САД го признаа лидерот на опозицијата на Венецуела за легитимен претседател, додека, пак, Москва го предупреди Вашингтон на катастрофални последици во случај на американска воена интервенција во јужноамериканската земја
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги прекина дипломатските односи со САД, откако Вашингтон го призна опозицискиот лидер Хуан Гуаидо за привремен лидер на земјата. Мадуро им даде на американските дипломати 72 часа да ја напуштат земјата, но Вашингтон порача дека „поранешниот претседател“ повеќе нема авторитет за да ги протера. Русија ги предупреди САД да не се вмешуваат воено во Венецуела, бидејќи тоа би можело да има катастрофални последици. Американските власти претходно ја повикаа венецуелската армија да го поддржи Гуаидо, но војската застана зад претседателот Мадуро, пренесуваат светските медиуми.
Престолнината Каракас, како и други градови во земјата, се соочи со масовни протести против Мадуро, на кои учествуваа неколку стотици илјади демонстранти. Локалните медиуми пренесуваат дека најмалку 16 лица се убиени во насилствата што избувнале на антивладините демонстрации. Демонстрациите се одржуваат по иницијатива на опозицијата, која тврди дека актуелниот шеф на државата нелегално е на функцијата од 10 јануари, откако вторпат беше избран за претседател.
Опозицискиот лидер Гуаидо, кој е и спикер на венецуелскиот парламент, се прогласи за претседател на земјата на најмасовниот протест, кој се одржа во Каракас.
САД беа првата земја што го признаа Гуаидо за легитимен претседател, по што следуваа и признавања од Канада, Бразил, Аргентина, Колумбија, Парагвај, Чиле, Перу, Гватемала и Костарика. Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро порача дека ќе го поддржи Гуаидо, за да може во Венецуела да се вратат мирот и демократијата. Од Европа пристигна нешто повоздржана поддршка за опозицискиот лидер и настаните во земјата. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, изрази надеж дека цела Европа ќе се обедини во поддршката на демократските сили во Венецуела.
– За разлика од Мадуро, парламентарното собрание, вклучувајќи го и Хуан Гуаидо, има демократски мандат што му го дадоа граѓаните на Венецуела – порача Туск.
Истовремено, францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави храброста на граѓаните на Венецуела, но не го поддржа отворено лидерот на опозицијата, кој се прогласи за привремен претседател.
– По нелегалниот избор на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, во 2018 година, Европа ја поддржува обновата на демократијата. Ја поздравувам храброста на стотината илјади Венецуелци што маршираат за својата слобода – истакна Макрон на Твитер.
Од друга страна, Мадуро ја доби поддршката на венецуелската армија и Уставниот суд на земјата, како и на Русија, Турција, Мексико, Боливија и Куба. Заменик-шефот на руската дипломатија Сергеј Рјабков ја предупреди администрацијата на Трамп да не се меша во работите на Венецуела.
– Ги предупредуваме САД воено да не се мешаат во ситуацијата во Венецуела. Сметаме дека тоа би било катастрофално сценарио, кое би ги потресло темелите на развојот што е присутен во Јужна Америка – истакна Рјабков.
Русија, според него, ќе продолжи да ја поддржува Венецуела, која е нејзин стратегиски партнер, и ќе го брани суверенитетот на Каракас. Тој додаде дека Москва жали затоа што Организацијата на американски држави (ОАД) врши притисок врз легитимните власти на Венецуела.
– Следејќи го развојот на ситуацијата во Венецуела, гледаме тежнеење на одредени држави, меѓу кои и САД, да користат различни видови платформи, вклучувајќи ја и Организацијата на американски држави, за засилување на притисокот врз нашата пријателска Венецуела, и тоа под најразлични изговори. Во секој случај, Русија ќе продолжи да соработува со оваа јужноамериканска земја во сите области – порача Рјабков.
Руското МНР ги критикуваше западните земји поради нивниот став за венецуелската криза.
– Актуелните настани во Венецуела јасно го покажуваат односот на прогресивната меѓународна заедница кон меѓународното право, суверенитетот и немешањето во внатрешните прашања на земјата, каде што таа сака промена на власта – истакна портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Најбогатата држава со нафта во светот, Венецуела, е во тешка економска, веќе и во политичка криза.
Сиромаштијата сѐ повеќе се шири, поради што околу три милиони жители ја напуштија земјата. По завчерашните настани, ситуацијата е сериозно опасна, бидејќи постои реална закана од почеток на граѓанска војна.
Економската ситуација и репресиите против оние што не се согласуваат со владината политика натераа речиси три милиони Венецуелци да ја напуштат државата. САД и ЕУ воведоа санкции против Венецуела заради непочитување на човековите права, политички репресии и корупција.
Во изминатите години влијателните луѓе од опозицијата, како Енрике Каприлес, Фреди Гевара и Леополдо Лопез, исчезнаа од политичката сцена. Лопез е во домашен притвор, Каприлес е лишен од граѓански права, а Гевара побара азил во Амбасадата на Чиле во Каракас.