Брановите во океаните од година во година стануваат сѐ помоќни и поразорни, а според новите истражувања, ситуацијата со време само ќе се влошува.
Резултатите на новата студија упатуваат на меѓусебна поврзаност меѓу загревањето на океанот и големината и силата на брановите, што значи дека со зголемувањето на температурата на океанот, пристигаат и поразорни бранови, пишува порталот СајенсАлерт.
Океанските бранови настануваат под влијание на ветерот на подрачјето меѓу атмосферата и океанот. Од тие причини, не треба да се чудиме дека на спектакуларните и на моменти застрашувачките бранови влијае промената на климата на глобално ниво.
Но, и покрај тоа што научниците ја препознале таа врска, никогаш досега немаше глобална и системска долгорочна студија за тоа на кој начин се поврзани климатските промени и силината на брановите.
Од порано е познато дека брзината на ветерот и висината на брановите во некои предели на океанот се зголемуваат, но локалните причини за таа појава засега остануваат неистражени.
Сепак, шпанските научници конечно успеале овие појави да ги поврзат во студија.
Истакнуваат дека студијата укажува само на меѓусебна поврзаност на двете појави, па не може да се каже дека климатските промени директно влијаат за сѐ поголемите и посилни бранови. Но, нивните податоци покажуваат дека тие две појави тесно се поврзани и дека можат да се искористат за меѓусебно следење.
– Студијата покажува дека глобалната сила на бранот може да биде потенцијално корисен показател на глобалното загревање, слично како и концентрацијата на јаглерод диоксид, глобалниот пораст на нивото на морињата или глобалната температура на површината на земјата и океанот – вели ко-авторот на студијата Иниго Лосада, градежен инженер на Универзитетот во Кантабрија, каде што беше изработена студијата.
За што всушност станува збор?
Заради климатските промени постепено се загревала површината на океанот, но тие промени влијаеле и врз глобалните обрасци кога станува збор за насоката на ветерот, а последица на тоа се посилни и поразорни бранови.
Со други зборови, загревањето на океанот влијаело врз јакнењето на силата на ветровите кои дуваат во одредени региони.
Меѓу 1948 и 2008 година силата на брановите на глобално ниво се зголемила за 0,47 отсто годишно, забрзувајќи се до годишниот просек од 2,3 отсто по 1994 година.
Иако на прв поглед тоа не делува алармантно, во некои делови на светот промените се подрастични. Научниците предвидуваат дека значителното загревање на површината на океанот особено ќе се забележи во тропскиот дел на Пацификот, а последица на тоа ќе бидат повисоки и поразорни бранови во некои делови централниот и северниот Пацифик и Јужниот Океан што го опкружува Антарктикот.
Опасноста од уште поголеми бранови не само што ќе влијае врз крајбрежните подрачја, туку ќе влијае и врз активностите на океаните, како риболовот и превозот на товар.
Оваа студија за првпат овозможи силата на бранот да се препознае како вреден показател на климатските промени кој може да пружи нов увид во актуелните климатски промени, но и во промените што се пред нас.
Резултатите од студијата се објавени во магазинот Нејчр Комуникејшн.