Полскиот јавен обвинител сака да ја испраша поранешната толкувачка на претседателот на Европскиот совет и бивш полски премиер Доналд Туск. Можат ли толкувачите да откриваат доверливи информации во истраги
Поминаа речиси девет години од авионската несреќа на полскиот претседател Лех Качински и високи воени офицери што се случи во близината на рускиот град Смоленск, во која загинаа сите 96 патници и членови на екипажот. Полската партија Закон и правда (ПИС) е убедена дека несреќата се должи на заговор за атентат и повторно ја отвори истрагата во 2017 година.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој тогаш беше премиер на Полска, се најде во центарот на вниманието на владината истрага. Јавните обвинители го обвинуваат за предавство и сакаат да дознаат што разговарале тој и рускиот претседател Владимир Путин за несреќата. Владата, исто така, ја испрашува Магдалена Фитас-Дукачевска, која присуствувала на состанокот како толкувачка. Во извештајот на германската радиомрежа „Дојчландфанк“, таа изјави дека нема да сведочи дури и ако Владата ја ослободи од обврската за строга доверливост. Таа вели дека ако постапи спротивно, тоа би можело да го наруши нејзиниот кредибилитет како и оној на нејзините колеги.
Изабела Гусенбургер зборуваше со Дојче веле за ова прашање. Таа работи како конференциска толкувачка веќе 24 години и наедно и за германската федерална влада. Таа често работела како толкувачка на состаноци во четири очи. На прашањето на Дојче веле дали би постапила исто како Магдалена Фитас-Дукачевска, Гусенбургер одговори дека сигурно правно ќе се заштитела себеси, но дефинитивно ќе реагирала на ист начин. Како што вели и самата Фитас-Дукачевска, одлуката е поврзана со суштината на професијата, а тоа е фактот дека толкувачите гарантираат строга доверливост. Најважно за соговорниците е дека можат да им веруваат дека никогаш нема во јавност да откријат детали.
Според етичкиот кодекс на Меѓународната асоцијација на конференциски толкувачи (АИИК), во која и Гусенбургер е членка, наложува дека толкувачите „се обврзани на најстрога тајност“ кога станува збор за настани затворени за јавноста. На прашањето на Дојче веле дали постојат исклучоци од правилото кога темата на преговорите би можела да игра улога во криминален случај, Гусенберг одговори дека тоа е најважниот аспект на проблемот. Порано се дискутирало дали толкувачите теоретски можат да бидат ослободени од обврската за доверливост. Таа никогаш детално не ја разгледала дискусијата затоа што тоа не се однесувало на неа и никогаш не била во критична ситуација. Но постојат многу правни интерпелации и дури и има луѓе што тврдат дека толкувачите треба да бидат ослободени од заклетвата за доверливост, затоа што тоа не е толку законски поткрепено како заклетвите на докторите и на адвокатите.
Доверливоста е особено важна и сеопфатна кога станува збор за чувствителните политички или деловни преговори. Доверливоста не се ограничува само на содржината на преговорите туку и на локацијата или времето кога се случуваат. Најчесто е поврзана со безбедноста. Обично на толкувачите им се кажува однапред кои лица се вклучени во преговорите. Јавноста не смее да биде информирана за состанокот поради опасност од можни напади. За да се зачува безбедноста, таквите состаноци се објавуваат во јавност откако ќе завршат, а толкувачите не смеат да ги откријат локацијата и соговорниците.
Магдалена Фитас-Дукачевска не е првата толкувачка врз која се извршил притисок за да открие информации за доверливи преговори. Во јули минатата година, демократите во американскиот Конгрес побараа од толкувачот на Доналд Трамп да открие што разговарале тој и Путин на нивниот состанок во четири очи во Хелсинки. На прашањето на „Дојче веле“ дали ова е посебна околност или се случува често, Гусенбургер одговори дека сепак се работи за посебна околност барем во смисла дека поединецот не знае како да постапи затоа што некои правници тврдат дека мора да се сведочи, додека други велат дека мора да се почитува доверливоста. Друга работа е што од голема помош е фактот што по правило, толкувачите не се сеќаваат што се кажало на тие состаноци во четири очи. Со право тие можат да тврдат дека не се сеќаваат, затоа што кога се одржуваат такви состаноци, консекутивното толкување е најчестата техника за олеснување на преговорите. Тоа значи дека толкувачот преведува без никаква технологија за снимање на разговорот, туку само со лист и хартија. Преведувачките белешки се важни само 10 минути, затоа што толкувачите користат симболи што се краткорочна мемориска помош, односно референци кон фрагменти од содржината што мора да се преведе во моментот. Така што ако на толкувачите им се постави прашање што се зборувало неколку часа, месеци, или години подоцна, како во случајот на Фитас-Дукачевска, тогаш искрениот одговор е дека тие навистина не се сеќаваат. Мозоците на толкувачите функционираат на таков начин што постојано се бришат старите информации за да се направи место за новите. Поради тоа, толкувачите се лоши шпиони.