Познатиот македонски писател, публицист и хроничар Мишо Китаноски се осврна на шеесетте години постоење на „Колибри“, чиј читател и соработник е од почетоците до денес. Според него, три нешта, обединети во едно, го претставуваат вистинскиот вредносен влог за нашите најмлади читатели: информирањето, едукацијата и афирмацијата

Единствениот додаток за деца во македонскиот дневен печат зачекори во седмата деценија

Јубилеите се прекрасен повод да се погледне наназад што сѐ е постигнато и да се проектира што ќе се работи во иднина. Наспроти ова, родендените, пак, се едно возбудливо чувство и потсетување кога се тргнувало од почеток, значи кога бил стартот на она што се сака да се реализира. Овие две нешта, историски еднакво му припаѓаат на нашиот прв дневен весник на мајчин, македонски литературен јазик „Нова Македонија“, зашто со издавањето на прилогот „Колибри“ го направи вистинскиот чекор да се освои љубовта на најмладите, децата-ученици, идните читатели и, еднакво, соработници.
А заслугата за сето ова ѝ припаѓа на првата уредничка, писателката Евгенија Шуплиновска-Генче, како и на следните уредници, значајните македонски писатели за деца Перо Миленкоски и Наум Попески. Кон ова, се разбира, мора да се додаде и името на сегашната уредничка, новинарката Марија Таушанска, која со неизмерна и вистинска љубов еднакво го презеде и го води прекрасниот прилог „Колибри“, вистинскиот дар на „Нова Македонија“ за македонските деца-ученици…

Во изминатите шест децении се излезени над 3.000 поединечни броја на „Колибри“, на над 4.000 печатени страници, на кои се објавени повеќе од 300.000 прилози (песни, раскази и разни текстови, фотографии, цртежи и др.), во тираж од неколку милиони примероци. Кога сите овие бројки ќе се наредат една до друга, повеќе од сигурно е дека се гради мост од Северниот до Јужниот Пол, а со леснотија се обиколува и Земјината топка. Вистински творечки и креативен подвиг на уредниците и соработниците, остварен на патот до освојувањето на детските срца…

Шеесетте изминати години, односно шесте децении, непрекинато, континуирано излегување на „Колибри“ се втиснати и во следните непобитни бројки, кои, за волја на вистината, искрено воодушевуваат и инспирираат.
Излезени се над 3.000 поединечни броја на „Колибри“, на над 4.000 печатени страници, на кои се објавени повеќе од 300.000 прилози (песни, раскази и разни текстови, фотографии, цртежи и др.), во тираж од неколку милиони примероци. Кога сите овие бројки ќе се наредат една до друга, повеќе од сигурно е дека се гради мост од Северниот до Јужниот Пол, а со леснотија се обиколува и Земјината топка. Вистински творечки и креативен подвиг на уредниците и соработниците, остварен на патот до освојувањето на детските срца… читателите. Браво!
Кога на ова ќе се додаде и непобитниот факт дека „Колибри“ ги збогати нашиот живот, печат, литература и култура, тогаш неговиот придонес добива во големина на своето значење и вистинска вредност. „Колибри“ секогаш беше и буквар и читанка, а во исто време и афирматор на македонската литература за деца, правејќи сѐ за таа да биде рамноправен дел од балканската и европската книжевност за најмладите.
Што уште покажа излегувањето на прилогот „Колибри“?

Младост и искуство: Мишо Китаноски со Илија Пешиноски, млад поет од Вевчани
Фото: Горан Анастасовски

Три работи што, обединети во едно, го претставуваат вистинскиот вредносен влог за нашите најмлади читатели. Тоа се: информирањето преку објавените прилози за работата на училишните секции, како и портрети на успешни ученици, со што е испишан дел од хроноисторијата на македонските училишта, потоа едукација на најмладите читатели, поврзана со објавените текстови од наставните програми, јазичните поуки, етиката, бонтонот и др., и афирмација на творбите на македонските писатели за деца и еднакво на детските творби.

Вистината е следна: безброј песни и раскази првпат објавени во „Колибри“ влегоа во македонските буквари и читанки, прегледи и антологии, како и во книги на наши писатели, а тоа значи дека нивниот квалитет придонел, односно бил дел од квалитетот на „Колибри“. Влогот е уште поголем и позначаен што на неговите страници се открија и се афирмираа многу нови таленти што денес се составен дел на македонската литература, уметност и култура. Браво!

Мислам дека ова е доволно за роденденот, доволно за досега излезените броеви на „Колибри“, но и вистински предизвик и инспирација за новите залагања и постигнувања за следните вакви јубилеи… Оттука, вистинско задоволство е ако тоа се подели и размножи, а најдобар пример за тоа е и останува „Колибри“, како неодминливо и незаобиколно литературно забавно четиво за сите досегашни генерации деца-ученици и писатели кај нас. Браво!

Како редовен (некогашен и сегашен) читател и соработник, ги слушам трепетот и галежот на крилцата од најмалата птица на светот, која, еве, и по 60 години, убеден сум дека ќе продолжи да лета и да ја раздава убавината на нашата татковина Македонија, за сите што растат и што незапирливо ни доаѓаат….

Зашто со „Колибри“ го прелетавме светот со ветување дека тоа го продолжуваме и во иднина…

Уште еднаш, браво и искрени честитки…

Мишо Китаноски, писател


Жив е Конески

На нашиот вечен учител

Беше кроток во одот кон сводот,
и уште покроток во зборот,
а зборот му тежи повеќе од злато,
беше топол ко лебот насушен
штотуку изваден од пламен,
беше вулкан во Азбуката
на нашиот земен живот,
беше веда во песната своја,
беше корен во коренот наш,
беше мисла што се коти,
поцврста од кремен-камен.
И, уште беше на страдањата – лек,
остана патоводна ѕвезда
на нашиот минат и иден век,
беше скала со која се качивме
до небесата сини и тајни,
беше трајно семе на племе,
јунаци што раѓа незнајни,
беше искра во вивнат оган,
застанат на пусија и стража
што нѐ чува од душман поган.
А, ние си го знаеме долгот
та се браниме и храниме
секогаш со твоето вечно име,
беше и остана вековна каријатида
што ја потпира нашата родина,
нашата куќа – Македонија,
ти си наш траен светилник
и бескрајна совест човекова.
Ни остави аманет – мајковина:
„Јазикот е нашата татковина“.

Мишо Китаноски