Политичките превирања во Венецуела ја доведоа земјата во многу тешка ситуација, а британскот весник „Гардијан“ ги разгледа четирите можни сценарија во кои може да се најде Венецуела.
Николас Мадуро е претседател избран на контроверзни избори, а Хуан Гуаидо се самопрогласи за времен претседател, сѐ до следните избори кога и официјално би можел да ја преземе позицијата. Овие настани ја ставија јужноамериканската земја во центарот на вниманието на светската јавност.
Мадуро, кој пред две недели го официјализираше својот втор мандат по ланските избори, според „Гардијан“, има мала поддршка од јавноста, но затоа армијата е целосно зад него.
Гуаидо, од друга страна, ја мобилизираше пошироката јавност во Венецуела и целосно е поддржан од западните демократии, но има проблем поради тоа што нема контрола врз центрите на моќ во земјата.
Според познавачите, има повеќе сценарија за тоа што ќе се случува во Венецуела. Земјата има 32 милиони жители, а дури 3 милиони луѓе емигрираа поради големата криза.
Мадуро останува на власт
Мадуро двапати „преживеа“ обиди за преземање на неговата власт. По масовните протести во 2014 година, тој на мета ги стави лидерите на опозицијата, како што беше менторот на Гуаидо, Леополдо Лопез. Тогаш Лопез беше уапсен и му беше забрането да се кандидира за претседател. По пет години, тој се уште е во домашен притвор.
Проблеми за власта на Мадуро се појавија и во 2017 година кога тој го игнорираше собранието откако беше преземено од страна на опозицијата. Демонстрациите во земјата беа проследени со 120 жртви на протестите и стотици повредени. Настаните предизвикаа остри реакции од светската јавност, но Мадуро повторно успеа да ја преземе контролата во земјата.
Според „Гардијан“, таквиот пристап за Мадуро денес не би функционирал. Иако тој ја има поддршката од Русија, Кина, Турција и Куба, тој е јавно критикуван и притиснат од страна на повеќе јужноамерикански земји и САД.
Првите луѓе на армијата во Венецуела јавно изразија поддршка за нивниот врховен командат, но постои незадоволство кај помладите офицери и дел од нив дезертираа и ги напуштија своите позиции. Минатиот викенд, военото аташе во амбасадата на Венецуела во САД ја промени позицијата во однос на Мадуро и го поддржа Гуаидо, а истото го направи и венецуелскиот конзул во Мајами.
Голем дел од војниците ја почувствуваа големата криза во земјата, а Мадуро ги наградуваше по ранг повисоките офицери со позиции во владата или во државната нафтена компанија ПДВСА.
Доколку Мадуро сака да ги „преживее“ моменталните превирања, ќе мора да најде начин да ја задржи армијата на своја страна, што значи дека ќе мора да изнајде нов извор на средства за тие да бидат доволно и редовно платени.
Воен удар
Друг начин за излегување од кризата во земјата, кој не би бил поволен за граѓаните на Венецуела е воен удар и преземање на државата од страна на војската, со што власта би ја преземал некој генерал или цивилно лице. Тоа би значело дека ситуацијата во земјата нема да се промени и повторно граѓаните би се соочиле со авторитарна власт.
Потенцијалните наследници кои би ја преземале власта би биле или поручникот на Мадуро Диосдадо Кабељо или министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез, кои јавноста во Венецуела воопшто не ги сака ниту ги подржува. Кандидати кои се цивили и е можно да ја преземат претседателската фотелја на Мадуро се заменик претседателот Делси Родригес или нејзиниот претходник Тарек Ел Аисами.
Во секој случај, доколку се случи промена во врвот, опозицијата во земјата ќе остане на истата позиција. Според „Гардијан“, доколку политичките опции во земјата се затворат засекогаш, постои висок ризик дека режимот преку воени интервенции ќе се обиде повторно да ја зацврсти својата позиција, нешто што често се случуваше во земјите од Јужна Америка.
Според британскиот весник, доколку на чело на земјата не застане нов лидер кој може да ја обнови економијата, уште многу милиони луѓе ќе ја напуштат земјата, што дополнително би го дестабилизирало регионот.
Амнестија и предавање на власта
Транзицијата од режим во демократија, според „Гардијан“, би бил „најлесно“ решение за Венецуела, но Мадуро може малку да добие и многу да загуби доколку ја предаде власта. Тој нагласи дека е отворен за преговори, доколку тие се посредувани од некоја странска земја, иако претходно тој слична тактика користеше за да „купува“ време и за да ја подели опозицијата.
Дури иако Мадуро се согласи да ја напушти позицијата, тој нема намера да се пресметува за власта, а истото не би го сакале ниту илјадниците луѓе од јавноста и од војската кои го поддржуваат и му овозможуваат да остане на власт.
Гуаидо вети дека ќе ги амнестира сите членови на војската кои ќе придонесат до „реетаблирање на демократскиот поредок“ во државата. Според повеќе експерти, амнестијата треба да се случи поради практични причини, поради тоа што е недозволиво илјадници луѓе да бидат судени од судовите или да бидат сметани за дезертери.
Мадуро и неговите блиски соработници, во овој случај, најверојатно би ја напуштиле земјата, но нејасно е каде би оделе. Исто така, нејасно е дали неговите сојузници Русија, Кина, Куба и Турција имаат интерес да го примат и да му дадат азил.
Војна
Мадуро долго време ги гледа САД како главна причина за кризата во неговата земја. Оваа тактика досега му служеше, но голем број од аналитичарите сметаат дека недоразбирањата меѓу двете земји би создал вистински воен конфликт.
Кризата во Венецуела го предизвика најголемиот мигрантски бран во модерната историја на Латинска Америка и соседните земји се надеваат на брзо решавање на проблемот.
– Доколку ситуацијата се влоши, притисокот за воена интервенција во земјата се зголемува. Тоа е исход кој сите сакаат да го избегнат – изјави Фил Гансон, американски консултант за миграција од „Крајсис груп“ во Каракас.
Во моментов, нема изгледи за таков конфликт, но десничарските влади на Бразил и Колумбија предводени од САД би можеле да се согласат на таков чекор.
Можностите за воена интервенција на САД во Венецуела се зголемија кога советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон беше забележан со лист на кој пишуваше „5,000 воени трупи во Колумбија“, со што повторно се отвори ова прашање. Дел од познавачите на состојбите сметаат дека ова е само блеф на Болтон, за да ги испита реакциите од властите во Венецуела и од светската јавност.