Зарина Првасевда, по фантастичниот концерт во Македонската филхармонија по повод издавањето на нејзиниот прв албум „Ехо“, најави мини-турнеја со концерти во неколку македонски града, на кои ќе ја придружува нејзиниот ансамбл. Првиот концерт, Зарина ќе го одржи на 8 октомври во Градскиот парк во Кочани, со почеток во 13 часот. Следува концертот во Центарот за култура во Битола на 13 октомври и следниот ден ќе настапи во Демир Хисар, во домот на културата „Илинден“, кој како и претходниот ќе почне во 20 часот.

На овие концерти, Зарина Првасевда ќе ги изведува песните од својот прв официјален студиски албум, кој го издаде за најголемата издавачката куќа на Балканот, „Кроација рекордс“. На носачот на звук има 11 традиционални песни од Балканот, спакувани во нови аранжмани и отпеани на пет јазици: македонски, албански, турски, српски и бугарски.
– Оваа мини-турнеја е нешто што со нетрпение очекував да ми се случи по концертот во Македонската филхармонија, што за мене претставува второ раѓање и едно вистинско реобликување за какво што претходно можев само да сонувам. За мене голема е радоста што ќе пеам во родниот град Демир Хисар, пред моите сограѓани, како и во Битола – мојот втор дом и голема љубов, како и во Кочани, градот што ме освои со близината што ме дели од најмагичните зајдисонца што некогаш сум ги видела. Посакувам и овој пат, како и на концертот во Македонската филхармонија, преку фреквенцијата на музиката да се прегрнуваме, да плачеме и да се утешиме, да ѝ се радуваме, да ја помилуваме одблизу песната на народот, да ја налееме со љубов и одново да ѝ дадеме крила. Музиката да лета слободна и да патува сѐ до онаму до каде што некому ќе биде мелем и уживање – вели Зарина Првасевда.