СП 2019 не донесе некоја новина кога станува збор за играта, но затоа видовме плејада млади таленти, а селекциите на Исланд, Франција и на Норвешка во одредени моменти со мали исклучоци (голманите) на терен ги имаа своите јуниорски состави
Ракометниот Мундијал во Германија и во Данска, кој синоќа финишира со финалето помеѓу скандинавските селекции Данска и Норвешка, не донесе некоја новина кога станува збор за играта, но затоа во 96-те меча на првенството видовме плејада млади таленти, кои со прикажаната игра на овој шампионат навестија светла иднина за своите национални селекции и за играта во Европа.
Како најдобро потковани со млада крв на овој шампионат се издвоија селекциите на Франција, Норвешка и на Исланд, кои во одредени моменти со мали исклучоци (голманите) на терен ги имаа своите јуниорски состави.
За вистинско поздравување е потегот на селекторот на Исланд, Гудмундур Гудмундсон, кој по обезбедениот пласман во главната рунда, на сметка на обезбедувањето повисок пласман и олимписки квалификации, играта ја препушти во рацете на јуниорските и на кадетските репрезентативци од својот состав, кои на најдобар можен начин ја искористија својата шанса во дуелите со Франција, Бразил и со Хрватска. На ова СП Гудмундсон во младите бекови Омар Магнусон (21 година, 13 гола), Гисли Кристијансон (19/7), Елван Јонсон (21/26), Телтур Еинарсон (20/9), пикерот Арнар Арнарсон (22/12) и голманот Аугуст Бјоргвинсон (23 г., 21 одбрана) доби млада и надежна генерација, која со својата игра, борбеност и пожртвуваност најави силен Исланд на следните големи натпреварувања.
Селекцијата на Франција на минатото Европско првенство ги промовира, а сега ги стави во функција своите јуниори. Селекторот Дидие Динар имаше целосна доверба во Дика Мем (21 година, 25 гола), Роман Лагард (21/11), Мелвин Ричардсон (21/24), Лудовик Фабрегас (22/25) и Недим Ремили (23/26), кои еднакво со искусните го понесоа товарот на одговорноста во мечевите.
Вистинско откритие на ова СП беше десниот бек на Норвешка Магнус Род (21 година, 41 гол), кој по повредата на првиот избор на десната бековска позиција, Кент Робин Тонесен, ја доби довербата од селекторот Николај Јакобсен и на најдобар можен начин ја искористи наметнувајќи се како вистински лидер.
За тоа дека Норвешка е навистина плодна почва за продукција на млади и талентирани ракометри зборува фактот што лидер и двигател на играта на Норвежаните е 23-годишниот централен бек Сандер Сагосен (48 гола) за кого ова е веќе четврто големо натпреварување на кое тој е главна алка и во играта во нападот и во одбраната. Норвешка втор мундијал едноподруго на голот го има одличниот Торбјорн Бергеруд (24 години, 68 одбрани). Покрај Род, одлична промоција на ова првенство имаа и Александер Блонз (18/15) и Келвин Гуликсен (22/9).
Меѓу мундијалските блесоци на СП 2019 вреди да се споменат и левиот руски бек Сергеј Косоротов (19 години, 18 гола), централниот бек на Австрија Никола Билук (22/27), Шпанците Даниел Душебаев (21/11) и Алекс Гомез (21/23) како и младиот голман на Кореја, Парк Јеонг (21), кој собра дури 74 одбрани.
Од помладите ракометари (до 23 години) на кои ова не им беше прво големо натпреварување стандардно добри партии покажаа пикерот и левиот бек на Германија Јаник Колбахар (21 гол), односно Пол Друкс (17 гола), како и Швеѓаните Лукас Нилсон (22 години, 30 гола), Џери Толбринг (23/19) и Симон Јепесон (23/11).