима не сме свесни за загадувањето на животната средина и дека сме дивјаци, но тоа не е точно. Едноставно немаме друга опција за преживување – вели Велко Трајчев, градежен работник, кој живее во едно предградие на загаденото Скопје.
Трајчев е вдовец и самохран родител што живее од социјална помош од 150 евра месечно и мора да се грижи за двете ќерки и за неговиот татко.
– Не можам да си дозволам да ја греам целата куќа. Некогаш дури и не можам да си дозволам да купам храна и да ги платам сметките. Точно, не можам да вложам во поеколошки решенија и принуден сум да се греам на дрва – вели тој.
Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина на Македонија, ја обвини претходната влада дека не успеала да се справи со проблемот.
– Сегашната влада ги наследи проблемите и сега сме принудени да почнеме од нула – изјави тој за АФП.
Тој порача дека Владата изработила план за да го намали загадувањето за половина во наредните две години. Дел од тој план вклучува изградба на гасовод за греење на домовите наместо да се горат дрво или јаглен. Но еколошките активисти предупредуваат дека ќе треба да запрат многу нерегулирани бизниси ако властите сакаат мерките да имаат влијание.
– Скопје е град во кој фабриките и индустриите на тешки метали и хемикалии се наоѓаат буквално во градот. Постојат и стотици мали фабрики и работилници што се греат на нафта и горат гуми. Не гледаме дека градските инспекции преземаат некакви мерки за ова – вели Татјана Гроздановска од „Стоп за загадувањето на воздухот“.