Ако сте надвор и сонцето почне да заоѓа, жените секогаш први ќе се пожалат дека им е ладно. Научниците конечно ја решија мистеријата и одговорија на прашањето зошто тоа е така. Тие веруваат дека жените еволуирале за да го чувствуваат студот поинтензивно затоа што тоа ги раздвојува половите и ги спречува конфликтите меѓу двојките. Тие откриле дека истата особина е присутна кај многу птици и цицачи, при што женките претпочитаат пријатно и топло гнездо или дувло, додека на мажјаците не им пречи зимата.
– Мажите и жените различно ја чувствуваат температурата. Оваа разлика не настанала за да можеме да се расправаме со нашите партнери за греење, туку сосема спротивно. Од еволутивна гледна точка, целта е да се принудат партнерите малку да се оддалечат еден од друг, за да може секој да ужива во мирот и тишината – вели д-р Еран Левин од Универзитетот во Тел Авив.
Кај птиците преселници, мажјаците ја поминуваат зимата во постудени области од женките. И женските лилјаци имаат тенденција да се собираат во попријатен агол, додека мажјаците сакаат да се шират во воздушни премини. Кај многу цицачи, мажјаците ја претпочитаат сенката, а женките го претпочитаат сонцето, или мажјаците се искачуваат на врвовите на планините додека женките остануваат во долините.
Студијата, објавена во списанието „Глобал еколоџи енд бајоџиографи“, додава дека одвојувањето на мажјаците и женките ја намалува конкуренцијата за ресурси во животната средина и ги држи подалеку мажјаците, кои можат да бидат агресивни и да ги загрозат младенчињата.