„Бесмртност“ е насловот на претстојниот симфониски концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи утревечер, во 20 часот. Под диригентство на маестро Сашо Татарчевски, концертот ќе биде посветен на творештвото на музичкиот гигант Лудвиг ван Бетовен. На програмата се неговите моќни дела: Увертира за именден оп. 115, Хорска фантазија за пијано, хор и оркестар оп. 80, каде што како солистка ќе се претстави македонската истакната пијанистка Нина Костова-Јаневска, како и Симфонијата бр. 2 во Д-дур.
Ќе учествува и хорот „Драган Шуплевски“ од Факултет за музичка уметност, како и професионалниот хор „Проарс“ и солистите Јаворка Витанова и Мартина Нанеска, сопранистки; Бојана Јованова, алт; Јане Дунимаглоски и Шинаси Рамадан, тенори; и Мартин Блажевски, бас.
Музичкиот прометеј Лудвиг ван Бетовен (1770-1827), германскиот композитор што ќе ги направи најхрабрите чекори во музиката, особено во сонатно-симфониска форма, се смета за првиот европски романтичар. Зад себе оставил најмоќен музички опус во музичката историја: девет симфонии, од кои пет се вбројуваат меѓу 12-те најдобри во историјата, пет ненадминливи клавирски концерти, Концерт за виолина и оркестар, 16 гудачки квартети, 32 сонати за пијано (форма што ќе ја доведе до совршенство), две миси, десет увертири, десет сонати за виолина и пијано, пет сонати за виолончело и пијано, една опера…
Маестро Сашо Татарчевски дипломирал и магистрирал на катедрите за оркестарско и хорско диригирање на ФМУ – Скопје, во класите на Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски. Своето усовршување го продолжил на мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Сартеано, Санкт Петербург и во Фиренца, соработувајќи со познати диригентски имиња, како што се Хелмут Рилинг, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Михаил Јуровски и Сајмон Керингтон. Во моментов Татарчевски е еден од најактивните диригенти во Македонија. Покрај редовната работа како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и на мешаниот хор „Драган Шуплевски“, се јавува и како уметнички раководител на професионалниот мешан хор „Проарс“ и на Женскиот младински хор при МКЦ.
Нина Костова-Јаневска е една од најдобрите македонски пијанистки од современата генерација музички уметници, но и пијано-педагози. Музичкото образование го стекнала во Скопје, во класата на реномираните професори од московскиот конзерваториум „Петар Илич Чајковски“ – Људмила и Борис Романови. Во текот на своето образование, Костова-Јаневска добила голем број награди и признанија, а често настапува на европските сцени, во Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Турција, Андора… Моментално работи како вонредна професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Со своите ученици и студенти постигнува огромни успеси, освојувајќи државни и меѓународни награди низ светските центри.