Етномузејот „26 јули“ во Лесковац подолго време постои и работи во рамките на здружението на граѓани од македонската заедница „Илинден“, кое дејствува во овој град во јужниот дел на Србија. Етномузејот е отворен по иницијатива од единаесетгодишното момче Никола Миловиќ, кое има македoнско потекло. Музејот почна да работи како скромна поставка во просториите на ова здружение. Денеска тој претставува место на кое можат да се видат над 1.000 предмети и експонати, со кои се прикажуваат македонската култура и традиција.
Целта на здружението „Илинден“, од самото негово основање, е да се зачува културата на македонскиот народ, кој живее надвор од матичната држава, Македонија. Оваа идеја ја продолжува младиот Никола, кој е еден од најмладите членови на здружението „Илинден“. Тој има цел да пронајде нов поголем простор на кој ќе ја прошири музејската поставка. Денес во музејот може да се видат оригинални експонати од Македонија, кои најчесто биле подарувани од самите членови на здружението, како и експонати од домашните збирки на сограѓаните од Лесковац.
Македонскиот етномузеј стана и препознатлива културна дестинација во градот, а Никола во соработка со лесковачките основни училишта го прошири и на едукативно ниво. Годинава за учениците од основните и од средните училишта организира едукативни и тематски предавања на темите од народната традиција, обичаи и верувања во народот. Претходните години беа организирани изложби со македонските традиционални предмети во просториите на градските училишта.
Етномузејот на Македонците од Лесковац учествувал и на републичката манифестација „Тавче гравче“ во Јабука кај Панчево, каде што биле и наградени. Овој настан се одржува во организација на Националниот совет на македонската заедница во Србија, а повод е одбележувањето на најголемиот македонски празник Илинден. Денот на државноста на Македонија лани беше одбележан во реновираните простории на здружението со нови експонати и реставрирана поставка.