Планинарски марш

Планинарско-еколошкото друштво „Ендорфин“ од Кичево викендов го организира вториот планинарски марш по повод 81 година од почетокот со работа на првото училиште на мајчин македонски јазик на слободна територија во селото Подвис, Кичевско. На маршот учествуваа четириесетина планинари од градот домаќин Кичево, како и од Прилеп, Битола и од Скопје, кои се искачија на врвот Планиница на 1.391 метар надморска височина, од каде што се упатија кон старата училишна зграда сместена на падините на планината Голак.
Пред присутните планинари се обратија синот на првиот учител на ова училиште Добре Лазарески и претседателот на ПЕД „Ендорфин“ и научен соработник во Центарот за лингвистика во МАНУ, Давор Јанкулоски.
– Во првото училиште на македонски јазик настава посетуваа деца од повеќето села во опкружувањето на селото Подвис, но, за жал, поради променетите состојби на терен ова училиште го доживеа својот предвремен крај и остана да се впише во поновата историја како прв образовен центар во земјава – истакна Лазарески.
Тој изнесе интересни историски факти, сподели и лични работи и спомени за работата и дејноста на својот татко Василко Ристески, првиот учител во НОВ во селото Подвис.
За сите присутни на овој марш беше организиран заеднички ручек Учесниците на маршот упатија апел до сите релевантни структури во земјата ова училиште да го добие своето заслужено место од државните институции, за урнатините да не останат последниот сведок за камен-темелникот на образованието на македонски јазик уште пред формирањето на современата македонска држава. З.А.