Нашиот весник издвојува пресек на ставови и мислења од наши истакнати дипломати во врска со најактуелното прашање во моментов, односно за спогодбата од Преспа. Нивните размислувања, кои се однесуваат на повеќе различни агли на спогодбата, се дел од најновото издание на публикацијата „Дипломатски летопис“ во издание на Дипломатскиот клуб во Скопје

Во моменти кога во грчкиот парламент тече дебатата околу договорот од Преспа, нашиот весник издвојува пресек на ставови и мислења од наши истакнати дипломати во врска со истото прашање, односно за спогодбата од Преспа. Нивните размислувања, кои се однесуваат на повеќе различни агли на спогодбата, се дел од најновото издание на публикацијата „Дипломатски летопис“ во издание на Дипломатскиот клуб во Скопје. Дипломатските тези и размислувања се интересни за читателската јавност, бидејќи авторите и преку нивниот професионален и стручен ангажман, директно или индиректно, најдобро ја познаваат материјата што е содржана во документот потпишан со Грција. Од тие причини, во две продолженија ги издвојуваме и ги објавуваме суштинските тези и гледишта на редица наши експерти, професори и дипломати.

– Една битна психолошка бариера, која доста успешно се подига по повод Преспанскиот договор, е идентитетот што се користи како главен аргумент против договорот и од двете страни на границата, а тоа не се пробива надвор од границата. На нашата страна од границата, со договорот се губи македонскиот идентитет, а на јужната страна од границата се продава македонскиот идентитет – пишува таа.

Професорката запрашува како на рационално ниво е можно и двете тврдења да бидат точни.

– Како поддршка може да послужи следниот цитат: „Како меѓународната заедница така и ние сакаме решение, но не сметаме дека понуденото решение навистина е решение. Решението не може да биде товар на националните чувства и интереси на земјата. ДА за решение, но НЕ за какво било решение“. Се работи за зборови искажани од грчки опозициски политичар, но нема да се згреши и ако истите зборови му се припишат и на некој од нашите опозициски политичари – пишува Петровска-Бешка.

Таа поставува и уште една дилема во која запрашува зошто македонскиот идентитет се доживува како загрозен во Република Македонија.

Според неа, неодамнешното истражување на Центарот за човекови права и решавање конфликти од 2017 година, извршено врз 313 ученици Македонци на возраст од 10 до 14 години, покажало дека децата не прават разлика меѓу националниот идентитет (кој произлегува од припадноста на граѓанството кон државата) и етничкиот идентитет (кој е определен со припадноста кон етничката заедница).

Петровска-Бешка пишува дека во Грција, пак, идентитетот е рефлексија на најглорифицираниот период на грчката историја поради што и присвојувањето на историјата за античка Македонија се доживува како атака за идентитетот на денешните Грци.

Таа во својот текст истакнува дека меѓупартиските конфликти и во двете земји се базираат на погрешната перцепција за улогата на двата спротивставени табора за ова прашање: „НИЕ“ наспроти „ТИЕ“.

Професор д-р Ирена Стефoска, пак, во својот осврт насловен „Преспанската спогодба и националното митотворство во контекст на најновите политички настани на Балканот“ пишува дека историјата на деветнаесеттиот и на дваесеттиот век нуди неограничен број примери што ја потврдуваат темната страна на националните митови.

– Да ја земеме за пример европската колонизација на југоисточна Азија и на Африка, токму создавањето и ширењето на националните митови на локалните интелектуални елити, ги овозможи деколонизацијата и борбата за еманципација на тие простори. За Балканот, иако понекогаш е претерана, создадената скаменета перцепција дека постои вечен антагонизам меѓу различните заедници, националните митови се клучен елемент во поттикнувањето нетрпеливост, насилство, па дури и меѓунационални конфликти и војни – пишува таа.

Професорката се осврнува и на митот за античкото потекло на нацијата, односно идејата дека постои директна врска и несомнен историски континуитет меѓу денешната модерна македонска нација и античкото македонско кралство.

– Овој мит беше особено актуелен до пред една година кога државата учествуваше во неговото дистрибуирање – историчари, квазиисторичари, новинари и други, беа поддржани од тогашната влада да пишуваат и да зборуваат за античкото потекло на денешните Македонци, а истовремено јавниот простор во центарот на главниот град радикално се преуреди за визуелно да го поддржи тој национален мит – пишува Стефоска.

Таа истакнува дека проучувачите на националните митови уверуваат дека конструираниот национален идентитет не е непроменлив и дека во суштина на таа флуидност на идентитети е променливоста на самите национални митови.
– На крајот на ова излагање би сакала да нагласам дека сум длабоко уверена оти институционална соработка меѓу Република Македонија и Грција во повеќе сегменти како науката, образованието и културата, која е предвидена со Преспанскиот договор, потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји, на 17 јуни ќе ја отвори вратата за преиспитување на закостенетите националистички приказни и на национални митови кај двата народа, за темните и белите петна од историјата, за болките, траумите и неправдите… – завршува професорката.

Дипломатот и претседател на македонскиот дел од македонско-грчкиот комитет за толкување на историските настани, Виктор Габер, во својот текст насловен „Митовите и политиката“ пишува дека спогодбата од Преспа прави обид да се ослободи политиката од митовите и објективно да се урнат стереотипите за менталитетот на балканскиот политички естаблишмент.

– Ова особено се однесува на вградувањето нови принципи при решенијата во билатералните односи со соседите. Одекот на потпишувањето на оваа спогодба во Европа и во светот, со помин на времето, во овие неколку месеци, ја докажува валидноста на една политика ослободена од митови. Актуелново стампедо ја јавна и физичката поддршка на оваа спогодба на самиот терен во Македонија, на најистакнатите претставници на европската и светска дипломатија, наедно ја истакнува и нивната загриженост дека евентуалното нарушување на демократската атмосфера со експлоатација на митови за политички цели, општествата може да ги насочи кон авторитаризам, тоталитаризам и затвореност, и да дојде до повторување на злото на фашизмот од првата половина на 20 век. Постепеното напуштање на тие традиционални „стеги“ на митовите врз политиката е видено и преку обидите за создавање еден нов, цврст – граѓански европски менталитет – пишува Габер.

Дипломатот Габер, во својот осврт, заклучува дека актуелната атмосфера по потпишувањето на спогодбата од Преспа – е и директна негација и на стереотипите во Европа за Балканот како проблематичен, непоправлив регион со ориентален менталитет, односно ја докажува цивилизациската константна дека за постигнување суштински, успешни, развојни промени, како на внатрешен така и на надворешен план, на сцената усогласено треба да настапат двата фактора, временскиот и лидерскиот.

(продолжува)