Најверојатно досега не сте слушнале за Република Нахчиван, ексклава на Азербејџан во Азија, односно територија што се наоѓа надвор од нејзините граници и целосно е опкружена со други држави, во случајот: Ерменија, Иран и Турција. Главниот град на оваа република е истоимениот Нахчиван, а посетителите оваа земја и град ги опишуваат како најизолирани места во некогашниот Советски Сојуз, каде што ретко оди некој од страна.
Новинарот Дејвид Мекарди можел да помине извесно време во градот и неговите впечатоци се многу позитивни.
– Штом ќе стигнете, забележувате дека нема отпад на улиците. Во разговорот со локалното население се забележува нивната склоност кон самоодржливост, на што ги натерале историските околности. Уморни од економската зависност од другите, жителите на Република Нахчиван се завртеле кон себе и сами одгледуваат храна за своите потреби, а бидејќи Азербејџан во 2000 година доживеа нафтен бум, националната свест за самоодржливост скокна до небо – вели Мекарди.
Тука храната се одгледува без употреба на пестициди и сосема е органска. Овчото месо е од локалните фарми, рибата од тамошните езера и реки, лековитите билки од околните планини, па дури и солта е од подземните пештери во земјата. Жителите со гордост истакнуваат дека се здрав народ, кој не боледува од разни болести како другите.
На пример, и ако заболат од белодробна болест, посетуваат одредени места. Едно од нив е пештерата Дуздаг, во која одат на „пештерска терапија“. Тука доаѓаат и луѓе од целиот свет, особено оние што имаат белодробни заболувања, астматичари и пушачи. И како што велат жителите на Нахчиван, си заминуваат излекувани.
Нахчиван е исклучително сув планински регион. Највисокиот врв е Капуџух, со 3.904 метри, а најпрепознатлива планина е Иландаг, со 2.415 метри, што се гледа од градот Нахчиван. Според легендата, пукнатината на нејзиниот врв ја направило кајчето на Ное кога се повлекла поплавата.